Иако астронаутите сè уште се немаат вратено на Месечината, тие се подготвуваат за изградба на објекти на нејзината површина.
Целта на експериментот што се спроведува на Меѓународната вселенска станица е да се измешаат и да се усогласат состојките за градење објекти на Месечината бидејќи американската вселенска агенција НАСА сака да приземји астронаути на лунарната почва во 2026 година како дел од програмата „Артемида“.
Планирано е астронаутите да стапнат на Месечината за време на мисијата „Артемида 3“, а нивните наследници ќе ја користат привремената база. Сепак, целта на проектот е да се изгради постојана база. Со оглед на фактот дека градењето структури на површината на Месечината е комплицирано, астронаутите во моментов ги тестираат техниките за мешање цемент на Меѓународната вселенска станица пред да се користат на Месечината.
- НАСА и нејзините меѓународни партнери проучуваат како да го направат економично градењето сателити во вселената и да се изградат бази со екипаж на Месечината. За да се намалат трошоците за испраќање материјали од Земјата до Месечината, една опција е користење микрогравитациска средина за мешање на лунарната почва со други материјали за правење цемент, како и изградба на згради погодни за живеење на Месечината - велат од агенцијата.
Фото: NASA
Астронаутот Метју Доминик ја тестирал оваа идеја мешајќи симулирана лунарна почва, други материјали и течен раствор, а мешавината била ставена во две кеси, додека трета кеса со топла вода била ставена меѓу нив. Тој потоа ги ставил сите три кеси во термос во текот на ноќта. Смесата ќе се зацврсти на амбиентална температура во Меѓународната вселенска станица додека не отпатуваат дома со вселенското летало „Кру драгон“.
Експериментот е дел од истражувањето наречено „Наука за материјали за зацврстување на бетонот“, во кое се користат различни комбинации на цемент, вода, симулирана лунарна почва, песок и други адитиви.
Целта не е само да се изградат одржливи структури на Месечината, туку и да се изнајдат одржливи алтернативи на цементот што е основа на бетонот на Земјата. Цементот бара многу енергија и суровини, а може да испушта јаглерод диоксид во текот на производниот процес. При мешањето може да се појават и компликации, како што се воздушни џебови, меурчиња и кршливост. Целта на експериментот е да се решат овие проблеми при тестирање на лунарната конструкција на Меѓународната вселенска станица.
Извор:
Space.com
Фото: NASA