Планинските патеки можат да бидат чисти. Шише за вода за повеќекратна употреба е добар прв чекор. Земи со себе барем едно парче отпад од природата и не оставај ништо од својот отпад зад себе. Носи вреќичка за повеќекратно користење, која ќе ја користиш за својот, но и за собраниот отпад. Ако си пушач, носи една мала метална кутија во која ќе ги ставаш догорчињата. Потруди се да направиш што помалку отпад, вели Тодорче Ѓоргиев, претседател на Клуб за планински спортови „Азот“, кој учествуваше во проект за подигнување на свеста на планинарите за неоставање отпад на планинарските патеки
На сите ни е позната изреката - кога одиш на планина, остави само траги од стапките и ништо повеќе. Општо познато е дека на планина не се фрла никаков отпад и мора максимално да се трудиме да ја оставиме планината недопрена. И покрај тоа што правилата ни се познати, има поединци што не ги почитуваат. Неретко на планина се среќаваат разни пластични амбалажи од храна и од пијалаци, хартиени марамчиња, конзерви... Токму затоа, Клубот за планински спортови „Азот“ изминатите две години работеше на проект за подигнување на свеста на планинарите за оставање, односно неоставање отпад на планинарските патеки, нивно чистење, односно изнаоѓање модел и начин на чистење на патеките и промоција на идејата.
Планинарите не оставаат отпад на планина
Општиот заклучок е дека планинарите не се луѓе кои ја нагрдуваат или загадуваат планината, затоа што тие се љубители на природата во најчиста форма и се залагаат таква да ја остават, а секој лош отпечаток доаѓа од лица кои се случајни минувачи.
- Во тие две години 12 пати излеговме на патеките, односно шест месеци, по еднаш месечно, вршевме снимање на патеката, броење на структурата на отпадот и зедовме различен отпад кој го предадовме на проверка и анализа за да се види дали собирањето на отпадот е безбедно за здравјето на луѓето. Проектот е насловен „Pick One Leave None“, или во превод „Земи едно. Не оставај ништо“ и тој проект, односно идејата е споделена со ФПСМ и комисијата за планинарски водичи, потоа се направени презентации, на почеток на неколку масовни тури, и продолжуваме понатаму со ова затоа што е од општа корист за сите - вели Тодорче Ѓоргиев, претседател на Клубот за планински спортови „Азот“ и координатор на проектот за Македонија.
Тодорче е долгогодишен искусен планинар и планинарски водич, а според неговите искуства и впечатоци, планинарите многу малку оставаат отпад на планина. Сепак, на оние патеки на кои вршеше надзор и кои биле земени предвид да се исчистат затекнале голема количина отпад. Подвлекува дека тоа се однесува на две патеки, а состојбата на планинските патеки генерално низ Македонија е на задоволително ниво.
- Добивам впечаток дека свеста веќе е подигната на повисоко ниво... За мојот клуб и за членовите од мојот клуб, тврдам дека се на највисоко ниво на култура за однесување на патеката. Истото го имам видено и на различни тури во организација на други планинарски клубови. Свеста на планинарите е многу поголема, се развива и култура за однесување во планина, но недостига повеќе едукација на другото население кое еднаш или два пати излегло на планина - објаснува Тодорче.
Бесмислено е да се остава отпад на патеката, и тоа од планинар. Тој отпад, според него, претежно е од други лица кои не се планинари, или ненамерно паднал од ранец или пак планинарот ненамерно го има заборавено кога правел пауза. Често се случува откако планинарите ќе го стават својот отпад во кеса и ќе ја заврзат на ранецот, случајно да им се закачи на гранка, па ненамерно да испадне некоја амбалажа од житарици, енергетски барови, чоколатца...
- Како бројка тоа не е многу, но на некои патеки доминира друг вид отпад кој не е од планинари - посочува тој.
Канти од нафта, лименки од месен нарезок, алкохолни пијалаци
Тие направиле мониторинг на патеките од село Папрадиште кон планинарскиот дом Чеплес по широкиот пат и патеката од село Нежилово до изворите на Бабуна и водопадот на реката. Ја снимиле целата патека. Од почетната до крајната точка.
- Патеката од Папрадиште до Чеплес по кружниот земјен пат е поделена на два дела, и тоа од селото води земјен широк пат кој оди до месноста Куртовица и продолжува преку планина до С. Белица, односно некаде на половина од Папрадиште до Куртовица каде што има три бачила, патот се дели т.е. влегува во друг малку потесен пат кој води до домот. Ете на тој пат, кој не е во целост планинарска патека, ама ја користат планинари како полесен начин да се стигне до домот, отпадот што е забележан не е направен од планинари, т.е. многу малку има отпад од планинари. На првиот дел од патеката која ја користат и овчарите за пренос на стоката до бачилата и лица кои се вработени за сечење дрва и превоз на дрвата, како и ловџии има отпад кој не е оставен од планинари. Тоа се разни канти за масла што се користат при сечење дрва, потоа пластични шишиња во кои носеле бензин и сл. Канти од нафта, најлони, искинати јажиња, лимени конзерви од риба и месен нарезок, стаклена амбалажа, лименки од пиво итн. Отпад кој не е својствен за планинарите и, секако, понекоја амбалажа од смоки, енергетски барови, чоколадо и слично, што можеби е од планинари. Другиот дел од патеката што го поминуваат само ловџии и планинари има многу, многу помалку отпад, кој е оставен од ловџии кои имале запалено оган или пак понекое пластично шише, фолии од грицки, чоколади и енергетски барови, кутии од цигари и секако доминира лименка од пиво или сок и ПЕТ-амбалажа - детално ни споделува Тодорче.
Другата патека што ја набљудувале е од селото Нежилово, од која 6,5 км се широк земјен пат кој исто така се користи за превоз на дрва и го користат сезонски работници за сечење дрва, потоа ловџии, посетители на планинарскиот дом Чеплес, а другиот дел е планинарска патека која води до изворите на Бабуна и прекрасниот водопад.
- Истата ситуација ја имаме и на овие 6,5 км, додека на остатокот од патеката отпад речиси нема или тој што го има е многу малку и е паднат од ранец, од џеб, или ненамерно оставен - додава Тодорче Ѓоргиев.
Западна Македонија е позагадена
Тој се движи низ планините во Македонија и според неговите забелешки, планините во
западниот дел се позагадени, особено излетничките места кои се подостапни за сите и до кои се оди со возило. Потоа има поголем број села во планините кои се почетни точки за до некои езера и врвови, а во кои можат да се забележат поголеми или помали депонии.
- Лесно може да се исчисти отпадот од планините. Како што во една реченица од правилникот велиме - за почеток е добро е да си носиме вода во алуминиумско шише, а понатаму својот отпад што ќе го направиме додека сме на планина да си го земеме со себе и да го однесеме до првиот контејнер. Потоа, секој посетител на планина треба да земе едно нешто што не припаѓа во природата и да го однесе до првиот контејнер и притоа да изврши и селекција на отпадот - ни посочува Тодорче Ѓоргиев.
Пред две години тие излегувале на патеката еднаш месечно, ја следеле ситуацијата и ги бележеле резултатите. Односно, ја гледале структурата, го броеле отпадот и гледале каде кривата расте, на кои места има повеќе отпад.
- Кога веќе имавме резултати од шестмесечната анализа, излеговме на терен и од разни делови на патеката зедовме пластични шишиња, стакло, конзерви од риба, месен нарезок, па лименки пиво и слично и ги однесовме да се изврши нивно испитување за да видиме дали се безбедни за здравјето на луѓето. Сите беа хемиски и биолошки чисти и безбедни за здравјето на луѓето, иако се земат со голи раце, што значи дека е безбедно да го земеме туѓиот отпад од планина - додава Тодорче.
Тие пробале да го земаат отпадот со хигиенски ракавици, па со гола рака и дезинфекција, и на крај да го земат само со гола рака и да го фрлат во најблискиот контејнер. Последната варијанта им била најпрактична и се покажала безбедна.
На прашањето дали треба да се остава органски отпад на планина, Тодорче ни сподели дека не е земен предвид за време на нивниот мониторинг.
- Ако ја гледаме структурата на органскиот отпад, со сигурност тој не ѝ штети на природата. Сигурно ќе се разгради или некое диво животно би го изело, но сепак треба да знаеме дека кората од портокал се распаѓа за шест месеци, додека на јаболката или бананите за околу еден месец. Па затоа одговорот на ова прашање ќе го оставиме на свеста на посетителите на природата - посочува Тодорче.
Во проектот учествуваа најдобриот клуб од Р. Србија - ПК Тара од Баина Башта, кој беше и носител и координатор на проектот, потоа најдобриот клуб од Хрватска - ПД Горшчица од Загреб, ПД Мајевица од Сребреник, Регионалната развојна комора Златибор од Ужице и Националниот парк Тара.
- Генерално нивната работа беше иста како нашата, но навиката што ја има населението во Хрватска за селекција на отпадот придонесува тоа да се рефлектира и на патеките. Србија е малку поназад од Хрватска, но НП Тара и РРК Златибор и ПК Тара се премногу инволвирани во заштитата на планината. На Тара и Златибор имаат изработено промотивни табли, едукативни табли и паноа, потоа голем број работилници и промотивен материјал, а покрај тоа имаат многу голема поддршка од локалната власт и од разни медиуми. Кај нас е обратно. Многу малку значење се дава на тоа, културата за селекција на отпадот е многу мала, а помош од федерација, од локална власт, медиуми воопшто нема - посочува Тодорче.
Заклучокот е дека е многу едноставно патеките да бидат чисти. Шише за вода за повеќекратна употреба е добар прв чекор. Земи со себе барем едно парче отпад од природата и не оставај ништо од својот отпад зад себе. Носи вреќичка за повеќекратно користење, која ќе ја користиш за својот, но и за собраниот отпад. Ако си пушач, носи една мала метална кутија во која ќе ги ставиш догорчињата. Потруди се да направиш што помалку отпад.
Фото: приватна архива