Првин мислевте дека матурата е најстресниот дел од животот, потоа матурата ја заменија испитите и колоквиумите во текот на студиите. И додека тогаш размислувавте дека сакате да се откажете, сега би направиле сè за да се вратите во тие години бидејќи покрај стресот, тие беа безгрижни, зарем не? Штом еднаш ќе дипломирате, од вас се очекува да преминете во возрасниот живот, а вас ве фаќа депресија.
Преминот меѓу студентскиот и „возрасниот“ живот за многумина е тежок, со чувство на тага и неизвесност. Кај некои лица оваа постдипломска депресија може да излезе од контрола и да имаат чувство дека е неподнослива.
Флос Најт е психотерапевт и таа е запознаена со овој проблем кој погодува многу млади.
- Многу дипломирани студенти се тажни или депресивни откако ќе го напуштат факултетот. Некои тоа го доживуваат првпат, додека други веќе преживеале вакви епизоди на загриженост за менталното здравје кои може да се влошат откако ќе го напуштат универзитетот. Различни луѓе различно го доживуваат тоа чувство - за некои студентските денови биле најубавиот дел од нивниот живот, додека за други тоа било извор на тага и стрес - објаснува таа.
Вложиле толку енергија и труд и по дипломирањето се прашуваат - што сега?
Оливија Џејмс, експерт за анксиозност и траума, депресијата по дипломирањето ја опишува како чувство на тага, безнадежност, апатија и умор кои ги обземаат младите кога очекуваат да се среќни и ослободени.
- Дипломирањето е еден вид обред, подразбира многу емоции и значења: нашето самопочитување, нашата финансиска иднина, чувството на верност или пркос кон фамилијата и професорите, нашата индивидуалност и преминување во светот на возрасните - објаснува Оливија.
Таа додава дека постои природен процес на тагување на крајот од високото образование.
- Факултетот отсекогаш бил преодна фаза меѓу домот и независноста - вели Џејмс.
Депресијата по дипломирањето не е нова појава. Оливија вели дека кога таа дипломирала, чувствувала дека тоа е огромен антиклимакс и чувство „сега што“?
- Вложив толку енергија и труд во студиите и испитите, што кога сè заврши, чувствував празнина и исцрпеност. Не бев толку среќна и восхитена како што очекував - вели таа.
Пандемијата дополнително ја влоши оваа состојба
Џејмс истакнува дека пандемијата ги ограничила студентите и тие пропуштиле многу забава и личен раст, а според неа, тоа ја засилило тагата што ја чувствуваат. Освен постдипломската депресија, двете соговорнички се согласуваат дека годинашните и ланските новопечени академски граѓани минуваат низ многу потежок период на депресија од сите дипломци пред нив.
Тие двете велат дека дипломците се соочуваат со тешкотии во наоѓањето работа, оддалечување од нивните пријатели и системот на поддршка што го имале на факултет, а остануваат со големи студентски долгови и други финансиски неизвесности, тешкотии со станбеното прашање и, секако, со пандемијата.
Меѓутоа, Флос напоменува дека е важно да се има на ум дека на депресијата не ѝ треба причина за почеток.
- Тоа е болест која може да влијае врз секого, без оглед на овие посредни поттикнувачи. Може да имате најбрилијантно постдипломско искуство, а повторно да бидете депресивни - објаснува таа.
Тоа чувство е нормално и валидно.
- Сфатете дека тоа е нормално и валидно чувство - вели Оливија.
Особено сега, пандемијата им го наруши факултетското искуство на дипломираните студенти бидејќи не можеа правилно да се дружат, да градат пријателства и врски, да одат на предавања или да го слават дипломирањето.
- Ова не беше она што го очекувавте и тагувате поради тоа што можело да биде - вели Оливија.
Таа додава дека тоа е разумен начин на носење со ситуацијата во која се наоѓаат многу млади денес.
- Немојте да се чувствувате виновни поради тоа. Дозволете си да тагувате, а потоа направете план за она што следува - порачува таа и додава неколку златни правила по кои можеме да се водиме за да го избегнеме тоа чувство.
1. Не споредувајте се со другите
По факултетот многу дипломци се враќаат дома, несигурни што да прават понатаму. Флос вели дека е важно да не се споредувате со другите луѓе, кои можеби добиле работа или се иселиле - не знаете како стигнале дотаму или како се чувствуваат, па таа порачува во центар на нашите преокупации да се ставиме себеси.
- Сконцентрирајте се на себе: што сакате да постигнете? Како мислите да дојдете до следната пресвртница? Не трошете ја скапоцената енергија завидувајќи на туѓите постигнувања - порачува таа.
2. Бидете добри со себе
Флос вели дека чувството на депресија може да биде исцрпувачко, а вие морате да бидете добри со себе во однос на тоа што сакате да направите во иднина и како можете да го направите тоа.
- Само вие ќе знаете што мислите дека е можно. Поставете цели кои изгледаат остварливи и решавајте ги нештата од ден на ден - вели таа.
Немојте да заборавите дека некои работи се надвор од наша контрола, па важно е фокусот да се стави на нешта кои можеме да ги контролираме.
- Тоа може да биде и контактирање со некого за разговор за тоа како се чувствувате, аплицирање за работа, па дури и давање време за да закрепнеме - советува таа.
3. Разговарајте
Флос вели дека е најважно да разговарате со некого за тоа како се чувствувате. Запомнете дека не сте виновни за тоа и немојте да мислите дека морате сами да минувате низ тоа. Обратете му се на некој пријател или сакана личност, или ако повеќе сакате да разговарате со непознато лице, контактирајте со експерт за ментално здравје или добротворна организација.
Исто така, Оливија вели дека ако чувствувате дека депресијата е надвор од контрола и ако се чувствувате неспособни за работа, посетете го матичниот и побарајте стручна помош.
Извор:
The Tab
Фотографии: Freepik