X
 29.04.2023 Наша тема

Просечна плата нема да ги покрие трошоците за еден матурант - се купува облека од Солун и од модни креатори, се организираат скапи матурски забави

Тешко дека една просечна македонска плата ќе биде доволна за да се покријат трошоците за една матурантка, па и матурант, поврзани со матурските забави. Како што пораснаа цените на многу од производите и услугите, така и давачките за прославите на полнолетството се вивнаа до небо.

Дел од родителите што годинава имаат матуранти со иронија велат: „И кожата да си ја одереме и да ја продадеме, парите нема да ни стигнат“. Според груба пресметка, матурската забава, стајлингот за една вечер, од облека, шминка и фризура, плус трошоци за кафеаната, музика, па претходно фотографирање за табло, семејна прослава на матурата, а над сето тоа и генерациските забави во странство, трошокот е над 50.000 денари. Секако, може да се помине и поевтино доколку очекувањата и барањата на матурантите се поскромни.

Генерациска дружба во странство

Давачките почнуваат уште со фотографирањето за табло, кое е неизоставен дел од матурскиот декор. Самиот чин на сликање и не е толку скап и се движи околу 800 денари по лице и плус 100 денари за закуп на излогот каде што ќе биде изложено таблото. Но, тука се и професионалната шминка, без која добар дел од матурантките не излегуваат пред фотоапаратот, а чини 1.500 денари, па средување на косата од 300 нагоре.

По ова следува генерациската забава, за која не е тајна дека голем дел од матурантите годинава ќе ја поминат во Будва, Црна Гора, или во Паралија, Грција, каде што се одржува балкански музички фестивал. Само за ноќевање од неколку дена родителите плаќаат околу 4.000 денари, а дополнително на матурантите им требаат пари за храна и влезници на концертите.

До Солун по фустан, шминкерите и фризерите се закажани од пред два месеца

Сепак, епицентар на матурските настани е матурската вечер, која се прославува кон крајот на мај најчесто во некоја кафеана, а дел од матурантите влегуваат по црвен тепих. За повеќето од нив тоа е настан на годината, па секој се обидува во рамките на своите можности и очекувања да се подготви колку што може подобро. Има и средношколци кои не му придаваат голема важност на матурирањето, па не ги изложуваат родителите на големи трошоци, други, пак, се скромни знаејќи го семејниот буџет, но има и случаи кога облека се нарачува и се купува од модни креатори или од скапи бутици во Солун.



- Иако до прославата има уште еден месец, можам да кажам дека фустанот го купив од моден бренд во Солун уште во февруари. Бев нестрплива, а познавајќи си го специфичниот вкус за облека, знаев дека нема да ме задоволат фустаните што се продаваат низ бутиците во мојот град, па одлучив Солун да биде мојата модна дестинација. Купив фустан од бутик на улицата „Цимитски“ кој тешко дека ќе да го најдете во нашите бутици. Од пред две месеца ми се договорени шминкерот и фризерот зашто ред се чека и не можете во последен момент да добиете термин не само кај познати стилисти, туку и кај помалку познати - раскажува Ивана М., матурантка од Битола.

Матурите - писти и за македонски креации

Некои во Скопје или во Солун по облека, а некои побараа помош од модни креатори.

- Облеката што ќе ја носам ја креира моден креатор, ќе биде оригинална зашто матурата се прославува еднаш во животот. Со моите родители одлучивме наместо да шетаме по молови, да ангажираме професионалец кој ќе си ја заврши работата. Во однос на цената, тоа е како да купите од некој странски моден бренд. Потоа треба да се купат чевли, накит... се ангажира професионален шминкер, фризер. И тоа не е сѐ зашто ќе ни треба и облека за генерациската забава, па за матурската прослава што ќе ја имаме со другарите - раскажува Мила Јовановска, матурантка од Охрид.



Средношколци работат за да соберат пари за матура

Во понезавидна положба се матурантите чии родители се со поскромни примања. Тие ќе мора да се приспособат на скромните финансиски можности на семејството, а некои последните месеци работат по кафулиња, пекарници и на други места за да соберат за џапарлак и облека за матурата.

- Моите родители работат во пекарница, па и јас им се придружив веќе втор месец во пладневната смена за да можеме да заработиме доволно за да ги покриеме трошоците за матурата. Можеби нема да можам да носам скапа облека како некои, но барем ќе биде пристојна и ќе си дозволам да имам моја матурска прослава, а ќе присуствувам и на генерациската забава во странство - вели Михајло Силјановски од Битола.

Матурата е прослава на полнолетството, но следуваат поважни настани за кои се потребни пари и енергија

Матурската забава на која присуствуваат сите ученици од генерацијата во просек изнесува околу 2.000 денари од матурант. Настрана од неа и генерациската забава во странство, следуваат матурски забави со пријателите и роднини. Некогаш тие се на куп, но некогаш одделно. Како и да се организираат, чинат многу. Најчесто семејствата се одлучуваат да ги прослават во кафеани, но со новите поскапувања трошокот за еден гостин чини по 1.200 денари со храна и неограничен пијалак. Доколку сакате кетеринг, стигнувате до истите цени. Најевтино е гостите да се пречекаат дома со домашно подготвена храна.



Речиси секоја година низ градовите има хумани лица или фирми кои обезбедуваа бесплатна облека за матуранти од социјални семејства, што е за пофалба зашто во оваа скапотија секоја помош е добредојдена. Матурата е чин за прослава на полнолетството, но не е степен на завршено образование кој нуди натамошен финансиски просперитет во животот, па затоа и не треба да се доживува како нешто што обезбедува животна егзистенција. Пред младите претстојат студии, постдипломски и уште многу животни битки во кои ќе треба да се вложат и сили и пари, па затоа за овој животен настан добро е да се вложи енергија и креативност, но не и купишта пари како да е последен. Животот ќе продолжи со прослави на дипломски, магистратури, докторати и други успеси, погоре на животниот пиедестал од матурата кои заслужуваат и поголемо внимание зашто се поголем исчекор кон успехот во животот.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема