Неодамна „Фејсбук“ разви систем за да помогне во справувањето со извештаите за лажни вести на својата платформа, меѓутоа, одби да открие како се пресметуваат резултатите или границите за употреба на системот.
Критичарите се загрижени дека корисниците немаат начин како да го откријат својот рејтинг иако „Фејсбук“ негира дека алатката се користи како рејтинг за репутација.
- Идејата дека имаме централизиран рејтинг за луѓето што го користат „Фејсбук“ е едноставно погрешна - вели портпаролката.
Фото: Getty Images
- Всушност, ние развиваме процес за заштита против луѓето што неселективно ги означуваат вестите како лажни и се обидуваат да играат со системот. Причината зошто го правиме ова е да се осигуриме дека нашата борба против лажни вести е поефективна - додава таа.
Луѓето често пријавуваат работи со кои едноставно не се согласуваат, па затоа е потребно на корисниците да им се дадат поени помеѓу нула и еден. Тоа делумно се пресметува во корелација со пријавите за лажни вести и одлуките на независните проверки на фактите.
Значи, оној што ќе поднесе поединечна жалба добива повисок резултат од оној што поднесува многу поплаки.
„Фејсбук“ не е првата технолошка компанија што приватно ги оценува своите корисници.
„Убер“ одамна ги оценува своите клиенти според оцените што им ги дава секој возач. Коосновачот на „Твитер“, Ев Вилијамс, во 2010 година изјави дека на корисниците им дава таен репутациски резултат за да помогне во препораките за тоа кои корисници да се следат.
Меѓутоа, еден експерт вели дека употребата на „Фејсбук“ на автоматски и нетранспарентен систем предизвикува одредена загриженост.
- Не изненадува тоа што „Фејсбук“ сака да го оцени кредибилитетот на своите корисници, со оглед на тоа што некои од нив се доста сомнителни или намерно ги дезинформираат другите - вели Берни Хоган од оксфордскиот интернет-институт.
- Но, размислете за аналогијата на кредитниот резултат. Можете да го проверите вашиот кредитен рејтинг бесплатно во многу земји - за разлика, довербата што „Фејсбук“ ја има во вас е нерегулирана и нема начин како да знаеме каков е нашиот резултат или, пак, да го оспориме - вели професорот.
И поборниците за граѓански права упатија критики.
- Ова е уште еден пример дека „Фејсбук“ ги користи податоците на луѓето на начин на кој тие не би очекувале, што уште повеќе ја поткопува довербата на луѓето во „Фејсбук“. Компанијата едноставно мора да научи некои лекции на потешкиот начин и да почне да биде транспарентна и одговорна за тоа како ги користи податоците на луѓето - вели Аилид Каландер, адвокат во „Прајваси интернешнл“.
Не е јасно дали
системот на бодирање се применува за граѓаните на ЕУ затоа што треба да се придржува кон неодамна воведената регулатива за заштита на податоците.