X
 21.01.2017 Живот

Дали еволуцијата тргна во погрешна насока?

Гените коишто обезбедуваат склоност кон повисоки нивоа на учење во последните 80-тина години се во опаѓање, а научниците сметаат дека станува збор за негативна селекција.

Тоа би можело да има сериозни последици по нашиот вид во времињата кои доаѓаат, предупредуваат тие.
Студијата  спроведена на примерок од преку 109.000 Исланѓани, открива дека лицата кои се носители на генот за продолжено образование почесто имаат мали семејства, што значи дека паметните луѓе со своите гени сè помалку придонесуваат во вкупниот резервоар на гени кај Исланѓаните.

Мал пад што е од значење за еволуцијата

Авторите потсетуваат дека епидемиолошките студии и порано потврдиле дека генетските варијанти влијаат врз постигнувањата во образовната сфера. Истовремено, поновите генетски истражувања овозможија дефинирање на таканаречените полигенски оценки (POLY) – броеви кои ја претставуваат моќта за влијанието на одредени групи гени врз определено својство или карактеристика.

Во своето истражување авторите утврдиле дека полигенската оценка за постигнувања во образованието – POLYedu, е поврзана со одложена репродукција и со помал број деца. Анализата на гените на Исланѓаните родени меѓу 1910 и 1990 открива дека оваа оценка опаѓа со темпо од околу 0,01 стандардни единици во текот на една деценија, што е соодветно за намалување на коефициентот на интелигенција за околу 0,04 во деценијата.

Авторите потенцираат дека „POLYedu“ претставува само еден дел од сите гени кои влијаат врз образовниот резултат, што значи дека нивото на намалување би можело да биде два до трипати поголемо. Со други зборови, намалувањето на коефициентот на интелигенција би можело да биде 0,3 во една деценија. Тоа можеби и не изгледа како голема бројка, но на еволутивно ниво може да има многу големо значење.

„Ние сме одредени како посебен вид благодарение на способностите на нашите мозоци. Образованието  е тренинг и усовршување на нашите ментални способности. Затоа е фасцинантно да се открие дека генетските фактори кои се поврзани со подолготрајното учење стануваат сè поретки кај популацијата“, вели еден од авторите на студијата, Карл Стефансон, директор на „Дикоуд“. „Ако овој тренд потрае во идните столетија, неговото влијание би било големо“, вели тој.

Тимот смета дека  добиените резултати можат да се објаснат со фактот што лицата со висока „POLYedu“ оценка ја одложуваат својата репродукција за да се посветат на образованието. Исто така, се чини дека овој ефект е поизразен кај жените во споедба со мажите.

Образованието како компензација

Сепак, научниците истакнуваат дека не е сè така црно како што изгледа, бидејќи гените имаат сразмерно мало влијание врз образовниот исход кај поединецот, па овој проблем може да се компензира со поголема  достапност до образование за што поголем број луѓе.

Стефансон истакнува дека тоа го потврдуваат и конкретните податоци. Имено, просечниот IQ на луѓето во периодот од 1932 до 1978 година пораснал за речиси 14 единици затоа што социоекономските услови и технологијата ја зголемија достапноста на образованието.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот