X
 31.08.2019 Култура

Интересни факти што не сте ги знаеле за култниот филм „Волшебникот од Оз“

Пред 8 децении премиерно беше прикажан еден од најпознатите и највлијателни филмови на сите времиња, „Волшебникот од Оз“, кој на актерката Џуди Гарланд, песната „Над виножитото“, ликовите Страшило, Лимениот Човек и Плашливиот Лав, како и на реченицата: „Тото, повеќе не сме во Канзас“, им даде вечно место во историјата на популарната култура на 20 век.

„Волшебникот од Оз“ е базиран на истоимениот роман на Френк Баум. Филмот освоил два „Оскари“ (бил номиниран за шест), а минатата година беше прогласен за највлијателен и најгледан филм во светот.

Ова се некои интересни факти што можеби не сте ги знаеле за филмот.

1. Песната „Над виножитото“ не требало да се најде во филмот


Кога композиторот Харлод Арлен ја претставил познатата песна, продуцентите сметале дека таа е премногу „симфонична“ и дека нема да може лесно да се изведе. Освен тоа, и режисерот Виктор Флеминг сакал да ја исфрли сметајќи дека е многу долга и комплицирана. Сепак, песната влегла во завршната верзија од филмот, но неволјите не престанале тука. Критичарите ја оцениле песната како долга и непотребна, но и покрај тоа,  доби „Оскар“ за најдобра оригинална песна.

2. Зелената боја користена за костимот била отровна

Зелената боја користена за костумот на Маргарет Хамилтон била толку отровна, што по завршувањето на филмот актерката морала да оди на строга диета.

Џек Јанг, еден од шминкерите што работеле на филмот, открил дека бојата била доста токсична бидејќи во себе содржела бакар.

- Секоја вечер кога ѝ го вадевме костимот, лицето мораше беспрекорно да ѝ се исчисти.

Очигледно бојата останала на нејзиното лице уште некое време по завршувањето на снимањето, па актерката морала да биде на посебен режим на исхрана.

3. Шлаканица за Џуди Гарланд


Во книгата „Виктор Флеминг: Американски мајстор на филмови“, филмскиот критичар Мајкл Срагов го опишал инцидентот со шлаканицата.

- Кога Џуди Гарланд не можеше да престане да се смее на снимањето, Флеминг ја повика надвор и ѝ рече: „Драга, ова е сериозно“ и ѝ удри шлаканица додавајќи: „Сега врати се да си ја завршиш работата“.

Наводно Флеминг се чувствувал лошо затоа што ѝ удрил шлаканица на актерката, па барал некој друг да му удри шлаканица нему. Гарланд слушнала за ова и му рекла: - Јас нема да го направам тоа, но ќе ти го бакнам носот.

4. Вистинско крзно

Настојувајќи да изгледа што поавтентично, костимот на Плашливиот Лав, кој го носел Бер Лар, бил направен од вистинско крзно од лав. Постоеле неколку примероци од костимот, што значи дека повеќе лавови биле убиени поради компанијата „Метро Голдвин Мајер“.

Костимот бил изгубен до 1970 година кога бил пронајден од дилер на дрога кој подоцна го продал на аукција во Њујорк, за 3 милиони долари.

5. Повреди на снимањето


Маргарет Хамилтон, која ја глумеше Вештерката од Западот, се здобила со изгореници на лицето и на раката.

Реј Балгер, актерот кој го играл ликот на Страшилото, добил трајни вдлабнатини на лицето од гумените маски што секое утро му ги лепеле.

Бади Ибзен, актерот кој најпрво бил избран да го игра Лимениот Човек, се откажал од улогата поради костимот кој содржел алуминиумска прашина, која предизвикувала компликации на белите дробови.

Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура