X
 14.10.2018 Култура

Ноам Чомски: Разочарувањето во институциите доведе до точка во која луѓето повеќе не им веруваат на фактите

Ноам Чомски ги надмина сите бариери на исчезнувањето. Тој не зборува за неговиот приватен живот, не користи мобилен телефон и во најтешки времиња останал непоколеблив. Бил уапсен поради неговите критики упатени кон Виетнамската војна, беше на црната листа на Ричард Никсон, го поддржа објавувањето на документите од Пентагон и ја осуди крвавата војна на Роналд Реган. Во изминатите 60 години водел многу битки. Еднакво ги брани правата на Курдите и се бори против климатските промени и ги брани правата на илегалните имигранти.

Во последната негова книга „Реквием за американскиот сон“ тој ги сумира аргументите од истоимениот документарец и ја прикажува срамната концентрација на богатство и моќ во западните демократии. Резултатот е 168 страници Чомски во најчиста форма.

Дали се сметате себеси за радикален?

Сите себеси се сметаме за умерени и разумни.

Но, идеолошки сте јасно определени.


Оние кои треба да се правдаат се моќните на власт. Секоја хиерархија е нелегитимна додека не се докаже спротивното. Понекогаш може да се оправдаат, но воглавно не. Тоа анахризам.

Дали живееме во време на разочарување?


Пред 40 години неолиберализмот, што го водеа Роналд Реган и Маргарет Тачер, го нападна светот. И имаше ефект. Акутната концентрација на богатството во приватни раце беше проследена со губење на моќта кај општата популација. Луѓето сѐ помалку се застапени и водат несигурни животи со сѐ полоши работни места. Резултатот е мешавина од бес, страв и ескапизам. Тие повеќе не веруваат ни во самите факти. Некои тоа го нарекуваат популизам, но во реалноста тоа е дискредитација на институциите.

Така ги добивме лажните вести?


Разочарувањето од институционалните структури доведе до точка во која луѓето повеќе не веруваат во фактите. Ако не верувате никому, тогаш зошто би им верувале на фактите? Ако никој не направи ништо за мене, зошто би му верувал било кому?

Дури ни медиумите?

Повеќето служат за интересите на Трамп.

Но, има и многу критични како „Њујорк Тајмс“, „Вашингтон пост“, Си-Ен-Ен...

Погледнете телевизија и насловните страници на весниците. Не постои ништо освен Трамп, Трамп, Трамп. Медиумите наседнаа на стратегијата на Трамп. Секој ден тој им фрла по една лага за да се најде под рефлекторите и да биде во центарот на вниманието.  Во меѓувреме, дивата фракција на републиканците развива своја политика на крајна десница, намалувајќи ги правата на работниците и напуштајќи ја борбата против климатските промени, а тоа може да нѐ уништи.

Дали сметате дека Трамп е ризик за демократијата?

Тој е голема опасност. Свесно и намерно ослободи бранови на расизам, ксенофобија и сексизам кои беа латентни, но кои никој пред него не ги легитимизира.

Дали може повторно да победи?

Можно е, ако успее да го одложи смртосното влијание на неговите политики. Тој  е целосен демагог и шоумен кој знае како да ја одржува активна својата база на обожаватели. Му оди во корист и тоа што демократите се во збунетост и можеби нема да излезат со уверлива програма.

Дали сѐ уште го поддржувате демократскиот сенатор Берни Сандерс?


Тој е пристоен човек. Го користи терминот социјализам, но всушност се залага за демократија. Успехот на Сандерс, повеќе од Трамп е вистинско изненадување на изборите во 2016 година. Тој за малку ќе станеше претседателски кандидат без поддршка од корпорациите и медиумите, само со поддршката од јавноста.

На некои места во Европа се случува истото. Но, ништо слично како ова што се случува тука.

Дали се плашите од национализмот?


Зависи, ако тоа значи да сте заинтересирани за вашата локална култура, тоа е добро. Но, ако тоа е оружје против другите, знаеме каде води, видовме и искусивме.

На почетокот на вашата книга се потсетувате на Големата депресија, време кога „сѐ беше полошо од сега, но постоеше чувство дека ќе биде подобро“.


Добро се сеќавам. Моето семејство припаѓаше на работничката класа, беа невработени и без добро образование. Генерално, тоа беше многу полошо време отколку сега, но постоеше чувство дека сите сме заедно во тоа. Тогаш имавме претседател кој сочувствуваше со страдањето на луѓето, синдикати кои беа организирани... Постоеше идеја дека заедно моеме да ја победиме кризата. Тоа чувство е изубено. Сега ни се чини дека сме сами во безизлезна ситуација, а државата против нас.

Дали сѐ уште има надеж?


Секако дека има. Сѐ уште постојат јавни движења, луѓе подготвени да се борат. Тука се можностите, прашање е само дали сме способни да ги искористиме.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура