X
 15.12.2015 Живот

Душко Радовиќ: „Здраво, ведро, добро сочувано и неповредено дете - по секоја цена, па и по цената на знаењето!“

Големиот српски поет за деца, писател и сатиричар Душко Радовиќ, секогаш повеќе го ценел независниот, бунтовниот и разиграниот дух од оној академскиот, а училиштето често пати го гледал како виновник за уништувањето на искреноста, имагинацијата и радоста на децата.

Во тој дух се пишувани и неговите мисли за училиштето кои ги напишал и кажал во текот на неговиот живот.

„Штом детето ќе започне да оди на училиште, штом сериозно ќе влезе во светот на возрасните - тоа почнува конвенционално да размислува и да се однесува, и да усвојува шаблонски формулирани вистини за светот и животот. Ова е трагична ситуација за човекот бидејќи ја губи смислата да игра“.

„Училиштето не смее да личи на болница за лекување на децата од живот и здравје, од љубопитност и активност и од сопствените искуства и креации“.

„Би било добро кога училиштето би можело да ја прифати обврската не само да го учи туку и да го научи детето здраво и способно за училиште“.

„Трагично е како децата, веднаш штом ќе започнат да одат на училиште, ја губат ведрината на индивидуалните знаења, доживувања и чувство на автентично толкување. Училиштето и практичниот живот им наметнуваат шеми и догми, децата наместо радост доживуваат прифаќање на рутинското запознавање на голите функции и изгледот на нештата“.

„Деца, можете да замислите како изгледа животот кога од лулка до гроб, најубавиот дел од животот на човекот е детството“.

„Предметната настава ја укинуваат учителите, а учителите се единствени вистински воспитувачи. Оној момент кога децата остануваат без својот учител, престанува воспитувањето и започнува образованието“.

„Повеќе знаење и вештини (интелигенција, дух, имагинација и вкус) има вложено Кока-Кола за својата пропаганда, отколку училиштата за славење и издигнување на читањето и пишувањето“.

„Децата треба подобро да ги познаваат и повеќе да ги почитуваат своите можности. А ние прво го измисливме училиштето, а потоа утврдивме дека немаме доволен број соодветни деца“.

„Училиштето кое се чуди за знаењето и однесувањето на своите ученици, училиштето што се нервира затоа што децата се деца, не може да биде добро училиште“.

„Не постојат само добри и лоши, туку само различни деца. А со различните деца мораме да се однесуваме на различни и суптилни начини“.

„Децата кои немаат среќа со семејството, мораат да имаат поголема среќа со училиштето. Училиштето треба да знае и да сака она што родителите не го знаат и не го сакаат“.

„Здраво, ведро, добро сочувано и неповредено дете - по секоја цена, па и по цената на знаењето! Е ова е благородната задача на воспитувањето“.

„Во вистинско, добро училиште не смее да остане нерегистрирано и неоценето ништо позади кое стои љубов, работа, знаење и успех“.

„Поголеми шанси имаат оние кои во текот на училиштето се снаоѓаат, оние кои се штедат, бидејќи знаат дека ги чека уште едно големо полувреме на животот“:

„Нашето учење на децата, нашата еманципација на детската свест мора да оди во правец да ги учи да резимираат, да го поедностават изразувањето бидејќи тоа е иднината на комуницирањето“:

„Децата не ги подготвуваме на училиште да бидат писатели ниту пак ги подготвуваме да читаат книги, туку ги подготвуваме да умеат да набљудуваат, добро да согледуваат, а она што го гледаат и чувствуваат да умеат прецизно и ефективно да го кажат“.

„Оваа визија за децата како идни функционери и службеници, со класи и плати, со положба и углед - тоа е она училишна и општествена „Бабарога“ која ја игнорира личноста, а ја унапредува послушноста и медиокритетството.

„Колку денес паметни, зрели деца се навредуваат, понижуваат и дисквалификуваат од суровите критериуми на училиштето, општеството и семејството: колку вредиш тоа можеш да го покажеш единствено со оценките на училиште“.

„За да знаеме на бкаде да ги насочуваме децата, тие прво треба да сфатат што е среќата. Што е тоа за кое треба да се живее, учи и работи?“

„Децата не мислат онака како што би сакале возрасните и не учат онака ние како што претпоставуваме. Во оваа смисла поскапоцен и повреден е еден час поминат пред добра телевизиска програма отколку пет часа училишна настава“.

„Имав среќа да се дружам со многу паметни луѓе, а мислам дека од луѓето најмногу се учи, многу повеќе отколку од книгите, многу повеќе од било какво училиште!“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот