Нема новодијагностицирани случаи со коронавирус. Првата пациентка е испишана и е во сосема добра клиничка состојба. Здравствената состојба на сите 18 пациенти е непроменета, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во Владата.
Информира дека во тек е тестирање на седум лица, од кои три од Дебар што имаат симптоми на грип, двајца од Штип и двајца се на Инфективната клиника кои изминатиот период патувале во Австрија и Германија.
Во Дебар, како што истакна, состојбата е мирна и граѓаните се придржуваат до мерките. – Луѓето покажуваат исклучително висок степен на дисциплина, рече Филипче.
Во овој регион се проширува бројката на луѓе што се тестираат со цел детално да се скенира состојбата.
- Се проширува бројот на луѓе што се тестираат. Очекуваме во текот на денов или во текот на утрешниот ден да стигнат меѓу 40, 50 дури и 80 луѓе со цел детално да се скенира овој регион - рече Филипче, додавајќи дека координацијата на здравствените работници во Дебар е добра.
Новина е тоа што Клиниката за психијатрија почнува со психолошка поддршка и оти ќе се ослободи од работа еден од родителите на деца со цистична фиброза. Подготвен е и списокот со лекари, анестезилози и медицински сестри кои би ротирале доколку има потреба.
- Искрено се надевам дека нема да дојде до тоа сценарио да имаме многу пациенти на машини за дишење. На располагање се близу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од целата држава - подвлече Филипче.
За 19 часот е закажано нова седница на Владата, по што министерот ќе информира за најновите одлуки што ќе бидат донесени.
Извор: МИА