Тивок отказ. Тивка прошетка. Патување на работа без одвлекување на вниманието. Иако звучат како нови трендови, мнозинството луѓе всушност знаат на што се однесуваат тие – на извршување само на основните обврски на работа, прошетка без технологија или патување без гледање во телефон. Сепак, генерацијата З им даде нови имиња на некои секојдневни појави и ги претстави како нешто што е сега откриено. Поради тоа, го добија прекарот „Генерација на Колумбо“. „Урбан дикшенери“ го опишува овој израз како „неофицијален прекар за генерацијата З“. Називот се однесува на Колумбо, истражувачот кој е познат по откривањето на Америка, иако на тој простор веќе живееле домородни заедници.
Поимот „генерација на Колумбо“ стана популарен по виралните видеа на социјалните мрежи во кои инфлуенсерите претставуваа одредени појави како нови откритија, иако тие постоеле со години, па дури и со децении.
Меѓу тие примери се „тивкиот отказ“, сладоледот во „кока-кола“, а во поново време и „тивката прошетка“. Но прашањето е дали овој прекар е навистина праведен кон генерацијата З?
Самодоверба во незнаењето
Еден од виралните примери беше сладоледот во „кока-кола“ кој стана популарен на интернет иако станува збор за пијалак познат уште од 1874 година. Слична расправа се покрена и околу поимот „тивок отказ“ – идејата вработените да го работат само она што е наведено во нивниот опис на работното место, без дополнителен ангажман и прекувремена работа. Иако терминот е нов, однесувањето што го опишува отсекогаш постои. Слична ситуација се случи и по настапот на Сабрина Карпентер со Мадона на Коачела, кога некои помлади коментатори беа изненадени бидејќи не ја познаваа Мадона. Блогерката Блер Ченинг Реј смета дека тој пример не зборува само за генерацискиот јаз, туку и за начинот на кој луѓето денес доаѓаат до информации.
- Како припадничка на генерацијата X, не живеев во ерата на Ета Џејмс или Френк Синатра, но знаев за нив. Љубителите на музиката не го следат само она што е моментално популарно. Едно е да не препознаеш некого веднаш, а друго е да го отфрлиш како неважен само затоа што не е дел од твојот алгоритам - рече таа. Додаде дека најинтересното кај генерацијата З е „не она што не го знаат, туку самодовербата со која не го знаат тоа“.
Сепак, истакнува дека овој феномен не започна со генерацијата З. И поранешните генерации сметаа дека она што ним не им е познато веројатно не е ни важно.
Социјалните мрежи го менуваат начинот на кој генерацијата З го гледа светот
Јарон Литвин, експерт за култура и маркетинг, смета дека етикетата „Генерација на Колумбо“ е забавна, но неправедна кон младите. Според неговото мислење, секоја генерација на некој начин повторно ги откривала старите идеи, но генерацијата З е прва што масовно ги претвора во содржина на социјалните мрежи. Причината е во тоа што социјалните мрежи создаваат притисок секојдневниот живот постојано да се претвора во содржина вредна за објавување.
Ендру Селепак, професор по медиуми на Универзитетот во Флорида, вели дека генерацијата З е првата што истовремено порасна со социјалните мрежи и стана свесна за нивните негативни страни.
-Не треба да нè чуди што генерацијата З повторно ги открива работите од минатото и ги приспособува за себе. Можеби дури и ги прави подобри - рече тој.
На прашањето дали споредбата со Колумбо е оправдана, тој одговори дека младите можеби се помалку како истражувач кој присвојува некое откритие, а повеќе како иноватори кои земаат нешто познато и го менуваат за нови потреби.
Фото: magnific