X
 07.06.2017 Култура

Турско-американскиот музичар Омер Фарук Текбилек ќе го отвори Скопско лето

Манифестацијата ќе биде отворена и со изложба на Едина Селешковиќ и концерт на „Лачни Франц“. Билетите за концертот на Текбилек веќе се продаваат по цена од 500 и 600 денари



Познатиот турско-американски музичар Омер Фарук Текбилек на 21 јуни ќе го отвори 38. издание на манифестацијата Скопско лето. Концертот е закажан за 22 часот во Македонската опера и балет, а билетите веќе се продаваат по цена од 500 и 600 денари. Текбилек ќе допатува специјално од САД за да настапи на најголемата културна летна манифестација во главниот град. Тој свири на повеќе инструменти - неи, саз, тарабука, ут и зурла, а во Скопје ќе настапи со својот ансамбл – Алесандро Гвис, на клавијатури, Бахадир Сенер, на канон, Федерико Ферандина, на гитара, Ратко Даутовски на перкусии и Вагелис Карипис – тапани/перкусии.

Манифестацијата ја организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје. На отворањето на 38. издание на Скопско лето ќе биде отворена и изложба „Мисли слобода“ на Едина Селешковиќ од Босна и Херцеговина, која повеќе од 25 години живее во САД. Изложбата-специфична инсталација ќе биде отворена на улицата „Македонија“. Веќе следната вечер (22 јуни во 19.30 часот) на платото пред МОБ концерт ќе одржи словенечкиот рок-бенд „Лачни Франц“ предводен од харизматичниот фронтмен Зоран Предин.

Дирекцијата за култура и уметност-Скопје денека го промовира и новиот постер на годинашното Скопско лето. Автор е уметникот и графички дизајнер, Христијан Санев.

Организаторите најавија дополнителна конференција за новинарите на која ќе ја соопштат целата програма на Скопско лето, кое традиционално трае до 31 јули.

Омар Фарук Текбилек е роден во Адана, Турција, во 1951 година. Тој е еден од најеминентните турски музичари и композитори, виртуоз и еден од најбараните музичари чиешто творештво ги надминува сите граници. Негувањето на етно музиката го издвојува и го става во редот на најзначајните светски уметници.

Музичкиот стил и инспирација ги црпи од традиционалната Суфи уметност и арапската традиционална музика во кои вклучува амбиентални електронски елементи. Четирите столба на неговата креативност вклучуваат мистицизам, романтика, фолклор и имагинација – велат од Дирекцијата.

Музичките вештини на Тикбелек дошле до израз уште во неговите тинејџерски години кога како гостин-музичар почнал да соработува со најпознатите турски музичари од крајот на 60-те години на 20. век - флејтистот Орхан Генчебеј, саксофонистот Исмет Сирал, перкусионистот Бурхан Тонгуч и повеќе познати пејачи. Откако се етаблирал во музичките кругови во Турција, ја почнал турнејата низ Европа и Австралија, а во 1971 година концертира низ САД како член на турскиот класичен фолк ансамбл. За време на турнејата ја запознал својата идна сопруга, Сузан, која е и причина за неговата преселба во државата Њујорк во 1976 година. Таму го формира бендот „Султан“ со клавијатурист од Египет, бузуки музичар од Грција и братот на сопругата кој свири на ударни инструменти. Започнуваат како поп бенд, но набргу се свртуваат кон традиционалната музика од Блискиот Исток со што многу брзо привлекуваат обожаватели и љубителии на тој жанр. Со бендот има снимено пет албуми.

Патот кон светската слава ќе му ја отвори средбата и соработката со Brian Keane познатиот американски композитор, продуцент и гитарист во 1988 година, со кого ќе сними неколку композиции и ке се позиционира меѓу најбараните и најпрепознатливите автори на етно и традиционалната музика од Блискиот Исток и ќе биде многу често баран за снимање филмска и музика за тв реклами.

Тој соработувал со водечки музичари со меѓународна репутација меѓу кои се американските џезери, трубачот Дон Чери, клавијартуристот Карл Бергер, перкусионистот Џинџер Бејкер, израелската пеачка Офра Хаза, палестинскиот виртуоз на ут и виолина Симон Шахин, најпознатиот шпански фламенго пеач Енрике Моренте и многу други. Учествува на бројни турнеи низ Северна и Јужна Америка, Блискиот Исток, Австралија, Европа, а чест гостин е во Грција, Унгарија, Турција, Ираел.

Гостувањето во Скопје е помогнато од Турскиот културен центар „Јунис Емре“ во Скопје.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура