Владета Јеротиќ, српски книжевник, лекар, психотерапевт, но пред сè ерудит, е роден во Белград во 1924 година, а починал во 2018. По дипломирањето на Медицинскиот факултет, се одлучува да специјализира за невропсихијатар. По завршувањето на специјалистичките студии, своето образование го продолжува во Швајцарија, Германија и Франција, каде дополнително специјализира и психотерапија.
Академик професор доктор Јеротиќ бил член на Здружението на книжевници на Србија, но и на Медицинската академија при САНУ. Автор е на голем број трудови од областа на психоанализата, психотерапијата, религијата и филозофијата.
Тука ќе издвоиме неколку цитати од неговата книга
Само делата на љубовта остануваат, објавена во 1996 година.
*Носи ја љубовта во себе, како едно од важните обележја на творештвото.
* Кога човек би можел само еднаш да увиди колку е залуден најголемиот дел од неговата работа кога не е поттикната од љубовта, би станал помалку суетен и неплоден во своите активности.
* Револтирајте се прво против себеси, а потоа против светот... Прво револуција против злото во себе, а потоа револуција против злото надвор од себе...
* Можеме ли да го почитуваме и сакаме ближниот, а да не се почитуваме и сакаме себеси? Такво нешто, едноставно, не е можно.
* Себичен човек е оној што не се сака себеси.
* Од каде му е на човека онаа вообразена идеја дека самиот себе си е доволен?
* Вистинскиот плод на нашата душа не е осмислениот збор, ниту беседата што грижливо сме ја подготвиле и дотерале. Наш вистински плод е оној збор кој ни „летнува“, кој неконтролирано го изговоруваме, оној збор кој извира од „длабочината на срцето“.
* А што да се каже за духовните човекови функции, за „религиозниот човек“, за човековото верување во бесмртноста на душата, за неговата длабока потреба за ритуали, за жртвување и молитви!
* Современата психологија, додека филозофијата претходно го знаеше ова, со право предупредува дека човекот не може да дејствува правилно, ниту да ги проценува делата и постапките на другите луѓе, додека не ги спознае свесните и уште повеќе, и несвесните мотиви, пред сè од емотивна и интелектуална природа, кои ги поттикнуваат, насочуваат и детерминираат сите наши видливи активности.
* Стравот е уште една болест на денешнината, но или е недоволно истражена, или е премногу субјективна работа.
* Кој од вас сè уште не се уверил дека кога подолго време страда од стравови, задолжително почнува да се сомнева (во себе и во другите) или дека кога сме себични истовремено стануваме и гневни! А може ли човечката совест да ги поднесе стравот, себичноста, сомнежот и гневот без да се претвори во жалосно човечко суштество?
* Стравот се лекува со верба, себичноста со љубов, а жалоста со – надеж.
На самиот крај на книгата, Јеротиќ го охрабрува човекот да ја сфати вистинска цел на сопственото постоење и битисување. Тој треба да разбере дека самиот истовремено е и храм и тврдина:
* Севкупниот минерален, животински и растителен свет, подеднакво и оној кој живее во водата, на земјата или во воздухот, е присутен во телесниот состав на човекот.
Фото: Принтскрин/
Youtube