X
 24.10.2017 Култура

Радјард Киплинг – „Ако“


Радјард Киплинг
(Фото: Wikipedia)


Ако ладна глава чуваш кога другите сите

Губат своја и те винат тебе луто;

Ако веруваш во себе штом те сомничи секој,

Но да имаш пак слух и за сомнежот туѓ;

Ако можеш да чекаш без премор и прекор,

Ако лажат за тебе, да не лажеш ти,

Ил’, ако те мразат, ти да не мразиш

А да не изгледаш предобро, ни премудро да звучиш;

 

Ако можеш да сонуваш – но сон да не ти е власт;

Ако можеш да мислиш – но мисла да не ти е цел;

Ако можеш да се соочиш и со триумф и со пропаст

И со обата измамници да се понесеш ист;

Ако можеш да стрпиш да чуеш вистина што си рекол

Искривена од подлец да смами глупав в замка,

Или да го гледаш падот на сѐ што живот ти било,

Да се наведнеш и градиш пак со изабена рамка;

 

Ако можеш сѐ што си стекнал да ставиш на куп

И на ризик на едно фрлање на зар,

Да загубиш сѐ, но потем нов да почнеш пак,

А да не речеш ниту збор за загубата на друг;

Ако можеш да стегнеш срце, нерв и жила

Да ти служат долго откако сотрени се,

И така да издржиш кога ништо веќе немаш

Освен Волја која вели: „Крени се“;

 

Ако можеш да скротиш толпа, а да сочуваш доблест,

Ил’ да одиш со крал – без да губиш дух прост;

Ако ниту душман ниту мил другар те болат;

Ако секој смета на тебе, но никој до крај;

Ако можеш да исполниш безмилосна минута

Со шеесет мига вредни долг пат минат –

Твоја е Земјата и сѐ што таа има,

И – побитно – ќе бидеш Човек, сине!


Препејувач: Д-р Ана Пејчинова
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура