X
 18.12.2017 Живот

Пет места каде што може да избие војна во 2018 година


Војници
(Фото: Pixabay)


Светот останува да биде опасно место, а дипломатската конфузија на администрацијата на Доналд Трамп само придонесува во создавањето неизвесност во светот во поглед на американските намери и способности, оценува американското списание „Нешенел интерест“ во своето најново издание, во кое се наведуваат пет кризи што би можеле да прераснат во отворен конфликт меѓу големите сили во 2018 година.

Светот успеа да се провлече низ поголемиот дел од 2017 година без катаклизмичен конфликт меѓу велесилите. Во некои делови од светот (пред сè во Сирија) напнатоста значително се намали. Во други делови, пак, тешките ситуации станаа уште понапнати, оценува овој американски двомесечник.

Како што се оценува во текстот на Роберт Фарли, петте кризи што би можеле да прераснат во конфликт меѓу големите сили во текот на 2018 година се Северна Кореја, Тајван, Украина, јужното крило на НАТО и Персискиот Залив.

Северна Кореја без двоумење е најопасната надворешнополитичка криза со која се соочува светот денес.

Успехот на Пјонгјанг во развивањето балистички ракети, комбиниран со дипломатското неискуство на администрацијата на Трамп, создава вонредно опасна ситуација.

Северна Кореја, наново изведувајќи ракетни проби и нуклеарни тестови, покажа дека нема намера да отстапи пред американскиот притисок.

САД одговорија со дипломатска недоследност затоа што високите функционери честопати даваа спротивставени изјави во рок од неколку часа.

Ситуацијата дополнително се компликува и од фактот дека и Северна Кореја и САД имаат превентивни планови – САД да ја уништат севернокорејската комуникација и инсталации пред ракетите да се лансираат, а Северна Кореја да ја избегне таквата „судбина“.

Ваквата ситуација лесно би можела да доведе до погрешни процени од која било страна и до потенцијална војна во која би можеле да бидат вовлечени и Кина и Јапонија.

Што се однесува до Тајван, „Нешенел интерест“ оценува дека неодамнешните агресивни изјави на кинеските воени и дипломатски лидери навестуваат дека барем некој во Пекинг верува дека воената рамнотежа се поместила во нивна корист.

Таквата перцепција речиси сигурно е избрзана и не е став на целото раководство на НР Кина, но сепак е опасна.

Кина исто така ја засилува воената активност во регионот, иако имајќи го предвид нејзиниот растечки воен профил, тоа важи за речиси секој регион на нејзините граници.

САД одговорија со смиреност,  но осудувајќи ги ваквите кинески чекори, најавија крупна продажба на оружје на Тајван.

Администрацијата на Трамп, меѓутоа, ги замати дипломатските води со својот конфузен став за Северна Кореја кој вклучуваше и повик до Кина да ги засили санкциите кон Пјонгјанг.

Во односите меѓу Пекинг и Вашингтон, кои бараат предвидливост и внимателна дипломатија, значајните играчи во Кина и на САД изгледа се подготвени да ја прифатат неизвесноста, што би можело да доведе до разорен конфликт.

Ситуацијата во Украина останува напната затоа што на истокот од земјата владее кревок прекин на огнот, констатира „Нешенел интерест“.

Во самиот Киев, демонстрациите и бизарната сага со поранешниот грузиски претседател Михаил Сакашвили го покренаа прашањето за стабилноста на владата.

Конфликтот би можел да избие на повеќе начини. Колапсот на украинската влада, кој теоретски би бил корисен за Москва, би можел да доведе до нестабилност и насилство.

Силите блиски на Москва би можеле да се почувствуваат засилено, а самиот Путин би можел да препознае шанса да заземе поголем дел од Украина.

Од друга страна, колапсот на владата во Киев би можел на власт да ги донесе крајните десниичари, што само би долеало масло на огнот на конфлитот во Источна Украина.

Иако администрацијата на Трамп се откажа од млаката поддршка што на Киев му ја даваше Барак Обама, сериозен руски воен упад во Украина би бил закана за вовлекување на Европа и САД во конфликт со Русија.

Кога се работи за јужното крило на НАТО, оценува списанието, односите помеѓу Турција и САД практично се нарушени од минатата година, додека Анкара и Москва значително се приближиле.

Турското отуѓување од ЕУ и САД, симболизирано со купување руско оружје, би можело да води кон значајна промена во регионалниот однос на силите.

„Нешенел интерест“ истакнува дека Турција, Русија и САД не гледаат на војната како на разумен начин на  решение, туку како на нова дипломатска ситуација. Но Турција е вонредно значајна земја и нејзиниот став влијае врз исходот од случувањата во Сирија, Ирак, Иран, на Балканот и на Кавказ.

Поместувањето на турската дипломатска ориентација би можело да има непредвидливи последици по должината на границите на земјата, особено кога станува збор за курдските аспирации за создавање држава, а би можело да влијае и врз спорот во Нагорно-Карабах.

Таквиот развој на случувањата би можел да влијае врз начинот на кој земјите од Југоисточна Европа размислуваат за својата приврзаност кон НАТО. Тоа би можело да предизвика или Москва или Вашингтон погрешно да ја процени силата на своите карти.

Во врска со Заливот, „Нешенел интерест“ укажува дека Средниот Исток отсекогаш бил семе на конфликт меѓу големите сили, иако тоа семе ретко кога вродило со плод.

Додека граѓанската војна во Сирија стивнува, вниманието се свртува кон конфронтацијата помеѓу Иран и Саудиска Арабија.

Ријад и понатаму изгледа дека е „лесен“ на оружје и склон насекаде да гледа вмешана рака на Техеран. Иран, од своја страна, продолжува да го шири своето влијание во Ирак, Сирија и на други места.

Администрацијата на Трамп главно ја прифати победата на режимот на Асад во Сирија и ги пренасочува своите напори за спротивставување кон Иран.

Тоа вклучува и давање бланко-чек на Саудиска Арабија во Јемен и на други места, што би можело лесно да доведе до претерана самоувереност на Ријад.

Дали Ријад и Техеран би можеле да ја искоренат својата војна?

И порано во Заливот имало војни без вклучување на остатокот од светот, но Ријад покажа јасна подготвеност да изгради дипломатска и воена коалиција против Иран, можеби во неа да го вклучи и Израел. Со Русија, која повторно ја потврдува својата позиција во регионот, многу е лесно да се замисли конфликт меѓу големите сили.

Оценувајќи дека неизвесноста што ја создаде администрацијата на Трамп не им дала можност на другите држави за настап, „Нешенел интерест“ заклучува дека со тоа се зголемува можноста за погрешни процени во кризни и некризни ситуации.

Се надеваме дека надворешнополитичкиот тим на Трамп, додека се формира и созрева, ќе развие подоследен пристап кон дипломатијата, што ќе ја намали заканата што ја претставуваат некои од овие кризи, истакнува списанието.
 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот