Една од најголемите нискобуџетни авиокомпании,
Ryanair, неодамна најавила можност за воведување бесплатни карти за своите патници, но иако познавачите на состојбите во оваа област тврдат дека засега тоа е на границите на возможното, не ја исклучуваат можноста за реализација на таквото сценарио.
Директорот Michael O´Leary најавил дека летовите со таа компанија, во следните пет години би можеле да бидат бесплатни. Тој ја споделил својата визија со медиумите, според која летовите би биле бесплатни, а компанијата би заработувала од поделбата на приходите од патниците со аеродромите, вклучувајќи ги и приходите што ги остваруваат трговските и малопродажните објекти на аеродромите.
Најавата на ваквата можност не е единствената идеја пласирана од челникот на Ryanair. Тој претходно предлагал воведување на вертикални седишта во авионите, наплата за користење на тоалетот и можност патниците да летаат стоејќи, за минимална цена на картата.
Некои аналитичари сметаат дека компанијата се користи со проверената тактика на герила маркетинг, чија цел е да се појавува името на компанијата во контекст што е посакуван за купувачите, односно патниците.
Идејата е пререволуционерна и се користи за да се споменува брендот на компанијата во светските медиуми. Со строга контрола на ефикасноста на трошоците, тоа не е невозможно, но е крајно неверојатно, посочуваат тие. Притоа, наведуваат низа трошоци на кои се изложени авиокомпаниите и кои мораат да бидат пресметани во цената на картата, и кои се причина зошто и натаму цената на летањето е висока.
Тука спаѓаат трошоците за персоналот, потоа доаѓа и одржувањето, кое е клучно за безбедноста на летот и имиџот на компанијата. Тука е и лизингот за леталата, осигурувањето, аеродромските услуги, трошоците за контролата на летањето и горивото.
Сите овие трошоци мора да бидат пониски од приходите од превозот на патниците, за летовите да бидат исплатливи и да остане нешто за заработка.
Треба да се размисли и колку пати неделно да се планираат летови, која просечна цена може да се постигне и конечно, дали може бројот на патници и просечната цена да обезбедат профитабилни летови.
Ова се предизвиците со кои се соочуваат традиционалните авиокомпании, но нискобуџетарите „им дишат во врат“ со намалувањето на трошоците. Тие компании ги продаваат картите единствено преку интернет, во флотите најчесто имаат летала од еден тип заради поповолната набавка, кетерингот на летовите им е скромен или воопшто го немаат, а бројот на вработени им е законскиот минимум.