Јана неодамна се врати од Ниш со два освоени медали, каде што заедно со уште пет момчиња од Македонија учествуваше на трките „Цар Константин“ и „Златно весло“, на покана од Кајак кану-клубот „Гусар“ од Ниш
Кајак на диви води е спортот што ѝ е вистинска љубов на 15-годишната Јана Ковачева, ученичка во прва година во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Таа неодамна се врати од Ниш со два освоени медали, каде што заедно со уште пет момчиња од Македонија учествуваше на трките „Цар Константин“ и „Златно весло“, на покана од Кајак кану-клубот „Гусар“ од Ниш. Досега има освоено вкупно седум медали, а вели дека патот до секој од нив бил изоден со многу труд и упорност.
На двете трки во Ниш натпреварувачите од Македонија беа со тренерот Трајче Јовковски, како и со водачот на екипата, Дарко Гиговски. Во кадетска категорија, во екипно возење, екипата од Македонија освои две трети места.
Првпат во кајак на 13 години
Јана тренира во кајак кану-клубот „Илинден 90“. Вели дека љубовта кон кајакарството се случила пред три години кога првпат влегла во кајак.
- Првпат влегов во кајак во октомври 2018 година и тогаш сфатив дека овој спорт е токму за мене. За многу брзо почнав да ги совладувам техниките и сè уште се усовршувам. Во овој спорт најмногу ми се допаѓа тоа што сме секогаш во природа. Во моето семејство никој не се занимава со овој спорт. Всушност, јас почнав да одам на тренинзи поради мојата најдобра другарка Јана Мишевска, која ме покани да одам на еден тренинг и така заедно продолживме да тренираме и научивме да го сакаме спортот - вели Јана.
Тренинзи шест пати неделно
Понекогаш тренинзите знаат да бидат напорни, но тоа најмногу зависи и од моето расположение, раскажува Јана. Таа вели дека секој ден имаат тренинзи кои обично траат по 1,5 час. Започнуваат околу 14 часот, а за викенди од 10 часот.
- Најпрво сите групно се загреваме и се растегнуваме, а потоа тренерот или ние самите правиме патека на капиите и за крај малку се развеслуваме, па излегуваме од вода, се пресоблекуваме и заедно си одиме, кој со велосипед, кој пешки. Најчесто тренираме во езерцето во Градски парк, но понекогаш одиме и на Матка или на Вардар - вели Јана.
За да може некој професионално да се занимава со овој спорт, појаснува Јана, потребно е да има шприцерка која заштитува да не влегува многу вода во кајакот, кошула по кратки ракави и кратки бермуди за пролет и лето, а за во есен и зима долги бермуди и кошула по долги ракави, потоа, чорапи или патичиња за веслање, ракавици, термомаички за веслање, комплет кошула и шприцерка, кајак, весло, кацига и појас за спасување и, се разбира, желбата, особено кога времето е постудено, е најважното нешто.
- Се разбира, желбата е најважна - низ смеа вели Јана.
Прв натпревар надвор од државата
Ковачева досега има освоено седум награди, а натпреварот во Србија ѝ бил прво искуство надвор од земјата.
- Од седумте медали, две се прво и второ место. Сега првпат се натпреварував надвор од државата. Во Србија освоив 2. и 3. место. Искрено, многу ми се допадна целата организација и се дружевме со децата од другите клубови и подобро се запознавме. Тоа беше едно убаво искуство кое едвај чекам да се повтори. Наскоро ќе се организираат и други трки надвор од Македонија, на кои сум уверена дека уште повеќе ќе се забавуваме и се надевам дека ќе се вратам дома со освоено 1. место. Сфатив дека вложениот труд секогаш се исплати и никогаш нема да се покаам што го одбрав овој спорт - уверена е Јана.
Освен што тренира, таа во слободното време чита книги, вози велосипед, а најинтересно ѝ е да учи нови јазици. Оди и на курс по руски јазик.
- Излегувам со друштво кога имам време, а за летниот распуст секојдневно се дружиме и покрај тоа што имам тренинзи - додава Јана.