X
 04.11.2020 Наша тема

Младиот научник Жарко Данилоски откри преку кои гени се шири инфекција од SARS-CoV-2

Во трудот објавен во научното списание Cell ги идентификувавме човековите гени неопходни за SARS-CoV-2 инфекција (тоа е вирусот што предизвикува Ковид-19), вели д-р Данилоски

Истражува на полето на генетиката и геномиката, а предизвик му е да совлада специфична технологија за проучување генски болести. Појавата на новиот вирус SARS-CoV-2 ги пренасочила неговите моментни научни интереси и сето досегашно искуство го употребил во истражувањето на новиот вирус. Токму овие истражувања деновиве беа објавени во престижното научно списание Cell („Клетка“).

Д-р Жарко Данилоски (30) пораснал во Кичево, а средното училиште го завршил во Македонија. Дипломирал на Универзитетот „Јакобс“ во Бремен, Германија, на насоката Молекуларна и клеточна миологија, а магистрирал и докторирал на Медицинскиот центар при Универзитетот „Њујорк“ во Соединетите Американски Држави. Во моментот е доцент на катедрата по биологија на овој универзитет.

Која беше причината постдипломските студии да ги продолжите на Универзитетот „Њујорк“?

- Едни од врвните експерти во полето на генетиката и геномика се наоѓаат на катедрата по биологија на Универзитетот „Њујорк“, што беше главен мотиватор да бидам дел од овој универзитет. Една од технологиите што ми беше предизвик да ја совладам беше КРИСПР скрининг-технологијата (CRISPR screening technology), за чие откритие оваа година беше доделена Нобеловата награда за медицина.

Доц. д-р Жарко Данилоски

Кон што е насочен Вашиот научен интерес?

- Пред појавата на Ковид-19 моето истражување беше насочено кон употреба и усовршување на КРИСПР-технологијата за проучување генски болести. КРИСПР-технологијата ни овозможува да ги манипулираме сите 20.000 човекови гени, еден по еден, и да одговориме на прашања како: Кои човекови гени (и мутации) се неопходни или придонесуваат за човекови болести? Меѓутоа, со појавата на Ковид-19 во Њујорк беше воведен полициски час и ни беше наредено да работиме од дома. Јас како научник-истражувач сакав да придонесам за општеството преку истражување на Ковид-19. Така започнаа моите авантури во полето на оваа болест.

Деновиве Ваш труд беше објавен во престижното научно списание Cell. На што се однесува истражувањето?

- Во нашиот труд објавен во Cell ги идентификувавме човековите гени неопходни за SARS-CoV-2 инфекција (тоа е вирусот што предизвикува Ковид-19). Користејќи ја КРИСПР-технологијата и човекови клетки, ги модифициравме сите 20.000 човечки гени, еден по еден. Потоа модифицираните клетки беа инфицирани со SARS-CoV-2.



Инфекцијата со SARS-CoV-2 ги убива речиси сите човечки клетки, освен оние кои генската модификација ги прави отпорни на инфекција. На овој начин пронајдовме како вирусот инфицира човечки клетки и кои гени се неопходни за вирусната инфекција.

Кој сè учествуваше во истражувањето?

- Јас произлегов со првичната идеја. Имајќи ја предвид важноста на овој проблем, одлучив да соработувам со доцент д-р Тристан Џордан, со кој заедно го водевме ова истражување. Дополнително беа вклучени научници од Универзитетот „Њујорк“, болницата „Маунт Синаи Њујорк“ и Универзитетот „Колумбија“. Тимот се состоеше од експерти во различни полиња, вклучувајќи генетика и геномика, молекуларна и клеточна биологија, хумана генетика и биоинформатика.

Преку кои гени (од човековиот геном) вирусот SARS-CoV-2 ги инфицира човековите клетки? И во однос на тоа може ли да се предвиди кои луѓе потешко ќе се справат со инфекцијата и болестите што ги предизвикува вирусот?

- Нашето истражување покажа дека SARS-CoV-2 користи повеќе гени и групи гени. Меѓу нив би издвоил неколку, на пример, еден од најважните беше рецепторот ACE2, кој е потребен за влез на вирусот во клетката. Исто така, откривме дека гени неопходни за функција на ендо-лизозомот, клеточна сигнализација, и клеточен моталитет, се неопходни за вирусната инфекција.



Прашањето дали од нашето истражување може да се предвиди сериозноста и исходот од Ковид-19 е доста интересно. Во моментов соработуваме со научноистражувачка група од областа на хумана генетика за да го одговориме токму ова прашање. Се надевам дека во иднина ќе имаме повеќе информации на ова поле.

Како би се таргетирале овие гени за да се спречи вирусната инфекција?

- Штом откривме кои гени се неопходни за инфекција на Ковид-19, одлучивме да ти таргетирамe овие гени со мали хемиски молекули (познати како дроги или лекови). Тестиравме панел од 26 лекови врз човекови клетки, меѓу кои 7 од нив значително ја намалуваат вирусната инфекција во споредба со контролната група. Бидејќи истражувањето беше доста успешно, но направено врз човечки клетки, потребни се дополнителни клинички испитувања за да се утврди дали тие би дејствувале врз пациенти болни од Ковид-19.

Дојдовте ли до одговор на прашањето зошто SARS-CoV-2 е толку непредвидлив?

- Ова е многу комплексно прашање за да се одговори. Пред сè, потребни се време и научно испитување на оваа тематика за да можеме поконкретно да го одговориме прашањево. Од она што се знае во моментов, исходот од SARS-CoV-2 инфекцијата кај пациенти е доста непредвидлив и тоа може да се атрибутира на повеќе фактори вклучувајќи: придружни хронични заболувања, генска варијација, како и спремноста на имунолошкиот систем.



Каде планирате да ја продолжите својата кариера? Што Ви е следен предизвик?

- Моментално ги завршуваме преостанатите проекти за Ковид-19. Се надевам дека по завршувањето на пандемијата би можел да се вратам на моето претходно истражување. Конкретно сум заинтересиран за развивање биотехнологија базирана врз КРИСПР, која со помош на наночестички би се користела за корекција на генски болести.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема