Статусот на едно момче од Мостар кај вас ќе предизвика различни емоции, од кои најсилна ќе биде тагата. Но, во краткиот текст што сите го споделуваат на „Фејсбук“; поуката е нешто сосема друго - и нѐ повикува да го земеме животот во свои раце.
23-годишниот Ади Бебаниќ од Мостар со своите пријатели на социјалните мрежи сподели приказна што е суштината на сето она што ни се случува, иако се трудиме многу работи, луѓе и ситуации околу себе да не ги гледаме. Ова е за сите оние кои ја вртат главата, игнорираат и забораваат што всушност е животот.
Фејсбук-статусот ви го пренесуваме во целост.
„Во декември 2011 година, светот се сруши. Си замина сѐ што сакав и сакав да бидам. Не го сакам декември, ниту зимата. Ми го однесе татко ми и никогаш не го врати. Имаше 44 години. Ми беше сѐ, а никогаш не му го кажав тоа и никогаш себеси нема да си простам. Останав дома со три жени, неговата мајка, мојата мајка и мојата сестра. Мама имаше 38, а сестра ми 14 години.
Со месеци бев сѐ во ова семејство, внук, брат, син. Домаќин кој правеше кафе. Секој ден правев ручек и вечера. И истата ја фрлав, бидејќи не јадеа, не можеа од мака и тага. Бев и оној кој со месеци не спиеше, бидејќи бришев туѓи солзи, а никогаш не заплакав. А сето тоа време бев и ученик, одличен, во гимназија.
Десет дена по таа декемвриска ноќ, сестра ми едвај преживеа операција на цревата, една, втора, па трета. Докторите си играа со неа, ја сечеа како сакаа, а секоја грешка ја поправаа со ново сечење. Повторно не плачев.
Една година по кобниот декември, имав 18 години. Истата болница, нова дијагноза. Сега мама. Болест со три букви. Немаш татко, а сега нема да имаш ни мајка - секоја веќер истиот кошмар, истата грижа и страдање. Повторно не плачев. Плачеше сестра ми, не можеше двајцаа.
Година дена никој не работеше, а сите имавме потреба, не знам што јадев и од што живеев, но никогаш не се откажав.
Сега имам 23. Работам од 18 години. Имам 5 години работно искуство, го сакам она што го работам и се смеам сѐ додека одам на работам. А никогаш не сум имал некој да ми биде ветар во грбот или да ме насочи.
Сестра ми има 21 година, најубава е на свет и има две работи. Минатата недела ми позајми пари, итно ми беа потребни. А мојата мајка денес е буцка, која повторно е во бело и е најомилениот фармацевт во градот на Неретва.
Не го пишувам ова за да предизвикам нечија сентименталност. Денес не ми е потребно сожалување, ги живеам моите соништа. Го пишувам ова бидејќи ми е доста од тоа колку се жалите и колку ви пречи сето она што ви се случува. Полни сте со негативност и празни сте. Никој од нас немал сјаен живот. Бевме и тажни и мртви, и гладни, па повторно сити.
Земете го животот во свои раце и протресете го. Зграпчете ја шансата и сакајте ја земјата по која одите, ваша е. Не е ова мотивациски говор.
Ова е итен апел да престанете да бидете кукавици, да престанете да осудувате сѐ што не ви е природно на социјалните мрежи, да престанете да бидете дел од војската која постоела додека не сте ни биле ни родени, да престанете да се делите и ве молам, немојте да мразите.
Го имате овој живот, искористете го. Сакајте со
цело срце.
Добра ноќ“.