X
 11.11.2015 Образование

Нема пари за одржување на факултетските лаборатории



Најсовремена опрема во риунирани простории, скапи лаборатории со опрема, но без потрошен материјал и средства за одржување на истите, но и лаборатории со скромна апаратура кои одлично функционираат благодарение на волјата на професорите. Вака накратко може да се опише состојбата со лабораториите на македонските факултети.

Професорка од техничките науки објаснува дека не секогаш има услови за работа, како за професорите така и за студентите.

- Секоја лабораторија е приказна за себе. Вежбите за некои предмети ги вршиме со импровизирање и во услови од минатиот век, а за некои имаме современи лаборатории со одлични услови за работа. Потрошен материјал некогаш има, некогаш нема, зависно од тоа дали факултетот обезбедил пари за тоа, бидејќи од државата нема помош. Акцијата на МОН за опремување на дел од факултетите со современи лаборатории мора да се пофали, но никој не мислеше дали и како факултетите ќе имаат пари да ги одржуваат – вели таа.

Факултетите како што е на пример Природно математичкиот на УКИМ имаат огромен број на лаборатории кои секако не е лесно да се одржуваат. Професорот Оливер Зајков од Институтот за физика објаснува дека само тие имаат 16 лаборатории. Дел од нив се користат само за студентски експериментални вежби, а дел од нив и за научни истражувања. Зајков за Факултети објаснува дека тие се опремени со опрема од најразлично ниво: од ниско ниво, која што е релативно евтина, па сè до софистицирана и скапа опрема.

- Го потенцирам зборот, релативно, затоа што она што е за нас евтино (а навистина е евитно на скалата на овие мерила), може да биде скапо за некој друг. На пример, една обична светилка што работи на 12 В со држач чини неколку стотини евра. Во лабораториите има речиси сè она што е потребно за успешна настава. За среќа, конкретно на физика, во изминативе 15-ина години низ разни проекти (Темпус проекти и проекти со Меѓународната агенција за атомска енергија) успеавме да ги опремиме студентските лаборатории доволно добро. Речиси сè што можат да видат студентите во странство, можат да видат и нашите. Разликата помеѓу нашите студенти и оние во развиениот свет е тоа што нашите студенти ќе го видат тоа со помош на апаратура која е застарена или припраена во нашите работилници, а не ретко направена од прирачни средства. Тоа би значело дека во моментов се снаоѓаме по системот “сиромав човек, жив ѓавол”. Но, се разбира, секоја импровизација е на штета на квалитетот на наставата – вели Зајков.

Професорот Зајков заклучува дека состојбата со лабораториите не е катастрофална, но не е ниту одлична. Проблем се парите за нивно одржување бидејќи ги нема.

- Од МОН не сме добиле пари за обновување на апаратурата во лабораториите. Уште повеќе, за да работат тие лаборатории секојдневно се трошат материјали, почнувајќи од најосновните, како што се дестилирана вода, алкохол и разни други хемикалии, преку разни типови лабораториски хартии, па се до осигурачи, светилки и др. Кога станува збор за апарати, инструменти и други уреди, мора да се спомне и трошокот за нивно одржување. Тука сè уште не сме дошле до надградување, унапредување и проширување на тие уреди. Но, проблем не е само изворот на пари. Проблем се и процедурите. Дури и кога ќе се најде и ќе се скрпи некако некој денар, на сцена доаѓаат сите препреки поврзани со распишување тендери. Тоа е веќе друга приказна -вели тој.

Некои факултети проблем имаат и со ентериерот и условите во кои работат се многу лоши.

- За обновување на ентериерот не можеме ни да сонуваме. Зградата е направена во далечните педесетти години од минатиот век. Оттогаш не е сменет ниту еден прозор. Во ова време на енергетска ефикасност, нашата зграда троши многу енергија за затоплување, затоа што е енергетски неефикасна. Летно време во лабораториите е пеколно, прво, поради енергетската неефикасност која ја спомнав претходно, а второ, затшто нема клима-уреди. Пари нема за таков луксуз -завршува Зајков.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование