X
 02.03.2019 Забава

Жителите на Уганда се откажуваат од социјалните мрежи поради даноци

Милиони луѓе од Уганда се исклучија од социјалните мрежи откако беше воведен нов данок за социјални медиуми и парични трансакции преку мобилни телефони, а критичарите истакнаа дека тоа ја ограничува слободата на говор и можноста да се критикува владата.

Високиот данок, воведен за потиснување на залудните муабети на интернет и за собирање приходи, опфаќа 60 страници, меѓу кои се и „Фејсбук“ и „Твитер“, а и апликации како „Вацап“. За да ги користат овие страници, жителите треба да плаќаат 200 угандски шилинзи, односно 0,05 евра дневно. Во текот на првите три месеци од воведувањето на данокот бројот на интернет-претплати за такви услуги опадна за повеќе од 2,5 милиона. Бројот на луѓе што го плаќаат данокот се намали на 1,2 милион луѓе.

Кога оваа давачка беше воведена, демонстрантите излегоа на улиците за да го кренат гласот, а некои активисти дури и ја тужеа владата поради тоа што става рестрикции на нивните права на слобода на говор и пристап до информации.

- Социјалните медиуми станаа голем извор на вести и политички информации. Истакнатото изложување на информации преку интернетот ги натера жителите на Уганда повеќе да ги критикуваат политичките услови во земјата - истакнува Ирене Икому, правничка од Уганда.

Таа вели дека е загрижена дека во земјата ќе се наметнат уште порестриктивни мерки на помалку од две години до следните избори.

Во 2016 година претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, кој со земјата владее 32 години, нареди гасење на сите страници на социјални медиуми за време на изборите за да спречи ширење неточни информации.

Данокот се однесува на 60 страници. Повеќето жители не сакаат да го плаќаат данокот и си инсталираат софтвер за виртуелна приватна мрежа (ВПН) на телефоните, што им дозволува да ги користат инаку забранетите социјални мрежи, правејќи притоа да изгледа дека се наоѓаат во друга земја.

Но, има стравувања дека и економијата ќе настрада бидејќи компаниите за мобилни телефони веќе мора да отпуштаат вработени, а вредноста на мобилни трансакции на пари е опадната за речиси една четвртина во првите три месеци по воведувањето на новиот данок.

Поради недостиг од формално банкарство во Уганда, повеќето луѓе во оваа земја се потпираат на нивните мобилни телефони за да испраќаат и да примаат пари преку текстуални пораки.

Додека сè помалиот број корисници на интернет предизвика нови повици за укинување на данокот, Ибрахим Боса, портпарол на Комисијата за комуникации на Уганда, очекува закрепнување на бројката на корисници.

- Веројатно, порано или подоцна, луѓето ќе сфатат дека ова е нешто со што можат да живеат. Животот ќе се врати во нормала - истакна тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава