Според најнова студија, еден од древните свитоци од Мртвото Море е направен со многу необична техника за тоа време.
Свитоците од Мртвото Море или Кумранските ракописи се состојат од околу 900 документи. Откриени се во периодот меѓу 1947 и 1956 во 11 пештери во околината на Кумран, на северозападниот брег на Мртвото Море. Се проценува дека се стари речиси 2.000 години.
Ракописот наречен Храмски свиток е последниот познат пронајден кумрански ракопис. Храмскиот свиток истовремено е и еден од најголемите и најдобро зачуваните текстови. Пронајден е во 1956 година во пештера северно од Мртвото Море. Наводно му бил продаден на трговец со артефакти, кој потоа го замотал во фолија и го ставил во кутија за чевли. Кога 11 години подоцна стасал во рацете на научниците, тие сфатиле дека е оштетен од влага.
Храмскиот свиток е напишан на најтенки материјали од сите откриени свитоци од Мртвото Море. Тој е тенок само десетина милиметри, а сепак може да се размота на должина од 8 метри.
Иако древните техники за изработка на пергамент се разликувале на истокот и на западот, сепак, повеќето се правени од животинска кожа. Таа кожа би се исчистила од влакна или масти, а потоа би се растегнала и би се исушила. Понекогаш дополнително би се трлала со сол. Источните пергаменти имале различни нијанси на кафеава боја, додека западните обично биле посветли.
Но, Храмскиот свиток не спаѓа во ниедна од наведените категории. Текстот, за разлика од другите ракописи, се наоѓа на внатрешната страна на кожата, на која претходно имало месо, и со мастило е напишан на неоргански слој, кој се наоѓа на самата површина на материјалот. За научниците да откријат за што станува збор, зеле мало делче од свитокот и хемиски го анализирале.
Откриле дека е направен на древен начин кој досега им бил непознат на експертите. На неговата површина уочиле чудна мешавина од сулфур, натриум и калциум. Тие елементи посочувале дека материјалот бил премачкуван пред на него да биде напишан текстот.
- Оваа студија има далекосежни импликации. На пример, ни кажува дека во тој период на Блискиот Исток се користеле неколку техники, што е во голема спротивност со единствената техника што се користела во средниот век - истакна хемичарот Ира Рабин од Универзитетот во Хамбург и додава дека Храмскиот свиток очигледно е создаден со посебна технологија, што ги објаснува неговата еластичност и боја.
Резултатите од анализата наметнале и некои прашања. Имено, составот на оваа посебна мешавина не одговара на водите од Мртвото Море, што значи дека свитокот или премазот е донесен од некое друго подрачје.
Научниците сметаат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди точното потекло на мешавината и да се разбере техниката која му го продолжила животот на свитокот за две или повеќе илјади години.