Оваа книга е збир на мои лекции и искуства. Она што сакам да го направи читателот е да погледне во својот живот и да се запраша - за кого ги правам работите во мојот живот? Дали за себе? Дали за детето во мене? За другите? Одговорот ќе си дојде сам, но важно е да го поставиме тоа прашање. Многу поважно, се надевам дека книгата ќе ги инспирира читателите да се одврзат од минатото, да се радуваат на иднината, но максимално да уживаат во сегашноста. Нема ништо поубаво од сега, од овој миг, ни изјави Коста Петров
„Ако не си добар кон себе, не можеш да бидеш вистински добар кон никого“, е извадок од новата книга „Сè што би сакал да знаев порано“ на Коста Петров. Промоцијата ќе биде в среда, во 19 часот, во Филхармонија кафе-бар, а е во издание на издавачкиот центар ТРИ.
Коста Петров е основач и извршен директор на „Пи ворлд“, креативна агенција со канцеларии во Скопје и Монтреал и присуство во над 40 земји во светот. Со издадени пет книги, продадени во над 50.000 примероци, тој е и еден од најпродаваните македонски автори во последните десет години. „Сè што би сакал да знаев порано“ е негова шеста книга.
Што би сакале да знаевте порано? Кои животни поуки, од сегашен ракурс, сметате дека би Ви го олесниле секојдневието, животот...
- Јас сум бескрајно благодарен за сите животни лекции. И за болните и за оние што ми донеле неизмерна радост. Но во мене живее и детето. Тоа дете 39 години го следи секој мој чекор. Тоа дете ми носи многу среќа, но некогаш знае да донесе и многу тага. Мојата нова книга е токму за тој разговор, за најважниот разговор во нашите животи, оној разговор со детето во нас. Многу доцна во животот сфатив дека многу работи сум ги правел за да го задоволам детето во себе, а тоа дете носело толку многу товар и честопати токму поради тој товар сум носел одлуки за да го задоволам него, а не себе. Најважната лекција што би сакал да ја знаев порано е дека нема ништо поважно од тоа да бидеш добар кон себе. Најпрвин мораме да бидеме добри кон себе за вистински да бидеме добри кон другите. Нема ништо поважно од таа самољубов. Но, никој не нѐ учи на самољубов. Можеби така треба и да биде. Животот е тука да нѐ научи на моќта на самољубовта.
Насловот асоцира дека во книгата се раскажува за работите што сте сакале да ги осознаете порано... За што се зборува во книгата? Кое поглавје од Вашиот живот овој пат сакавте да го „фрлите“ пред окото на јавноста?
- Оваа книга живееше во мојата глава неколку години, но немав храброст да седнам и да ја напишам. Најверојатно како и сѐ во животот, мора да дојде совршениот момент. Тој момент дојде во август и ја напишав за само 4 дена. Пишувањето беше своевидна терапија, но и тест, колку сум научил да си простам себеси, колку сум научил да се сакам себеси, и најважно - дали навистина сум научил да се одврзам од товарот на минатото. Секое поглавје со себе носи некоја важна лекција, но и одврзувања од некои верувања што сум мислел дека се мои, но не биле. Најтешко поглавје за пишување ми беше она околу самопростувањето. Толку многу е тешко да си простиш себеси за некои животни одлуки. Нам ни е лесно да им простиме на другите, но да си простиш себеси, за тоа е потребна многу голема храброст, но и самосвест. Сите ние правиме грешки, но тие грешки не треба да нѐ дефинираат. Напротив, треба да нѐ направат похрабри и помудри. Ако не научиме да си простиме, продолжуваме да живееме со една нога во минатото.
Што Ви испровоцира да ја напишете оваа книга и какви суптилни забелешки сакате читателите да си зацртаат в глава додека ја читаат?
- Во декември славам 40 години и некако тој роденден отсекогаш ми бил значаен. Сите што ме знаат се шегуваат дека јас славам 40. роденден од мои 16 години. Некако сакав да направам ретроспектива на сѐ што ми се случувало досега. Што сум научил, но и што ќе земам во следното поглавје од мојот живот, а што ќе оставам во минатото. Втората причина е што во изминатата 1,5 година навистина имав еден период на самоизолација. Ми беше потребно да ги преиспитам своите верувања и навистина да се запрашам кој сум јас и што правам со мојот живот.
Оваа книга е збир на мои лекции и искуства. Она што сакам да го направи читателот е да погледне во својот живот и да се запраша - за кого ги правам работите во мојот живот? Дали за себе? Дали за детето во мене? За другите? Одговорот ќе си дојде сам, но важно е да го поставиме тоа прашање. Многу поважно, се надевам дека книгата ќе ги инспирира читателите да се одврзат од минатото, да се радуваат на иднината, но максимално да уживаат во сегашноста. Нема ништо поубаво од сега, од овој миг.
Споменавте дека ова е книга за сите верувања што ги поседува детето во нас и како тие ја обликуваат личноста која сме денес. Кои моменти од детството најсилно ја обликуваат нашата личност?
- Моето детство постои во сликите, но и во мојата глава. Во сликите живее среќата, но во мојата глава долго живееше тагата. Не знам зошто, но некако најтрауматично ми беше селењето од Гостивар во Скопје. Трпев невиден булинг, бев задеван, а единствено што сакав е да бидам прифатен. Дури сега, по речиси 30 години, сфатив дека тоа дете сѐ уште живее во мене. И многу од работите што сум ги правел во животот сум ги правел за тоа дете во мене да биде прифатено и сакано. И тоа е претежок товар. Товар кој нѐ држи врзани за минатото. Товар кој не ни дозволува да живееме. Токму за тоа пишувам во новата книга, дека најважниот разговор во нашите животи е оној со детето во нас.
Што од детството Ве оформи во личноста која сте денес?
- Имав толку многу убаво детство во Гостивар. Живееме во голема зграда и секој ден организиравме приредби. Зборувавме со сестра ми турски и албански. Имавме неверојатно детство. Промената се случи со преселбата во Скопје. Некако верував дека во Скопје ќе имам многу повеќе пријатели и уште многу поголеми приредби. Но, не беше така. Таа транзиција беше доста тешка, но за сѐ има причина во животот. Да не ми се случеше тоа, немаше сега да седиме и да го водиме овој разговор.
Кога гледам наназад, ги прифаќам и убавите и лошите делови од моето детство. Всушност, ги прифаќам сите свои верзии. И нема поубаво чувство од тоа.
Што треба да задржиме, а што да оставиме зад себе додека одиме напред во животот?
- Јас секогаш велам, минатото е во минатото. Претежок товар е да го носиме минатото со себе. Да, во минатото има убави моменти. Нѐ потсетуваат на некои убави времиња. Но, убавината на живеењето е во сегашноста. Нема ништо поубаво од сега, од овој миг. Кога ќе ја сфатиме убавината на сегашноста, ја сфаќаме и вистинската убавина на животот. Многу поважно, живеењето во сегашноста нѐ учи да се радуваме на малите нешта во животот. Среќата е во малите нешта и навистина е така. Јас цел живот сум имал големи, холивудски соништа. Голем дел од моите соништа станаа реалност, но вистината е дека поголем дел од мојот живот сум го поминал во сон наместо да го живеам. Сега сакам да го живеам животот. Сега е моето време.
Фото: приватна архива