Се препорачува времето поминато пред екран да се сведе на минимум. И тоа: децата од две до петгодишна возраст да не поминуваат повеќе од еден час пред екран дневно, додека за поголемите деца правилото е – не повеќе од два часа дневно, вели Скепароска-Петковска
Децата честопати се одушевени од одреден лик-јутјубер. Тој е „еден од нас“, го сметаат за другар или другарка и живеат во таканаречена виртуелна илузија. Истовремено имаат тешкотии да се поврзат со другарчиња од своето секојдневие. Родителите обично ги забележуваат првите знаци на зависност, вели Надица Скепароска-Петковска, магистер од областа на клиничката психологија од скопското советувалиште „Мозаик“.
Како оваа појава влијае врз децата, особено врз најмалите. Како се одразува врз понатамошниот развој?
Деца.мк ни го пренесува разговорот со Скепароска-Петковска за повеќе аспекти на влијанието на јутјуберите врз децата.
Како гледањето видеа и играњето видеоигри влијаат врз развојот на едно шестгодишно дете?
– Ако прашате неколку деца на шестгодишна возраст дали имаат свое омилено телевизиско шоу што се емитува во епизоди, ќе ви кажат – не. Имаат омилени видеа затоа што поголемиот дел од времето го поминуваат на каналот „Јутјуб“. Зошто е дискутабилно токму гледањето на јутјуберите? Има повеќе одговори на ова прашање. Прво, појавата на зависност од гледање видеа или од играње игри. Шестгодишно дете обично нема претстава за времето поминато на таблет или на телефон. Може со часови да гледа различни видеа и обично никогаш не е доволно. Покрај појавата на зависност, постои уште една опасност – содржината на видеата што се појавуваат. Трето, желбата за имитација на ликовите што се појавуваат во видеата може да ги доведе децата во ризични ситуации. Во приватна практика работам со деца што пројавуваат стравови од нереални ликови и кажуваат одредени имиња што се повторуваат. По експлорација (истражување), утврдив дека тие ликови ги виделе токму на каналот „Јутјуб“. Често ги споменуваат Killer Clown, Bloody Mary, Five Nights at Freddy`s… Децата секогаш кажуваат дека тоа се вистински ликови. Кога ќе ги прашам зошто, одговараат: „Затоа што ги видов на видео“. За помалите деца е реално сè што ќе видат на видео или на телевизија. Се случило поголемите деца и тинејџери да се сретнат со видеа со експлицитни сексуални сцени и потоа се збунети во врска со сексуалноста и чувствуваат срам и вина.
Кога родителот треба да се замисли дека неговото дете станува зависник од „Јутјуб“?
– Родителите обично ги забележуваат првите знаци на зависност. Тоа се: гледање во мониторот со часови, одбивање секаква друга активност, отсуство на спонтана игра, кавги, па дури и тантруми кога родителот кажува дека детето треба да го исклучи уредот. Кај нас има родители што ги носат своите деца примарно на терапија поради симптоми на анксиозност, а потоа се испоставува дека треба да работиме на зависност од „Јутјуб“ или од видеоигри.
На овој начин многу производители си ги рекламираат своите производи. Како родителот да реагира во една ваква ситуација?
– Консумеризмот зема голем замав. На децата им се презентираат реклами на два начина. Има видеа во кои на експлицитен начин се рекламира одреден производ. Децата ги гледаат тие видеа без особено внимание. Во други видеа на имплицитен начин се презентираат одредени играчки или производи преку ракување со нив и токму тој начин е поопасен. Во многу видеа е прикажано како одредено дете си игра со одредена играчка. Гледањето видеа во кои се отвораат киндер-јајца или се игра со одредена кукла создава кај детето антиципаторна желба за поседување на истата играчка што ја видело. Родителот тука има тешка задача – да ги ислуша барањата на детето и да му каже дали може да се купи таа играчка. Родителот треба да постави јасни правила и граници околу купувањето играчки.
Живееме во време кога технологијата се користи во секој сегмент од животот. Има ли начин да се ограничи пристапот до таа технологија?
– Живееме во време кога пристапот до модерната технологија е лесно достапен за сите, вклучувајќи ги и децата. Ние секојдневно ги користиме паметните телефони, таблети и компјутери, децата нè гледаат и сакаат да нè имитираат. Кога првпат ќе се сретнат со видеата и игрите, децата сакаат уште. Целосна изолација е можна кога и ние, родителите, не би ја користеле модерната технологија. Меѓутоа, децата имаат другарчиња што имаат телефони и таблети, па така доаѓаат до слободен пристап. Денес е тешко децата да ги изолираме во „балон од сапуница“. Затоа родителот има задача да поставува правила и да воведува ред. Родителот го определува времето поминато пред компјутер, таблет, телефон и го потсетува детето на правилата. Покрај тоа, родителот секогаш има опции како, на пример, родителска контрола. Се препорачува времето поминато пред екран да се сведе на минимум, и тоа: децата од две до петгодишна возраст да не поминуваат повеќе од еден час пред екран дневно, додека за поголемите деца правилото е – не повеќе од два часа дневно.