Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за нашата земја
Сте се запрашале ли некогаш од кога во Македонија луѓето почнале да патуваат со авион? Кога на наша почва воопшто слетал авион? Првиот аеродром, всушност, бил изграден во 1928 година, на 3 км оддалеченост од центарот на градот (денешна населба Аеродром). Тоа било по 25 години од првиот историски лет на браќата Орвил и Вилбур Рајт, кои на 17 декември 1903 година го реализираа првиот историски лет.
Aеродромот во Скопје имаше меѓународна класификација, а се користеше само за дневни домашни и чартер-летови. Пред Втората светска војна, во периодот од 1935 до 1936 година, покрај аеродромот во Скопје во употреба бил и аеродромот во Битола, стои на „Википедија“.
Аеромитинг на аеродромот (Википедија)
Првиот патнички авион што слетал на аеродромот во Скопје бил „потез 29“ од француско производство, додека, пак, првиот лет бил на релација Белград-Скопје-Подгорица-Мостар-Сараево-Белград. Тој презел 5 патници и 290 кг товар, на 15 јуни 1928 година.
Првиот комерцијален лет во светот се случил на 1 јануари 1914 година во САД.
Во 1929 година била воспоставена авионска линија Солун-Скопје-Белград. Времето на тргнување било така планирано што на патниците и трговците од Солун им овозможувало заштеда на време. Авионите поаѓале во 7 часот наутро. Големиот жупан на Скопје, Антонио Вилдовиќ, во 1925 година, како вљубеник во воздухопловството и прв човек на власта, купил еден француски авион „каљдран“, прв цивилен (спортски) авион во Кралството Југославија.
Прв пилот бил М. Јерошенко. Eсента 1926 година се одржал првиот аеромитинг со учество на воени авиони и пригодна програма. Секоја година се одржувале аеромитинзи на Зајчев Рид и во стариот Аеродром. Посетителите на аеромитинзите за 30 динари можеле да пробаат да летаат со авион.
Првиот авион што пристигнал на аеродромот во Скопје (извор: Википедија)
Како куриозитет старите скопјани го сметаат слетувањето на Еми Џонсон, една од првите жени-пилоти во светот, на скопскиот аеродром во 1930 година при нејзиното враќање од Австралија за Лондон. Во 1937 година во договор со авионското друштво „Аеропут“ и Сидна, Министерството за сообраќај воспоставило авионски сообраќај со Кралството и странство. Со оваа линија стасувал и весникот „Правда“ од Белград.
Првиот меѓународен лет се изврши во 1930 година на релација Виена-Грац-Загреб-Белград-Скопје-Солун.
По Втората светска војна, во 1946 година беше воспоставена линија на релација Белград-Скопје со 5-6 лета секој работен ден во неделата, со авион ДЦ-3 (23 седишта). Во 1951 година беше воспоставен лет на релација Белград-Скопје-Солун-Атина, а по три години Белград-Скопје-Истанбул.
Во 1963 година, до катастрофалниот земјотрес и по проширувањето на градот потоа, аеродромот останал на истото место.