X
 15.09.2018 Наша тема

Натпревар меѓу Вардар и Шкендија без тепачки?! Нови интеррелигиски студии на Филозофскиот факултет ќе нудат решенија

Се отвора нова студиска програма за интеррелигиски студии која ќе биде поддржана и од Центар за интеррелигиски истражувања, во рамките на постојниот Центар за интеркултурни студии. Очекуваме студенти од секакви профили. Почнуваме со нешто што го нема ниту во Македонија ниту во регионот


Секуларизмот е утопија и во Македонија и во регионот. Имаме поделено образование, различна религија, мешани бракови речиси и да не постојат. А религискиот дијалог и толеранцијата се одредници за нашиот влез во Европската Унија и во НАТО, вели д-р Зоран Матевски, професор по социологија на религијата на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Тој ја најавува новата програма за интеррелигиски студии (за втор циклус на студии), единствена од овој вид во регионот. Уписите за магистерски студии почнуваат за две недели, а кон средината на идниот месец почнуваат предавањата. Студиите се отворени за сите дипломирани студенти, од секој факултет, и ќе траат два, односно четири семестри (4+1, односно 3+2). Студиите ќе бидат при Филозофскиот факултет, а ќе предаваат реномирани професори од земјава и од странство.


Проф. Зоран Матевски: Топ-тема на денешницата е религискиот неоекуменизам

Што ново нуди годинава вториот циклус на студии на Филозофскиот факултет во Скопје?

- Се отвора нова студиска програма за интеррелигиски студии која ќе биде поддржана и од Центар за интеррелигиски истражувања, во рамките на постоечкиот Центар за интеркултурни студии. Очекуваме студенти од секакви профили. Почнуваме со нешто што го нема - ниту во Македонија, ниту во регионот. Ова се први интеррелигиски студии во регионот. Идејата е да се фати тој момент на религиски дијалог и толеранција кој би нѐ движел кон религиски екуменизам – помирување на православието со католицизмот. Но топ-тема на денешнината е религискиот неоекуменизам – помирување на исламот со христијанството. Во светот постојат многу екуменистички студии, тоа го форсира Ватикан и го има Западна Европа. Ние не го следиме тој принцип и затоа сме уникатни и во Европа. Програмата ќе биде во рамките на новиот Центар за интеррелигиски истражувања за да привлечеме и студенти од регионот – Србија, Црна Гора, Косово, дури и од Бугарија и од Грција. Уникатно е и потребно.

Колку чинат уписите?

- Парите за упис нема да бидат проблем. Ако два семестра чинат 1.000 евра, во договор со деканска управа може да се плати на многу рати, како му одговара на студентот. Секој ќе може да ги почне студиите буквално бесплатно, потоа сè да се надополни. Се адаптираме на финансиската состојба зашто знаеме сите во каква ситуација сме.

Кој беше главниот мотив за да се отвори токму ваква програма?

- Единствени сме и сакаме да бидеме први. Втора работа е религијата. Денес практично нема секуларизација. Таа е мит, не е стварност. Зборувам за целиот регион, не само за Македонија. Има комплетно преклопување на религија, политика, црква, држава. Не навлегуваме дали е тоа добро или лошо. Тоа е факт. Секуларизација имаме само во Устав, а не во рамките на општественото живеење. Бидејќи нема секуларизација, улогата на религијата сè повеќе се зголемува. Сите истражувања покажуваат дека по осамостојувањето на Македонија бројот на верници од година на година се зголемува. Значи религијата е присутна и е многу битна. Тука е улогата на црквите. Македонската православна црква е апостолска црква. Во светот има 3-4 такви и нивното влијание е исклучително високо. Утопија е да се обидеш тоа влијание да го маргинализираш и да се доведеш до ситуација на секуларизација - да се одвои црквата од државата. Земете ја за пример Србија. СПЦ е толку јака и силна, има толкаво влијание врз општествените случувања, што тоа нема никогаш да се спречи. Слично како влијанието на Ватикан во Хрватска или на Православната црква во Грција. Ние сме држава во која влијанието на религиските организации е огромно. Во науката има различни толкувања - јас им припаѓам на оние социолози на религија кои сметаат дека религијата има само позитивна функција. Затоа таа треба да се искористи за да се подигне нивото на моралните норми, на религиски дијалог и толеранција и да се оди повеќе кон тој екуменизам или религиска љубов меѓу припадниците, особено на христијанството и на исламот.

На Филозофскиот факултет ќе биде отворен Центар за интеррелигиски студии

Кои религии ќе бидат опфатени во новата програма?

- Клучниот предмет е социологија на големите светски религии. Ако денес има 130 живи религии, 20. најголеми ќе бидат сериозно изучувани. Ислам, христијанство (православие, католицизам, протестантизам), сè што значи будизам, хиндуизам, ориенталистички религии, јапонски, кинески религии... Но, ќе бидат опфатени и политеистички религии кои не се живи, а за нас се битни – античката грчка, римската религија, египетската. Сè ќе се изучува од социолошки аспект. Студиите се така поставени што во основата да имаат социологија на религија, филозофија на религија, но има и антропологија на религија, историја и психологија на религија и сè што е надвор од теологија.

Кој сè ќе предава на новата програма?

- Ги имаме најголемите брендови и имиња што значат нешто не само во Македонија, туку и во регионот и пошироко. Има предавачи од Македонија, но и од универзитетите во Белград, Загреб. Планираме да се отвориме кон Бугарија, Романија, Грција и Полска, која е многу важна. Со Полска долго време работиме заеднички програми, особено со Јагелонскиот универзитет во Краков. Веќе има професори што ќе предаваат на новата програма. Полска многу ја има развиено социологијата на религија. Освен тоа, таа е држава во која религијата има исклучително големо влијание поради Католичката црква и сите папи што доаѓаат оттаму. Сиве овие предавачи се луѓе кои ја истражуваат религијата. Теоретската основа ќе им се даде на студентите само во рамките на 5-6 часа. Сè друго ќе биде во рамките на истражувања со кои ќе раководат луѓе што се брендови во својата наука и ја истражуваат религијата.


Толеранцијата е една од одредниците за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ

За кого првенствено се наменети?

- Има една интересна појава – студенти што завршуваат теолошки факултет сакаат световно образование. Имам многу такви кандидати на магистерски и докторски студии. Интересен е феноменот - сакаат пошироко да ја запознаат религијата, не само од теолошки аспект. Очекуваме дипломирани социолози, психолози, историчари, математичари... Пристапот е интердисциплинарен и тоа е иднината на науката – таа не може да се ограничи. Ќе ги примаме сите - и оние што завршиле медицина, ПМФ... Денес има науки што се занимаваат со социјална генетика или со социјална биологија, имаме состојба на комплетно приближување на религијата со сите други науки. Секој ќе си даде придонес од свој домен, во свој контекст. На пример, студенти од ПМФ може да се посветат на улогата на религијата во еколошкиот дел. И Ајнштајн се обидувал да докаже постоење на Бог со математички формули.

Како понатаму ќе ја развивате програмата?

- Пред да се отворат студиите, разговаравме со претставници од Министерството за образование и наука и на Владата дека се планираат центри за интеррелигиски истражувања или интеррелигиски дијалог. Центрите ќе прават истражувања и ќе ја играат улогата на помирување на религиите. Можеби во иднина ќе прераснат во екуменистички центри. Но, во овој момент ни треба интеррелигиски дијалог. Тоа ни е клучно и битно. Во регионот постојат специјализирани медиуми кои се занимаваат со тоа. Ние ќе се обидеме да го пополниме и тој медиумски вакуум. Па, тие што ќе магистрираат ќе можат да работат во медиуми, да отвораат канали, сопствени истражувачки центри. Очекуваме поддршка од МОН и од Министерството за финансии за да се отворат центрите за интеррелигиски дијалог. Тоа е клучна одредница за влез во ЕУ и во НАТО. Суштинска е соработката со религиски организации – со МПЦ, Синодот, Богословскиот факултет, но и со ИВЗ и Факултетот за исламски науки, заедно. Во светот не постои теолошки факултет без световен предмет, како социологија или филозофија. Но, на филозофските факултети доаѓаат професори од теолошките факултети, па студентите можат изборно да слушаат предавања. Се обидуваме да се приближиме. На добар пат сме.

Дали ќе се воведува трет, односно прв циклус на студии?

- Трет циклус сигурно. Но, треба да излезат барем две генерации, да видиме како ќе се развива. Вториот е мост кон третиот циклус на образование. Без трет не правиме ништо, ќе биде уште поразвиен, особено во истражувачкиот дел. Отворањето прв циклус е покомплексен процес, но размислуваме и во тој правец.

Има ли ограничување колку студенти ќе бидат примени?

- Планираме 30 студенти, но нема да има проблем ако се пријават повеќе. Сите ќе бидат примени. Деканот има голема улога, без деканска управа ништо немаше да направиме. Во рамките на истражувачкиот центар ќе има списание со импакт-фактор. Такво има само во Белград, каде што светски имиња би имале свои статии. Ќе организираме балкански конференции за интеррелигиски дијалог, со учесници од регионот.


Сè уште имаме интеррелигиски и интеретнички инциденти

Во каков интеррелигиски дијалог живеат граѓаните на Македонија денес?

- Ние сме 17 години во постконфликтен период – сè уште имаме голем проблем. Сè уште имаме интеррелигиски инциденти, интеретнички, сè уште не можеме да организираме финале во фудбал меѓу Вардар и Шкендија без тепачки. Има проблеми. Нешто се поправа, но не е онака како што треба да биде. Секогаш сме на различни бранови должни. Ние сме унитарна држава, но сме мултиконфесионално општество. Преку новиот центар и истражувањата ќе се обидеме да влијаеме врз воспитувањето на децата. Ќе се обидеме да го зголемиме процентот на интеррелигиски бракови, кој кај нас е практично на нула. Клучно е и нашето образование, расцепкано на две етички групи. Имаме македонски и албански основни училишта, така е со средните училишта, така е со универзитетите. Ако нема поместување во клучните институции, ништо нема да постигнеме. Тоа ќе биде пораката и до политичките елити и до религиските организации. Да се обедини образованието, да биде едно за сите религии и етнички групи. Очекуваме во таа соработка тие да ни даваат проекти. Да бараат од нас да направиме конкретни истражувања. Така е во светот. Тоа може да биде МПЦ, ИВЗ, јеховини сведоци или Адвентистичката црква. Ние ќе бидеме отворени кон сите. Како што се прави истражување за политички партии, за гласачко тело, така и за религии. Тоа ни е целта.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема