X
 30.03.2026 Живот

Училиштето „Никола Карев“ во Пробиштип е едно од ретките што имаат затворен базен - часовите по пливање се вистинска радост за учениците

Сите знаеме дека пливањето е препорачливо за сите возрасти, затоа што има позитивно влијание врз физичкото и менталното здравје, но важно е и од социјален аспект. Базенот го користат сите ученици од шесто до деветто одделение во наставниот процес, но во план е да се вклучат и помалите од прво до петто одделение, вели директорката на училиштето, Марина Милановска

Во време кога физичката активност кај младите сè повеќе се запоставува, училишниот базен во рамките на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип претставува вистинска привилегија за учениците. Изграден уште во 1987 година, паралелно со самото училиште, базенот со децении бил важен дел од наставниот и спортскиот живот на учениците, но во еден период останува надвор од употреба. Денес, по неговото повторно ставање во функција, учениците повторно ги уживаат придобивките од пливањето, спорт кој придонесува за одлично физичко здравје, дисциплина, но и целосен развој на децата.

ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип е едно од ретките училишта во Македонија што имаат затворен базен во самото училиште, уште откако почнало со работа во учебната 1986/1987 година.

Вистинска радост се часовите по пливање


Марина Милановска, директорка на ООУ „Никола Карев“, ни сподели дека кога таа била ученик, базенот одлично функционирал, и денес кога е на позиција на директорка, се радува што придобивките од пливањето ги уживаат и актуелните ученици.

- Во тоа време, уште кога јас бев ученик, базенот се користеше на часовите по ФЗО, но беше и од отворен тип. Во изминативе години базенот беше надвор од употреба, но и враќан во употреба во неколку наврати, па по поголема санација повторно се врати во употреба од септември 2025 година и се користи само за часовите по физичко и здравствено образование - објаснува Марина.



Училишниот базен нуди големи придобивки, особено за учениците кои часовите по пливање ги прифаќаат со големо задоволство, радост и среќа.

- Сите знаеме дека пливањето е препорачливо за сите возрасти затоа што има позитивно влијание врз физичкото и менталното здравје, но и од социјален аспект. Базенот го користат сите ученици од шесто до деветто одд. во наставниот процес, но во план е да се вклучат и помалите од прво до петто одделение. Учениците од нашето училиште веќе имаат редовни часови по пливање со нивните наставници по ФЗО, но секако може да го користат и ученици од другите училишта со претходно направен договор и наставна програма за часовите - споделува таа.

Наскоро ќе се формира и пливачки клуб

Во базенот учениците се со нивните наставници по ФЗО кои се грижат за безбедноста за време на часот.
- Одржувањето на базенот - греење и филтрација - го финансира самото училиште.
За пошироката заедница се планира базенот да биде достапен со отворање пливачки клуб кој ќе опфаќа деца од 7 до 14-годишна возраст. Наставникот по ФЗО е обврзан да изготви програма за пливање, да формира групи и распоред на работа и во договор со локалната самоуправа ќе се утврди кога ќе започне со работа - споделува Марина.

Обновата на училишниот базен е направена со комплетна промена на постојните прозорци, плочки во базенот и околу него, како и соблекувалните и санитарните јазли.
Во 2018 година Агенцијата за млади и спорт, односно Министерството за спорт, најави дека сака да гради 14 затворени базени во училишта низ целата земја. Во нив ќе се одржуваат часови по физичко образование, а ќе има и школи за пливање за основците. Попладне овие базени би требало да се издаваат во комерцијални цели, за рекреација на локалното население, со што треба да се обезбеди и нивната одржливост. Пет од базените ќе се градат во Скопје, во општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Аеродром и Кисела Вода, а преостанатите во Штип, Битола, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Тетово и Гостивар. Струга веќе има базен и тој се планира да се реконструира.
Минатата година беше пуштен во употреба на базенот во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода, а во тек е изградба и на училишни базени во општините Ѓорче Петров, Кичево, Битола и Штип.

До каде е проектот, не добивме поконкретни информации од ресорното министерство.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот