Големите ледени покривки на Гренланд и Антарктикот ја губат масата шестпати побрзо отколку што ја губеле во 90-тите, поради климатските промени.
Сеопфатен преглед на сателитските податоци од двете места проценува дека и Гренланд и Антарктикот се соочуваат со брзи стапки на топење на мразот.
- Ова воопшто не се добри вести. Денес, ледените прекривки придонесуваат за една третина од целиот пораст на нивото на морето, додека во 90-тите нивниот придонес беше прилично мал, околу 5 отсто. Ова има важни импликации за иднината, за крајбрежните поплави и ерозијата - изјави професорот Ендру Шепард од Универзитетот „Лидс“ во Велика Британија.
Податоците, составени и анализирани од проектот наречен „Имби“ (Ice Sheet Mass Balance Intercomparison Exercise), го ставија топењето на Гренланд и Антарктикот заедно со најлошото сценарио предвидено од Меѓувладиниот панел за климатски промени. Како што покажуваат резултатите, до 2100 година во ризик можат да бидат ставени 400 милиони луѓе поради порастот на нивото на морето.
Професорот Шепард води меѓународен тим од 89 научници кои ја анализирале загубата на мраз на Антарктикот и Гренланд, користејќи 26 истражувања и 11 сателитски мисии во периодот од 1992 до 2018 година.
Тие откриле дека Гренланд и Антарктикот заедно изгубиле 6,4 билиони тони мраз помеѓу 1992 и 2017 година, подигнувајќи го нивото на морето за 17,8 милиметри. И не само тоа, туку и стапката на загуба имала забрзано темпо. Ледените прекривки изгубиле 81 милијарда тони годишно во 90-тите и 475 милијарди тони годишно во 2010.
Податоците за Антарктикот биле објавени во списанието „Нејчр“ во 2018 година, додека податоците за Гренланд беа објавени во истото списание оваа недела.
Двата поларни региони реагирале различно. Топењето на мразот на Антарктикот придонело за 40 отсто од вкупниот пораст на нивото на морето и е водено од топлата океанска вода што ги топи глечерите. Топењето на мразот во
Гренланд придонело за 60 отсто од вкупниот пораст на нивото на морето, делумно водено од водата од океанот, но делумно и од високите температури на воздухот што ја топат површината од ледената прекривка.
И во двата случаи обемот на загубата на мразот е јасен доказ за климатската криза, вели лидерот на истражувањето, Ерик Ивинс од Лабораторијата за погон на авиони на НАСА.
- Сателитските мерења обезбедуваат прилично непобитни докази - вели тој.
- Ова не се настани со мала веројатност, тие веќе се во тек и ќе бидат погубни за крајбрежните заедници - вели Шепард. Според него, иднината е неизбежна и ледените прекривки ќе продолжат да се топат во наредните 30 години дури и ако престане испуштањето на гасови со ефект на стаклена градина.
- Можеме да поправиме дел од покачувањето на нивото на морето ако престанеме да ја загреваме планетата - вели професорот.
Фото: Pixabay