X
 20.11.2021 Издвојуваме

Димче Ацков изгради екосело од кал и слама, а сонува да му подари шума на човештвото

Во Македонија не можеш да гладуваш, сѐ има во природата: малинки, печурки, бадеми, јагоди, диви цреши... Но, не знаеме да го цениме тоа. Ние не знаеме ниту колку шума имаме, а зборуваме за здрава животна средина, смета Ацков

Екологист, заштитник на природата, авантурист. Велешанецот Димче Ацков, кој пред неколку години го изгради единственото екосело во Македонија во близина на реката Тополка во Велес, е сето она кон што сме се стремеле, но сме му свртеле грб кога сме се заглавиле меѓу градските ѕидини.
А, на неколку стотици метри пред некогашната „Порцеланка“, меѓу грмушките ѕиркаат куќичките со заоблен покрив слични на сцените од филмот „Хобит“, кои Димче ги изградил од камен, кал и слама. Меѓу нив веднаш се чувствува енергијата што тој постојано ја потенцира при своите обуки за градба на кои досега учествувале стотина луѓе.

- Откако ги изградив куќичките, има голем интерес за начинот на градба, па организирам работилници. Ова лето организирав десет, се дружевме во природа, приготвувавме традиционална македонска храна, учевме за природна градба и како да се направи куќа од еколошки материјали. Имаше голем интерес, доаѓаа од цела Македонија, но имав и гости од странство. Иако малкумина, сепак, дојдоа од Бугарија, Португалија, Србија, а имав на гости и еден Русин.



Гостите со свои очи видоа како гостопримливиот Димче, целиот во кал и босоног, од зори до зајдисонце работи за да си го оствари сонот – да изгради оригинално екосело, прво во Македонија, и да создаде вечна шума која ќе биде во сопственост на луѓето, а не на државата.

- Сакав со изградбата на ова екосело да дадам личен пример како може да се живее без да се загадува природата и да покажам дека можеме да создадеме синергија со природата, која ни дава буквално сѐ. Најдобро од сѐ е што можеме да живееме со сите удобности што ги имаме во природниот свет - истакна Димче Ацков.



За да го изгради екоселото, Димче требало само да ги почитува законите на природата и да ја искористи методата на еден ирански архитект кој градел слични куќи. Ја направил прво малата, па поголемата куќичка, па куќичките на своите животни. Сѐ што му треба на Димче се камен, земја и слама. Не му треба ниту механизација, а може да работи и сам.

- Куќата треба да има добар темел и добар покрив. Темелот мора да трае 100 години и затоа е од камења, врз кои се ѕида со земја, па потоа се става покрив од трски или од земја. Најважно е да се гради со она што го има во околината на градбата, ако е камен, со камен, ако има глина, се гради со глина, исто како што правеле нашите предци - објасни Ацков и додаде дека неговото село е систем на самоодржување со користење енергија од соларни панели, чиста вода од бунар и производство на здрава храна.

Впуштајќи се во секојдневието, Димче брзо сфатил дека живее во средина во која ги нема основните работи за живот, како чист воздух, чиста вода и здрава храна. Затоа заминал на имотот кој го наследил од својот дедо.



- Почувствував неверојатна енергија кога стапнав на дедовината, се поврзав веднаш со земјата и со таа енергија. Си реков - јас треба тука да живеам. Тука на земјата на која живееле моите предци има огромна енергија која не дава да се измори човек. Но, не за џабе рекле дека каменот тежи таму каде што му е местото - раскажа Ацков.

Тој смета дека луѓето треба да го слушнат крикот на природата и да ѝ дадат помош затоа што ние, луѓето, ја расипавме. А еден човек е премалку за да го спречи „плачот на природата“. Затоа Димче посакува секој од нас што помалку да зборува за природата, а повеќе да прави мали дела според законот на совеста и да ја почитува мудроста на предците.

- Не треба секој да гради куќа. Но, еве нека оди да засади едно дрвце. Еден ден кога ќе ги однесе своите деца кај дрвото, ќе им каже дека дрвото е од него и тоа веднаш ќе ги поврзе децата со природата - рече Димче додека ги покажуваше овенот Спирит и кучињата Хиро и Миси, кои заедно со неколку мачиња му прават друштво кога нема гости или ученици.

Ацков е загрижен дека еден ден ќе се разбудиме без шума затоа што со свои очи видел дека земјата е мртва од загадувањето и постојат ниви што се неплодни. Затоа дошол до идеја како да ја рехабилитира земјата околу неговото село и на тој начин да си го оствари сонот – да му подари на човештвото вечна шума.

- Ќе ја насадам земјата со дрвца и ќе ја оставам во аманет да не се сече, односно да биде во сопственост на идните генерации. Мора прво да се насадат нискостеблести растенија кои ќе ја збогатат земјата со азот, потоа средно големи стебла и на крај високи дрвја, багреми, дабови и јасени. Сакам да почнам со два хектари земја кои ќе бидат бели дробови во околината. Ми требаат 20.000 евра за да ги купам тие два хектари. Јас немам средства, ги вложив за да купам еден декар кој го насадив со шума. Затоа и собирам средства преку „фаундрејзер“ кампања - вели Димче.



Природата секогаш се обновувала, но не се борела толку силно со човекот како денес. За да тргне сама, треба да ѝ се даде одмор.

- Нашата земја е толку богата, што може да те нахрани од едно одење во природата. Во Македонија не можеш да гладуваш, сѐ има во природата: малинки, печурки, бадеми, јагоди, диви цреши... Но, не знаеме да го цениме тоа. Ние не знаеме ниту колку шума имаме, а зборуваме за здрава животна средина. Ако продолжиме вака да ѝ возвраќаме на природата, брзо ќе дојде денот кога шумата ќе биде оаза среде пустина - истакна Ацков и порача што побргу да се поврземе со природата и да ја сочуваме и онаа малку шума што ја имаме.

Тој додаде институциите сѐ уште не се заинтересирале за неговите екопроекти, но дека им стои на располагање за постројки од природни материјали со зелени покриви, за куќички за бездомни животни и за што било друго што ќе го намали загадувањето во градските средини.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме