X
 26.09.2017 Живот

Од „Водњанска“ до Клиника: Да приумреш додека стасаш до лекар

Се вели: „Не дај Боже да треба да тропаш по докторски врати“. А уште помачно е и кога треба да поминеш патешествие за да стасаш дотаму. Тешко на оној што мора да оди со возило во комплексот Универзитетски клиники во Скопје, народски познат како државна болница, па и ако брза, или има болки, или е во животна опасност...



Ако на Клинички не појдете во ситните утрински часови за лесно да влезете, ве очекува непријатна авантура. До 32-те клиники и десетината институти често и возилата на Итна помош не може да си ја добијат потребната предност. Повеќе од очигледно е дека сообраќајниот метеж го загрозува здравјето на и онака болните што одат за лекарска помош, но и дека може да земе данок во живот.

Таму маката „одење на лекар“ не почнува во болничките ходници и ординации, туку уште на улица, на булеварот „Водњанска“, кој води до комплексот клиники, каде што е главниот влез за кампусот. Во кругот на Клиничкиот центар дневно влегуваат многу повеќе возила отколку што има паркинг-места.

Градскиот метеж, типичен за Скопје, е двојно поголем на „Водњанска“ поради големата фреквенција на возила и пешаци кон клиниките. Така, за да се стаса со автомобил од почетокот на булеварот, само до главниот влез на клиничкиот комплекс, растојание кое не е подолго од еден километар, добро е ако се помине за половина час. Наутро, кога метежот е најголем, авантурата тргни-застани во колона знае да трае и цел час.

Патешествието „Водњанска“

Од едната страна на булеварот буквално секогаш има непрописно паркирани возила, на трите пешачки премини постојано има река луѓе, а споредните улици како воопшто да не го сервисираат булеварот за да се намали метежот. Од почетокот на „Водњанска“ до Основното училиште „Кочо Рацин“, каде што треба да се сврти полукружно за да се фати приклучок во другата коловозна страна што води до главниот клинички влез, не се вози побрзо од 20 километри на час и се застанува на секои десетина метри. Пешаци редовно претрчуваат натаму-наваму или има автомобили оставени со четири трепкачи на десната лента, иако сообраќајните знаци „Забрането запирање и паркирање“ се јасно уочливи. На средина на булеварот, наспроти влезот, е направен ургентен премин за болничките возила или за приватно возило кое носи итен пациент, за да можат да го пресечат коловозот и без чекање да влезат во кругот на клиниките. Но него често го узурпираат несовесни возачи кои воопшто и не одат во болница, туку дошле по четврт бурек од многубројните пекарници по должината на тротоарот.

Нервозни пешаци, понервозни возачи

Откако ќе се сврти полукружно кај „Кочо Рацин“, следува ново и уште подолго тргни-застани бидејќи левата и средната лента од коловозот се преполни со автомобили, а десната страна секогаш е зафатена со автобуси од јавниот градски сообраќај, чија прва или последна станица им е на помалку од стотина метри од главниот влез на комплексот клиники.



И целиот тој метеж, проследен со огромни количества издувни гасови од возилата, се случува веднаш до установата каде што се лекуваат пациентите со туберкулоза, поставена до улицата.

Тука сите трубат со автомобилските сирени, нервозно влетуваат и во најмалото растојание меѓу автомобилите, и ретко кој дава предност иако уредно со трепкач се сигнализира дека вртите десно за да влезете во болница.

И некако ќе стасате до влезот, но тука чека нова серија нервози. Пред рампата на Клинички секогаш има колона, што од оние што не знаат како да испечатат билет за паркирање, што од возила кои се наредени пред нив, а не можат да ги поминат првите 200-300 метри после рампата за да најдат паркинг-место.

Влезот на клиниките е најтесното грло

Најстрашниот дел е од рампата на влезот до главниот паркинг во кругот на комплексот клиники. Улицата од неколку стотици метри се поминува како да е долга два-три километри. Една третина од неа е зафатена со лимени градежни огради и непрописно паркирани возила, а втората третина од пешаци кои се принудени да одат по улица бидејќи тротоарите им се узурпирани или се претесни за толку голема фреквенција на луѓе.



Десно по влезот е патот што оди кон Клиниката за кардиологија, каде што речиси никогаш нема ниту едно слободно место за паркирање. Некогаш е потребно вистинско волшепство за брзо да си заминеш оттаму зашто те блокирале со автомобилот оти брзале да го однесат болниот до клиниката, а не го оставиле менувачот во лер.



Иста, ако не и полоша, е ситуацијата и 50 метри подолу, во уличката каде што треба да се сврти кон клиниките за токсикологија, гастроентерохепатологија, уво, нос и грло, нефрологија...

Понуда на чорапи, пижами, гаќи...

Да биде работата уште покомплицирана, трговци, на почетокот на комплексот клиники, отвориле мал пазар на црно. Така, може да се снабдите со чорапи, пижами, гаќи, маици, панталони... Со импровизирани тезги и стоката наредена на земја или на кутии тие зафаќаат голем дел од пристапната улица, а пациенти, сестри и доктори, кои сакаат да видат што се продава, уште толку го блокираат поминувањето. Работат како на вистински пазар.

Кога ќе се пробиете низ тој метеж, следува ново патешествие – потрага за паркинг. Големиот главен паркинг од рано наутро до попладне е секогаш полн. Па, кога нема место на главниот паркинг, место се бара на двата помали. За да стасаат побрзо до нив, многумина од возачите свесно возат во спротивна насока во еднонасочните улички, создавајќи дополнителен метеж, а кога веќе ќе стасаат до тие паркиралишта и нема место, паркираат во тревниците, на тротоар или на улица.

Поништете го билетот за паркинг, па тогаш одете кон излезот

Во целиот тој хаос не само што треба да предвидите време за да најдете место за паркирање, ако имате среќа да можете да предвидувате, туку и време за да се смирите додека да дојдете до лекарот. И не смеете да трошите многу нерви зашто ќе ви требаат и за излегувањето. Излегувањето од комплексот клиники е друга, посебна приказна. Од главниот паркинг, каде што е и наплатниот пункт, има само околу 300 метри за возење. Ама за да се поминат, некогаш се потребни и 10-15 минути. Кога ќе ги поминете еднонасочните улички, мора да се упатите кон излезот. И може да се случи пациенти што дошле со автомобил да не знаат дека прво со билетот за паркинг треба да појдат до наплатното место за да го поништат, па потоа да одат на рампата на излезот, а таму нема некој да им наплати, па мора да се вратат назад. По тесна и испокршена улица. Враќањето назад во рикверц е чиста научна фантастика.

Министерство за здравство: Бараме решение

Од Министерството за здравство велат дека во моментов работат на изнаоѓање модуси на краткорочен, но и долгорочен план. Истовремено посебен тим од Министерството за здравство го ревидира договорот кој во моментов е склучен и со кој се регулира паркирањето во комплексот клиники „Мајка Тереза“.

- Свесни сме дека паркирањето е огромен проблем и за пациентите и за медицинскиот персонал и за таа цел, тим од експерти ги анализира решенијата за паркирање во останатите земји во регионот и во Европа, со цел изнаоѓање решение со кое би се надминал овој сериозен проблем со кој се соочуваат граѓаните. Истовремено, Министерството за здравство ги ревидира сите досега издадени дозволи за паркирање со цел евентуално ослободување на дополнителни паркинг-места – велат оттаму.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот