За Жарко Башески се својствени изработките во реалистичен и хиперреалистичен манир
Облечена во својата специфична бела облека со три карактеристични сини линии на рабовите, препознатливите брчки на лицето, погледот и насмевката и споените дланки... Мајка Тереза како буквално да оживеала во хиперреалистичната скулптура „Света мајка Тереза“, која ќе биде дел од поставката на нејзината Спомен-куќа во центарот на Скопје.
Жарко Башески со новото дело
По повод историската посета на папата Франциск, во чест на Скопската бискупија при Римокатоличката црква, македонскиот скулптор и професор Жарко Башески ја збогати галеријата на Спомен-домот на добитничката на Нобеловата награда за мир и светица во католичкиот свет, Мајка Тереза, со нејзина скулптура изработена во реалистичен манир, карактеристичен за Башески.
- Скулптурата која ја оживеа професорот Жарко Башески поседува бесценета вредност за нас што работиме, константно ја градиме и пренесуваме приказната за Мајка Тереза. Реакциите што ги посведочивме од самите посетителите и убавите зборови се од големо значење, како и восхитот и воодушевувањето од реалноста и деталноста на скулптурата. Ова уметничко дело е од огромна важност за нас и сериозно ја зголемува привлечноста на понудата на Спомен-куќата на Мајка Тереза за идните домашни, но и странски посетители - вели Ариан Асланај, директор на Спомен-куќата.
За Башески се својствени изработките во реалистичен и хиперреалистичен манир, а еден од главните материјали користени и за ова дело е силиконот, кој во комбинација со полимер исклучително придонесува за реалниот впечаток на оваа скулптура, која отсега ќе биде дел од галеријата на Меморијалниот центар.
Жарко Башески е македонски скулптор, професор на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и дел од Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Се вбројува меѓу најдобрите светски хиперреалисти, а покрај самостојните домашни изложби, неговите дела се дел од реномирани интернационални изложби во Европа и во светот.