X
 06.11.2019 Живот

„Тетрис“ - како најпопуларната советска игра го освои светот?

Речиси не постои човек чие детство не го одбележа една од првите и најпопуларни видеоигри - „Тетрис“. Популарната игра ја создал рускиот инженер Алексеј Пажитнов.

Тој бил инженер за софтвер во Советската академија на науките во Москва кога добил задача да тестира нов вид компјутер - „електроника 60“. За да го направи тоа, напишал едноставна игра базирана на сложувалка од неговото детство. Играта требало да му помогне да процени колкава е моќноста на компјутерот и да обезбеди малку забава.

Но, Алексеј немал претстава дека играта ќе се претвори во една од најголемите, најзаразните и најуспешните на сите времиња.

На 6 јуни 1984 година „Тетрис“ го почнал своето патување зад Железната завеса.

„Тетрис“ е игра слична на сложувалка во која геометриските форми наречени „тетроминоа“ паѓаат на полето за играње, а играчот треба да ги организира за да ги пополни празните места. Алексеј добил инспирација од класичната игра „Пентомино“ што се состоела од комбинирање на различни форми во пет квадрати - вкупно 12, а целта била да се наместат како дрвени кутии.

За да ги поедностави работите, тој го намалил бројот на квадрати на четири, со што бројот на форми бил намален од 12 на 7. Играта ја нарекол „Тетрис“, комбинирајќи го грчкиот број „тетра“ што значи четири и тенис, кој бил неговиот омилен спорт.

Не поминало многу време и Пажитно веднаш се навлекол на играта.

Но, создавањето видеоигра во Советска Русија во екот на Студената војна не било лесно. Само преку чистата брилијантност на неговиот дизајн „Тетрис“ се претвори од необична програма за тестирање во светски феномен.

1
Оригиналната верзија на играта


Иако играта станала популарна меѓу програмерите со пристап до „електроника 60“, машината немала графички способности - и имала помалку меморија од денешните калкулатори. Поради притисокот да создаде верзија на играта за компјутер „Ај-би-ем“ , компјутер со подобра графика, Алексеј му ја доделил задачата на Вадим Герасимов, 16-годишен студент кој бил на летна пракса во неговата канцеларија (денес инженер во „Гугл“). Играта брзо се раширила.

- Беше како шумски пожар. Сите во Советскиот Сојуз што имаа компјутер играа „Тетрис“ - раскажува Алексеј.

Тој не заработувал пари од играта, ниту имал намера. Идеите биле во сопственост на државата и самиот концепт на продажба на софтвер како производ за него бил непознат. Луѓето го споделувале „Тетрис“ преку збор и преку копии на флопи-диск. Тогаш Алексеј слушнал шпекулации дека играта можеби ги поминала границите и се игра во другите земји од источниот блок. Во 1986 година тој добил порака преку телекс (претходник на факсот) од Роберт Штајн, продавач за лондонската софтверска компанија „Андромеда“. Штајн, кој ја видел играта во Унгарија, сакал да ги обезбеди правата да ја продава како компјутерска игра на Западот. Понудил значителна сума пари однапред.

- Англискиот ми беше лош во тоа време, па составив еден вид позитивен одговор, велејќи дека ни е драго што го добивме предлогот и дека може да се склучи некаков договор - вели Алексеј. Тој знаел дека поради склучување бизнис директно со западна фирма може да заврши во затвор, дури и пред да ги заработи парите, па почнал да истражува како може да ги продаде правата на „Тетрис“ преку државата.

3
Алексеј Пажитнов бил инспириран од класична сложувалка


Штајн го толкувал неговиот одговор како зелено светло и почнал со производство на играта. Но, како што се подготвувала играта да се лансира, Алексеј добил друг телекс од „Елорг“, советска организација што го надгледувала извозот на софтвер и хардвер. Во пораката пишувало дека правата не биле официјално доделени и дека неговото лансирање било нелегално.

На крај, Штајн го расчистил проблемот и „Тетрис“ бил лансиран во 1988 година. Но, недоразбирањето меѓу Алексеј и Штајн покажало колку е тешко да се извезе видеоигра од советска Русија на Западот - проблем што со години доведувал до забуна и правни битки, па дури и се шпекулира дека завршил на бирото на советскиот лидер Михаил Горбачов.

„Тетрис“ одлично се продавал на компјутерите, но големите пари се правеле на друго место - конзоли. Хенк Роџерс, холандски девелопер на видеоигри и бизнисмен, бил првиот што сфатил дека играта е совршена за „Гејм бој“, нова рачна конзола на „Нинтендо“ во Јапонија во 1989 година.

- Склучив договор со Минору Аракава, основачот на „Нинтендо“ во Америка, да биде вклучена играта во секој „Гејм бој“. Тој ми рече: „Зошто да ја вклучам таа игра? Го имам „Марио“. Јас му реков:  - Ако сакаш малите деца да го купат „Гејм бој“, вклучи го „Марио“. Ако сакаш сите да го купат „Гејм бој“, вклучи го „Тетрис“  - вели Роџерс.

Роџерс тргнал да ги бара потребните дозволи и наскоро сфатил колкав предизвик е тоа. Тој открил дека голем број компании тврделе дека ги поседуваат правата за играта.

- Затоа, се качив во авион и отидов во Москва со туристичка виза за да го пронајдам изворот на правата, „Елорг“ - вели тој.

4
Хенк Роџерс и Алексеј Пажитнов на Црвениот плоштад во Москва

Откако стигнал во Москва, веднаш ангажирал преведувачка, за која бил убеден дека е агентка на КГБ, затоа што веднаш му закажала состанок со „Елорг“.

- Знаеше сè, и тоа ми беше сомнително. Не смеев да разговарам со Русите, а камоли со луѓе од владата. Ги прекршив сите правила со тоа што бев таму. Ме испрашуваа два часа - раскажува Роџерс.

Меѓу службените лица во собата бил и Пажитнов, на кого Роџерс веднаш му се допаднал.

- Пажитнов беше единствениот човек кој знаеше за игрите. Му објаснив како функционира бизнисот и станавме пријатели. Една недела подоцна, ја напуштив Москва со потпишан договор за „Тетрис“ на „Гејм Бој“ - вели Роџерс.

Верзијата на „Гејм Бој“ со „Тетрис“ во него било продадено во 35 милиони единици и ѝ помогнало на конзолата да стане една од најуспешните на сите времиња.

И покрај успехот на играта, Пажитнов и понатаму не заработувал пари.

- Постоеја многу правни проблеми со авторските права и оригиналниот извор на играта, па одлучив да ги дадам правата на Центарот за компјутери на советската академија на науките во период од 10 години - вели тој.

Пажитнов ја напуштил Москва и заминал за Сиетл во 1991 година со помош на неговиот пријател Роџерс. Кога неговиот договор за правата истекол во 1995 година, тој конечно почнал да добива хонорари за играта.

5
Пажитнов и Роџерс во 2018 година


Во 1996 година, Пажитнов и Роџерс ја основале компанијата „Тетрис“ за да раководат со лиценците за „Тетрис“ и другите верзии што произлегувале од играта. Во 2005 година, компанијата „Тетрис“ го купи „Елорг“ која станала приватна по распаѓањето на Советскиот Сојуз, освојуваќи целосна контрола врз сите права на „Тетрис“ ширум светот.

„Тетрис“ била предмет на неколку научни истражувања. Едно истражување открило дека играњето на оваа игра може да биде ефикасно во борбата против желбата за јадење, па дури и лекови, а друго истражување открило зголемување на дебелината на некои делови од мозокот кај луѓето кои редовно играле.

До денес, „Тетрис“ бил објавен на над 65 платформи, светски рекорд, со повеќе од половина милијарди преземања од мобилните уреди. Пажитнов лично работел на над 100 верзии на играта.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот