X
 06.10.2016 Живот

Четирите мистерии кои научниците не можат да ги објаснат

Во 21-от век речиси се може да се објасни со помош на науката. Но, постојат и исклучоци кои  со децении се вистинска мистерија за експертите.

Ова се четирите мистерии кои долго време не се разјаснети и засега експертите за нив имаат само ставови кои се базираат на претпоставки.

1. Светлата во долината Хесдален, Норвешка

Жителите на долината Хесдален во Норвешка веќе со децении ги набљудуваат необичните светла кои се јавуваат на небото ноќе.

Светлата откако ќе се појават, се движат во различни правци и светат во различни интензивни бои. Светлата се видени од голем број на луѓе и повеќе пати се регистрирани и со камера, што значи дека нивната појава не е спорна. Но, она што долгогодишните спроведени студии не го откриле е за што всушност се работи. Една од шпекулациите е дека тоа подрачје е радиоактивно, а радијацијата носи честички прашина кои експлодираат во допир со атмосферата.

Друго објаснување е дека целата област има карактеристики на голема батерија, ако се земе предвид фактот дека е долина богата со бакар, а во другиот дел од долината има цинк во изобилие. Двете компоненти може да се пронајдат во батерија, потребна е само “кисела“ врска за да засветат. Реката на дното на долината содржи сулфур, кој можно е да делува како извор на киселина. Теоретичарите на заговор, пак, во овие светла гледаат вонземјанско влијание.

2. Вилинските кругови во Намибија

На пасиштата во Јужна Африка, во најголем дел во Намибија, постојат илјадници мистериозни кругови кои се појавуваат на полуплодна земја. Жителите на Намибија овие кругови ги нарекуваат “вилински кругови“. Се појавуваат на површината, а потоа исчезнуваат по неколку децении. Помалите кругови во просек траат 24 гофини, додека поголемите можно е да постојат и до 75 години.

Прашањето на кое е многу тешко да се одговори е “Зошто?“. Постојат неколку претпоставки, но засега ниедна не е доволно уверлива.
Научниците ги проучуваат круговите уште од 1971 година, но до сега немаат јасни докази зошто круговите се појавуваат.
По народните верувања на локалните жители, круговите ги создава змеј кој живее под Земјината кора, а неговиот огнен здив ги креира круговите на површината. Други хипотези зборуваат за дејствување на термити, софистициран еколошки инженеринг и слично.

3. Таос


Се работи за низа чудни, нискофревентни звуци кои наликуваат на пеење и се снимени на повеќе места во светот, особено во градот Таос во Ново Мексико. Се опишува како звукот на работење на моторот од автомобилот во мирување. Наводно влијае и на луѓето кои живеат во тоа подрачје. Сите оние кои го искусиле велат дека повеќе се чувствува внатре во телото, отколку како надворешен звук.
Заради тоа не помагаат ниту слушалки, бидејќи звукот вибрира долж телото. Неговата фреквенција е тешко да се утврди со микрофон, а едно од можните објаснувања е дека се работи за спонтана отоакустична емисија – т.е. звукот доаѓа од влакненцата во ушите на луѓето.

4. Ѓаволовиот котел

Ова е река во Минесота, односно формација од водопад и карпи во кој настанува половина од реката Бруле. Реката се дели на два дела, од кои едниот дел паѓа низ карпите и создава водопад, додека другиот дел тече во јама и исчезнува, но никој не знае каде. Научниците веруваат дека посоти некоја излезна точка некаде под езерото Супериор, но истражувачите со години во дупката излеваат боја и вметнуваат различни предмети како пинг понг топчиња и слично, но ниеден од вметнатите предмети никогаш не е пронајден.

Геолозите тврдат дека длабоките пештери кои можат да акумулираат толкава количина на вода се многу ретки. Текстонските акции во цврстите карпи понекогаш можат да ги здробат подземните слоеви на карпи, создавајќи пропустливо опкружување за вода. За жал, не постојат геолошки докази за ваквото објаснување, а дури и да постојат, малку е веројатно дека јамата може засекогаш да ја “влече“ водата во себе. Бурите и ерозијата понекогаш во јамата донесуваат одрони и парчиња дрва, па во некој момент логично би било дупката да се преполни, о тоа досега не се случило.

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот