X
 20.05.2018 Наша тема

За што ќе бидат новите упати во здравството и како ќе се даваат

Се прецизира и колку треба да траат прегледите за да не се прават метежи во чекалниците кај докторите

Во Министерството за здравство се довршува работата на правилникот со кој ќе се смени начинот на кој ќе се даваат и користат упати во јавното здравство. Промените се очекуваат за три до шест месеци, а со нив ќе се укине и приоритетниот упат и ќе се воведат два нови. Во исто време се прецизира и колку треба да траат прегледите за да не се прават метежи во чекалниците кај докторите.
- Во крајна фаза е донесувањето на правилник со кој ќе се воведе нов начин на упатување на пациенти – велат од Министерството.

 

Во новиот правилник точно ќе се дефинираат прегледите што се итни или неодложни и за кои нема да е потребно упатување во определен термин. Се предвидува, велат оттаму, Упатот со приоритет да не постои, а ќе се воведе Упат за итен случај кој ќе има важност 24 часа. Во исто време ќе се воведе и Упат без термин, кој ќе се користи во точно определени случаи.
- Тој ќе се користи кога пациентот ќе има потреба заради остварување на некое право како боледување, користење ортопедско помагало и слично. Овој преглед треба да биде реализиран во 7 дена – објаснуваат од Министерството.

Прегледите на пациентите со ваков упат ќе се вршат после прегледите на оние со веќе закажан термин во системот. Лекарите ќе прегледуваат само во работно време. 
- По донесување на правилникот ќе следуваат измени во софтверските решенија и имплементација на новините на терен, кои се очекува да бидат од 3 до 6 месеци – објаснуваат.
За да се намалат метежите, велат од Министерство за здравство, паралелно со донесување на правилникот за упатите треба да се донесе и правилник за времетраење на прегледите и бројот на термини за преглед.



- Со него законски ќе биде определен бројот на термини за преглед за секоја специјалност, со цел прегледите што не се итни да се прегледуваат исклучиво во термин. Со ова установите и лекарите ќе бидат обврзани да ги дефинираат термините и максимално да ги искористат капацитетите – велат од Министерството.

Укинување на приоритетниот упат најави претходниот министер за здравство Арбен Таравари, а го реализира сегашниот, Венко Филипче. Лекарите се жалат дека пациентите им прават притисок за приоритетен упат, и покрај тоа што нивната состојба не е за да го добијат. Овој упат, меѓу другото, беше замислен за неживотозагрижувачки состојби, но за такви кога пациентот треба за брзо време да добие преглед (на пример, напипано грутче на дојка).
Подготвил: Наташа Бошковска - Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема