X
 18.02.2023 Наша тема

Музејот за тутун во Прилеп е втор по големина и по значење во Европа

Во Прилеп тутунот е повеќе од растение, тој е културен и социјален феномен: „Ние ги чекаме парите од тутунот да направиме свадба, да купиме нива или да школуваме деца...“, нè информира Александар Цветкоски

Од богатиот фонд од околу 3.000 собрани експонати, во Музејот за тутун во Прилеп се изложени 1.030. Тие се групирани по приказните што ги носат.
Најмногубројни се лулињата. Со богатство на мотиви и орнаменти, голем дел од нив се од познати светски производители, меѓу кои и оние што биле изложени на светските изложби во Виена и во Париз во 19 век. Гордост на музејот се чубуците. Направени од злато, сребро, седеф, слонова коска и коска од носорог, скапоцени дрвја, севернобалтичка амбра и сл.



Бурмутиците ги презентираат времињата во кои тутунот се користи како лековито средство, со неизоставниот печат на преовладувачкиот дворски вкус во Франција. Впечатливи се оние од лаково дрво, желкина кора и нефрит. Вредноста на експонатите за производство, преработка и уживање на тутун го сместија овој музеј во еден од најубаво опремените во Европа. Поради раритетноста, исклучителноста и убавината, збирката не ги остава рамнодушни посетителите потсетувајќи, со својата луксузност, дека тутунот е феномен на апсурдот.

- Оваа ретка музејска збирка, за среќа, не е само привилегија за пушачите и стручњаците, туку и за посетителите е вистински празник за очите - вели кустосот на музејот, Александар Цветкоски.



Музејот за тутун е и збирка на луксузни експонати

Музеј за тутун - Прилеп e една мошне специфична и специјализирана збирка на експонати и содржини, поврзани со сите аспекти на тутунот, од начините и формите на негова употреба, производство, трговија и даночна политика, рекламирањето и индустриското производство, производствените центри за такви експонати, стилот, историјатот, како и феноменот на тутунот околу кој се формира духовна сфера, која ние ја препознаваме во многуте легенди и мислења за него.

- Музејот за тутун е и збирка на луксузни експонати. Прилеп е првиот град во Македонија во кој почнало организирано тутунопроизводство, тој бил центар на тутунската индустрија на Балканот и главен производствен центар за тутун, цигарети и научни сознанија за тутунот. Во Прилеп тутунот е повеќе од растение, тој е културен и социјален феномен: „Ние ги чекаме парите од тутунот да направиме свадба, да купиме нива или да школуваме деца...“ - нè информира Александар Цветкоски.


Александар Цветкоски, кустос на Музејот

Овој музеј е втор по големина и по значење во Европа, информира Цветкоски.

- Лулињата се најмногубројните експонати што ги поседуваме. Некои од нив се од светските изложби во Виена и во Париз од крајот на 19 век. Најстарите потекнуваат од средината на 17 век, а имаме лулиња и од првиот пушачки клуб во светот на сер Валтер Рајли. Табакерите со различна старост им припаѓале и на познати и на анонимни ликови. Чибуците се направени од скапоцено дрво, килибар, сребро, злато и разни метали и минерали. Бурмутиците се внимателно избирани при набавката за да ги презентираат раскошот и опсегот на форми, материјали и техники на изработка, но и времињата во кои се настанати - споделува нашиот соговорник.



Во прв план не е староста на експонатите, туку реткоста

Најзначаен, најрепрезентативен и комуникациски приспособен дел на Музејот за тутун е неговата постојана поставка во зградата на Институтот за старословенската култура.
Најмногубројни експонати се лулињата. чибуците, табакерите, бурмутиците, но имаме и многу други видови експонати: дозни за тутун, пепелници, наргилиња, водни лулиња за тутун и опиум, чистачи и полначи за лулиња, порт цигари, камиши, авани и дробилки за бурмут, катери, режачи за цигарети, калапи и други алати за изработување лулиња, шандани (држачи за цигари и кибрити), кутии за тутун, запалки и пирогени, цигари и чкорчиња (палидрвца), тацни за служење цигарети, направи за потпалување на лулињата, чилами за хашиш, запалки, кутии за виткање цигарети, полначи за папироски, сервисни алатки за лулиња, направи за ролање… Постојаната поставка на Музејот за тутун, во оваа форма, е формирана во 1994 година, во реновирана сала и со нови витрини.



- Во прв план не е староста на експонатите (освен во мал дел), туку нивната реткост, документарност, екстравагантност, перфектна изработка - вели кустосот Цветкоски.

Мисијата на Музејот е систематско и стручно собирање, обработка и презентација на информации, видливи и/или духовни манифестации, материјали и експонати од секоја област, во секоја форма и секој медиум каде што тутунот, неговите преработки и финализирани производи се предмет, мотив и инспирација, што значи дека има и пирогени, пушачки дроги и психотропни супстанции.



- Во времето на настанувањето на Музејот, Прилеп бил центар на тутунската индустрија на Балканскиот Полуостров, како и главен производствен центар за тутун, цигарети и научни сознанија за тутунот. Музејот е само валоризација на таа улога на градот - истакнува Цветкоски.

Најважна е документаристичката вредност

Освен постојаната поставка, во која се поместени експонатите за уживање на тутунот во сите негови употребни форми, историскиот развој на начините на употреба на тутунот, ликовни дела и макети, музејот има и збирка наречена „Отворен музеј“, која ја сочинуваат ликовна збирка, збирката на каширани фотографии, збирката составена од видови тутун и финални производи од тутун.



- Експонатите на Музејот за тутун се откупени од разни институции, комисиони, старинарници и поединци од цела Европа, Азија, Африка, а дел се ископани на локалитетите низ Европа. Тие се изработени во познати производни центри во светот, од познати работилници и мајстори, но, исто така, нив ги „произвеле“ и познати уметници од цела Југославија и Европа. Како куриозитет може да се спомене дека повеќето експонати се шверцувани од тие земји затоа што по легален пат не би ни дозволиле да ги извеземе. Дел од експонатите се набавени во производните центри во Зелово (Хрватска), дел во Варна, дел се од ископувања во Битола, Белград и мариовскиот локалитет. Има и малку експонати кои му се подарени на Музејот, а одреден дел земјени лулиња се ископани при археолошките зафати.
Вредноста на експонатите тешко се одредува, но ако се земе предвид дека некои експонати им припаѓале на познати личности, мајстори, производствени центри... вредноста е огромна. Сепак, најважна е документаристичката вредност, која е содржана во научните информации за историјатот на тутунот и неговата феноменологија - посочува кустосот Цветкоски.







Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема