Ретко кој наполнил 30 години, а повремено не го слуша муабетот од околината, особено од семејството – „ајде, време ти е да се ожениш/омажиш, да си го средиш животот, да станеш свој човек...“ Ако некогаш на 35 години веќе имале деца во основно училиште, денес сè повеќе расте бројот на луѓето кои не се брзаат за да стапат во брак. Анкетиравме ергени и девојки со наполнети 30 години и стигнавме до интересни одговори. Повеќето признаа дека средината им врши голем притисок!
Ана, стоматолог (33)
- Притисок од околината индиректно постои. Станува збор доминантно за најблиските кои своевремено се мажеле/женеле помлади. Влијанието е поголемо кога поголем дел од врсниците веќе се во брак. Од друга страна, пак, очекуваат и посакуваат внуци, оти „дури се способни да ги гледаат“. Во моментов сум во врска. Со дечко ми живееме заедно одреден период. Иако не гледам голема разлика, со или без документи, сепак претпочитам живот во заедница заокружена со брак. Поминати повеќе години во врска која завршила со разделба придонела да дојдат триесетите без брак. Со тек на време, човек станува поконкретен во изборот на партнерот, барајќи го тоа што најмногу му одговара. А тоа ја одолговлекува потрагата.
Јован, лекар (35)
- Главно женски лица, без оглед дали се работи за членови од блиското или подалечното семејство, или пријатели, напнуваат на темата. И тоа без постоење на главен аргумент, туку верување дека ако стапиш во брак сè
ќе се среди или „прво ожени се, па потоа здравје, сè ќе си дојде на свое место“. Досега не сум имал сериозни размислувања за стапување во брак, а со текот на времето и сè помалку се оптеретувам со таа мисла. Со оглед на тоа што денес не постојат предрасуди за стапување во брак во подоцнежни години.
Јована, фармацевтка (34)
- Сакам да се омажам, ама не се оптеретувам со тоа да го направам по секоја цена. Кога ќе се појави вистинската прилика, т.е личност со исти желби, тогаш ќе се омажам. Не чувствувам некој посебен притисок од околината. Во моментов имам дечко. Инаку, не би избрала некој да ми прави гужва по дома, без да има одредени обврски кон мене.
Петар, 41 (информатичар)
- Маж, хетеросексуалец, неженет, скопјанец. Материјално-технички услови за оформување на семејство - исполнети. Желба за формирање на семејство - присутна. Партнерка за брачна или вонбрачна заедница - неприсутна. Притисок на околина во форма на прашања за брачниот проект - постојан, висок и најчесто присутен за време на ручек (научно докажано дека после јадење, критериумите на луѓето се намалуваат, а расудувањето е заматено, веројатно поради активирање на чакрата на емоциите, чија локализација е во стомакот). „Случајни“ местенки од страна на загрижената поширока фамилија, веројатно е со квартална фреквенција. Веднаш потоа следуваат тивки потпрашања - добро, што беше проблемот, фино девојче, е? Како тоа мислиш бегала низ паркингот со трчање, сигурен ли си? Па добро, што има лошо ако оди секој ден на фризер и во фитнес-сала со личен тренер и цело време шара со очите во кафуле. Еден неуспешен обид за заеднички живот со партнерка, пред осум години, прекинат поради мое инсистирање на еден партнер во врската...
Кристијан, политиколог(38)
-Не чувствувам никаков притисок од семејството, освен шеги од пријателите на темата дека сè уште не сум се оженил. Имам желба да се оженам и да имам деца, а имам и девојка. Инаку, би избрал да живеам со партнерка без да склучам брак, бидејќи на бракот гледам како формална институција која само по себе не го прави заедничкиот живот поубав или полесен. Тоа го прават двајцата во заедницата. Некои мои другари веќе живеат во таква заедница, дури и со деца и ништо не им фали ако тие се среќни еден со друг.
Маја, правничка (36)
-Не чувствувам воопшто притисок од најблиското семејство ниту од пријателите кое добро ме познаваат и ги почитуват моите размислувања на темата. За разлика од нив, пошироката околина често, веројатно "добронамерно" знае да поставува прашања, (неповикано) да дели мислење и совети за "најважното" прашање без кое, според нив, ниту еден друг успех не е комплетен. Желба за брачна заедница (формална, не нужно и религиозна) и семејство секако постои. Во моментов имам партнер со кој би сакала задолжително да живеам одреден период пред било какво формализирање на таа заедница. Сепак, тоа го гледам како корисен период кој би му претходел на склучувањето некаква формална заедница, а не како трајна состојба.
Марија, новинарка (34)
- Никогаш не сум почувствувала порив да скокнам во брачните води поттикната од притисокот на возраста, околината или желбата за сигурност. Имам слушнато безброј приказни за цвотчукување на биолошкиот часовник, дека бракот бил логичен следен чекор во врската, дури и глупости како тоа дека со бракот ќе „станал посериозен“. Ако јас се прашувам, ова се сѐ погрешни причини за некој да сака да стапи во брак. Искрено, бракот како опција го отфрлив уште на 12-годишна возраст, а од тогаш се вљубив најмалку 5-6 пати. Не мислам дека бракот како институција има каква било врска со љубов, туку со живеење полесно како семејство особено во едно општество со толку ограничувања како нашето. Секогаш постои притисок, особено во една паланка како нашата во однос на непристојни и дрски коментари и погледи, но морам да признаам дека во моето семејство секогаш нѐ воспитувале да сме независни и сами да носиме одлуки за себе. Најзаслужни за погрешната перцепција дека бракот е некаква хармонија од само љубов, романтики и убави прстени со дијаманти се дефинитивно медиумите, па повеќето девојчиња уште од мали се заблудени од идејата за „сонот на секоја жена“. Бракот нема врска со љубов, независност или реален избор, туку со контрола, па се нудат разни даночни овластувања, здравствено осигурување, отсуства по не знам какви основи... Додека двојките што не се во брак, не се почитуваат доволно како оние „земените“. Искрено, никогаш и не сум се гледала себеси со деца во иднина, иако најчестите коментари кои ги слушам речиси секојдневно се „Кога мислиш да раѓаш“, „Нема поголемо богатство од децата“, „Кој ќе те гледа кога ќе си стара“, „Годините ќе ти пројдат, па после ќе си лупаш глава“ и сл. Да, во моето опкружување имам блиски пријатели кои имаат деца, ама не, не ми доаѓа мајчинско чувство или каков и да е порив да се расплодувам. Партнерот со којшто сум 3.5 години сака да има деца понатаму во животот, па можеби заеднички ќе се одлучиме во иднина да имаме деца, ако можеме. Засега, сѐ уште живееме одвоено, но планираме некаков заеднички живот од идната година. Сепак, не брзаме никаде за ништо. Тоа секако ќе биде заедница, без склучување брак, иако како што претходно споменав овие заедници не ги уживаат истите привилегии како оние кои го потпишале ливчето во „музејското матично“. Замислете само, наместо една институција која се труди да е сеопфатна, има многу опции со еднаков статус и да можеме да избереме како би се поистоветиле со нашите партнери. Звучи фино, нели?
Вања, дипломиран економист (34)
- Само што наполнив 34, а сè уште не сум омажена. За среќа, семејството не ми врши притисок, иако знае понекогаш да рече дека времето минува, но мислам дека тоа е повеќе од аспект на родителска загриженост да не останам сама. Во моментов немам сериозна врска, немам дечко подолго време. Тоа не значи дека не сакам да се омажам и да имам деца, но не сум тип кој би го направил тоа по секоја цена и за да задоволи некои општествено наметнати правила и норми. Работам, сама се издржувам и можам да си дозволам она што сакам и партнер ми треба во интелектуална и емоционална смисла, не како додаток за пред светот да изгледа дека сум успеала да најдам маж и не од финансиски причини. Можеби звучи наивно,но верувам дека бракот треба да е спој на две различни индивидуи кои иако заедно би составиле една целина, секој би ја задржал и својата специфицност. За жал, во денешново време скоро никој не го разбира така. Имам другарки кои се сингл и други кои се омажени. Со мали исклучоци, многу од тие што се омажени ми изгледа дека живеат неисполнет живот, а таа неисполнетост се пренесува на децата. Се надевам во иднина да го најдам човекот и да се омажам. Мислам дека сепак би сакала традиционална форма на брак, не нерегулирани односи. Можеби во иднина би се премислисла, во зависност од ситуацијата, но сепак сум под влијание на традиционалните вредности за семејство и брак, мислам дека не би можела да живеам со партнер, а да не склучам брак.
Ана, биотехнолог (34)
- Јас сум човек кој е воодушевен од љубовта како феномен, како двигател, како моќ, како сепристутност што оделува живо од мртво. Меѓутоа, еднаквост помеѓу брак и љубов никогаш не би можела да воспоставам. Зошто? Затоа што сметам дека бракот е, пред сè, обврска, а љубовта, од друга страна, е надреална. Тесно и е на љубовта во какви било правила, а најтесно во документи со кои луѓе се договараат со потпис. Сакам љубов, но не сакам брак. Мој избор е самотија зашто така ми е пријатно. Едноставно ми да си го организирам животот и да го живеам со жар бидејќи свесна за големината на секој миг од него. Средината често се вџашува кога изјавувам дека не планирам да создадам семејство, претпоставувам поради општоприфатената нормалност дека единствена добра и валидна вредност е семејната, но тоа мене не ми пречи. Разбирам дека е поедноставно да се прифатат вредностите на мнозинството и да се припадне, отколку сам да трчаш со ветрот во гради.