Единствена константа во развојот на човештвото, независно дали била праисториска доба, време на фараоните, елинизмот, Римската Империја, средновековието, индустријализацијата, па сѐ до оваа негова дигитализација, е ХРАНАТА. Во која било од споменатите епохи од неговиот развој, човекот морал да се храни.
Независно од етничкиот, социјалниот, професионалниот и секаков друг статус, секој човек кога се буди и го почнува новиот ден, треба да јаде. Храната не е луксуз, не е имагинација, таа е неопходност да се преживее. Се разбира дека таа не e единствена причина да се живее, ама храната е Conditio sine qua non, односно услов без кој не може да се опстане. Впрочем, како и секое друго живо суштество. А храната треба некој да ја произведува и делумно да ја преработува. Како се развивала цивилизацијата, така се зголемувала популацијата, а со тоа растела и потребата за храна. Па како еволуирале технологиите на производство на сѐ и сешто, главно преку иновации и истражување, така се развивало и производството на храна и нејзината преработка.
Сè започнало со култивирање билки и доместификација на диви животни кои почнале да се користат како извори на храна. Но тоа не било доволно. Неопходно било да се создаваат нови сорти земјоделски култури и нови раси домашни животни преку селекција, да се анализираат условите за производство, како што се квалитетот на водата и на почвата, да се механизираат и автоматизираат производството и преработката на храна, да се анализира нејзиниот состав, да се развиваат стратегии и пристапи за заштита на културите и животните од штетници итн.
Со текот на времето се вршела и диференцијација во производството, па се развивале гранки за производство на житни и индустриски култури, овошје, зеленчук, а во сточарството се развивале говедарството, свињарството, овчарството, живинарството и др.
Сите овие достигнувања во производството, преработката и контролата на храната имаат заеднички именител во професијата наречена ИНЖЕНЕР АГРОНОМ и економски сектор насловен како агробизнис.
Проф. д-р Зоран Поповски
За жал, во последните неколку децении, со напливот на информатизацијата, новите технологии, банкарските бизниси, машинската, модната, филмската и другите индустрии, оваа професија поврзана со производството, преработката и контролата на квалитетот и безбедноста на храната станува сè позагрижувачки потценувана. Тоа не е случај само кај нас, туку е светски тренд. Развиените земји имаат различни компензаторни механизми да го амортизираат овој тренд, ама, за жал, не и Македонија. Имено, и покрај тоа што Македонија била и сè уште е аграрна земја, овој тренд на потценување на професијата агроном продолжува и го загрозува економскиот развој на земјата и стандардот на нејзините граѓани. Нови фабрики, нови туристички дестинации, нови бизниси. Сè е тоа супер, ама ќе повторам – луѓето треба да се хранат. Тешко на државата која својот опстанок го темели на увоз на храна, а не произведува доволно сопствена храна во услови на недостиг на други природни ресурси. Не случајно, по ослободувањето од фашизмот и стекнувањето државност, една од првите одлуки на АСНОМ и првата влада на НР Македонија, а пред основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во 1947 година започнал со работа Земјоделско-шумарскиот факултет. Целта била да се оформи земјоделска научна и наставна организација која требало да создава кадри кои на измачените селани од војната требало да им помогнат во производството на храна. Подоцна, од овој факултет се издвоиле два независни факултети. Земјоделскиот факултет во 2004 година е преименуван во Факултет за земјоделски науки и храна – Скопје (ФЗНХ).
Во изминатите 75 години на ФЗНХ своето образование го оформиле над 8.000 инженери-агрономи, над 550 магистри и повеќе од 250 доктори на науки од областа на земјоделството. Сите тие денес се темел на производството, преработката и контролата на храна во Македонија.
ФЗНХ претставува и меѓународен бренд кој е препознатлив преку многубројните реализирани проекти, организирани научни собири и објавени трудови. Тоа е проверливо, ако се споредат овие достигнувања со тие на некои новокомпонирани слични институции. Но, тоа не е доволно. Тука не смее да се застане бидејќи ќе се доведе во опасност опстанокот на следните генерации во однос на потребата за квалитетна, безбедна и автохтона храна. Во меѓувреме, во оваа наша релативно мала држава се формираа уште неколку факултети кои би требало да се занимаваат со едукација на кадри за производство и преработка на храна, без притоа да ги исполнат елементарните просторни, технички и кадровски критериуми за таа дејност. Така се создаде нелојална конкуренција на најстарата високообразовна институција која се занимава со образование на инженерски агрономи, во чиј фокус се најдоа нереалните понуди за младите и релативно лесното стекнување на академската диплома. Но, дали е тоа доволно и дали е професионално да се креираат кадри кои не можат да одговорат на предизвиците на новото време во производството, преработката и контролата на храната. Зарем со тоа директно не го загрозуваме и здравјето на нашите сограѓани?
Затоа треба добро да се размисли како понатаму. Дали ќе продолжиме немо да го следиме надолниот тренд на уписи на студенти на ФЗНХ без државата да обезбеди некои стимулации во форма на стипендии, субвенции во вид на сместување во студентски домови, меѓународна мобилност итн. Истовремено, во секое време вработените на ФЗНХ се мобилизирани да го подигнат нивото на образовни услуги кон своите студенти, но и нивото на својата експертиза, толку неопходна за земјоделскиот сектор и компаниите и производителите во него. Затоа, денес на ФЗНХ се изучуваат и применуваат современи информатички алатки и молекуларни методи во развојот на земјоделскиот сектор.
Нашиот фармер е вреден и вешт, ама му треба стручна поддршка, а на компаниите знаење во унапредување и осовременување на производството. И за крај една порака до младите пред да го направат конечниот избор на својата професија: Квалитетни и компетентни инженери-агрономи се бараат на пазарот на трудот. Затоа направете го вистинскиот избор и студирајте на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.
Автор: проф. д-р Зоран Поповски, Факултет за земјоделски науки и храна - Скопје
(Комерцијална објава)