X
 15.07.2019 Живот

Раде Шербеџија: „Национализмот е најдобро решение со кое можеш да ја оправдаш својата неуспешност во животот“

Одиграл повеќе од 200 улоги, па разговорот со Раде Шербеџија за филмовите или театарот не е ни малку лесен. Потребни се часови и часови за само да се допре до сето она што го остварил во неговата кариера.

Но, освен актер, Шербеџија е и музичар, поет, но и остар критичар на општеството. Остро ги анализира денешните случувања и е еден од оние што никогаш не се плашеле да го кажат тоа што им е на ум, без оглед на реакцијата на опкружувањето.

Неодамна Шербеџија во едно интервју јасно стави до знаење дека во 90-тите се нашол во неволја само затоа што сакал да се спротивстави на идејата за војна, а кажува и дали му пречи кога некој за него ќе каже дека е југоносталгичар.

- Терминот „југоносталгичар“ всушност е непримерен. Тоа е грда политичка дисквалификација на оние што искрено чувствуваат почит кон фактот дека живееле во една земја во која сакале да живеат. Она што го подразбираме под носталгија е носталгијата за времето во кое луѓето поминале добра и богата младост, а притоа се оградувам од многу работи, бидејќи во таа земја многу луѓе не беа среќни - објасни Шербеџија.


Во филмот „Ангел чувар“, Шербеџија глуми психијатар кој ѝ помага на полицијата да ги расветли околностите околу бруталните убиства на крајот на Втората светска војна, извршени под хипноза. Зар не сме денес, како општество, малку хипнотизирани од различни идеи?

- Не би рекол дека сме хипнотизирани, но можеме да зборуваме за автохипноза. За свесно прифаќање на некакви хипотетички состојби, занес од минатото, на пример. За тоа би можело да се зборува, но би можел да искористам многу банални зборови. Ние сме манипулирани, не хипнотизирани. Да кажеме, поимот на колективна хипноза би можел да се искористи за поранешна Југославија, само што тогаш беше позитивна хипноза. Занесот, работните акции, вербата во подобар живот, изградбата на пруги, нов систем, хипноза на среќа и визија, ветен подобар живот, како и што беше за сиромашните, работниците, пролетерите... За работниците кои во тешки времиња живееле тешко, а по револуцијата и воспоставувањето на социјализмот станаа дел од правилната револуција, систем што на широките народни маси им дозволуваше да живеат достоинствено, да работат, да си ги школуваат децата, да имаат здравствено осигурување, да создаваат семејства - вели Шербеџија, кој никогаш не ги криел симпатиите кон идејата за социјализмот.

- Во длабочината на душата сум социјалист. Бев член на Сојузот на комунистите само една година. И брзо се откажав од тие идеали. Веројатно поради некој младешки бунт против централистичката партија, која имала свои добри намери, но која беше корумпирана, бирократска и со многу неправилности. Но во душата останав социјалист бидејќи сакам да живеам во праведно општество, каде што нема сиромашни луѓе, ниту бездомници, сакам да живеам во општество што ги почитува сите различности, каде што не се прогонуваат малцинствата поради религија, расна или каква било  друга различност, во општество за кое и Библијата зборува на еден идеалистички начин, каде што сите луѓе се рамноправни и еднакви пред Бога - вели Шербеџија.

Забележуваме дека денес многу луѓе ќе реагираат на споменувањето на Библијата и социјализмот во иста реченица. Врежано е мислењето, особено меѓу десничарите, дека овие два термина се некомпатибилни, но за Шербеџија тоа е погрешно. Тој вели дека Библијата и социјализмот одат рака под рака бидејќи и двете идеи во суштината имаат љубов кон ближниот и заштита на слабите.

Иако многу ја цени Библијата, Шербеџија нема најдобро мислење за оние што треба да го спроведуваат нејзиното учење, а кои ги нарекува „свети луѓе“.

- Не ми е јасно како тие свети луѓе, кои треба да го спроведат учењето на Библијата и Божјите заповеди, можат да бидат рамнодушни кон страдањето, бедата и несреќата, рамнодушни кон едноставниот човек без оглед на која раса или религија ѝ припаѓа. Знам дека има доста свети луѓе што се вистински Божји пастири и сам имав и сè уште имам драги личности меѓу тие црковни луѓе, па дури и пријатели... А морам да кажам и дека многу постапки на актуелниот папа Франциск ме воодушевуваат - открива тој.

Тој исто така не крие дека сегашната политичка ситуација на Балканот воопшто не му се допаѓа. Шербеџија најмногу им замерува на високата политика и политичките партии за осиромашувањето на земјите од поранешна Југославија.

Смета дека единственото решение за проблемите на овие простори е сите земји од поранешна Југославија да влезат во Европската Унија, и сигурен е дека тоа ќе се случи. Како што вели, алтернатива не постои.

- А што ќе биде потоа? Границите ќе бидат отворени, нема да ги имаме. Ќе имаме граници што го одредуваат менталитетот и јазикот, исто како во Југославија, и сите луѓе повторно ќе живеат заедно. Ќе мораме добро да се потрудиме да изградиме нови мостови за можна економска и културна соработка и на тој начин да им се спротивставиме на големите капиталистички корпорации. Младите луѓе ги напуштаат овие простори бидејќи не сакаат да ги решаваат своите проблеми со единствениот закон што сега владее - законот за криминал, манипулација, нечесност. Сакаат да живеат без сето тоа. Не е само сиромаштијата причина, туку тоа е бегство од ваков вид понуден живот - објаснува тој.

И Шербеџија е еден од оние што ги напуштија овие простори пред многу години. Познато е дека Шербеџија е Србин од Хрватска, кој во својот дом на почетокот на војната воопшто не се чувствувал удобно, иако никогаш на никој начин не учествувал во каков било чин против оваа земја. Вели дека чувствувал дека мора да ја напушти земјата каде што бил роден.

- Не можам повеќе да зборувам за тоа. И не сакам. Никому во животот и никому во светот не сум му посакувал и не му посакувам зло. Напротив. Сакам да им бидам пријател на сите луѓе. Сакам луѓето да живеат како пријатели и да се разбираат едни со други. Од Хрватска заминав во 1990 година и со години повторувам и веројатно сум им досаден и на луѓето и себеси со оваа приказна... Си отидов поради љубов... Но вистината е дека во тие воени години не можев да се вратам. Не беше време за разбирање на нечии лични работи и проблеми кога војната дивееше низ цела земја. И сега додека ги изговарам овие реченици повторно, малку се срамам што сето тоа треба да го објаснувам - вели актерот кој по заминувањето од овие простори постигна огромен меѓународен успех, станувајќи еден од најуспешните актери во Холивуд.

Иако од воените случувања помина четврт век, се чини дека политичките конфликти од минатото не престануваат да бидат главна тема на дискусија, тема на која можат да се заработат евтини политички поени. За Шербеџија, тоа е така затоа што постојат оние што не можат да ја добијат власта на друг начин освен со поттикнување нетолеранција и поделба.

- Ако како автор не си напишал своја книга која мораш да седнеш и да ја напишеш, најлесно е да се насочиш кон национализмот; ако не си успеал како семеен човек, ако не си успешен во што било, со изборот на национализмот како свој светоглед ќе ги покриеш сите свои неуспеси. Национализмот е најдобро решение со кое можеш да ја оправдаш својата неуспешност во животот. А и заедно секогаш сме посилни, нели? - вели тој горчливо.


Тој признава дека културата не може да опстои без политиката и политичарите, токму затоа што можат да обезбедат финансиски средства за работа. Кога поддршката од политиката и спонзорите би била повеликодушна, театарот би бил проект со глобални размери. Особено го боли затоа што поради сегашните организациски маки низ кои поминуваат, влезницата за една претстава чини релативно многу. Кога заедницата би се вклучила во работата на театарот, поголем број луѓе, особено млади, би можеле да уживаат во единствениот театар на отворено, смета Шербеџија.

Токму за младите Шербеџија често зборува и во нив ја гледа иднината, и светот на глумата и општеството како целина. И сега собира млада екипа за претстави во текот на летото, а за новата генерација вели дека е одлична.

- Отсекогаш сум сакал да работам со млади уметници. Бев малку постар од нив кога првпат дојдов да предавам сценски говор во Загреб. Коста Спајиќ ми рече: „Дете, го прекинуваш ангажманот во Гавела и доаѓаш да работиш на Академијата“. Оваа идеја ме избезуми и му реков дека не знам ништо за тоа, а тој ми рече дека најдобро го зборувам хрватскиот јазик од цела Академија и дека подучувајќи ги другите, најдобро ќе го научам сето она што морам да го знам - објаснува Шербеџија за тоа како дошло до првата соработка со младите и студентите.

- Театарскиот ансамбл секогаш е составен од различни луѓе. Многу од нив се разочарани, добиваат плата, а со години седат неискористени. Некои беа ептен талентирани, а останатите нереализирани и разочарани луѓе. И сега доаѓа режисер да им помогне. Па тоа е невозможна мисија. Е, понекогаш се случува некоја голема претстава, кога ќе дојде волшебник и ќе ги подигне од мртвите. Тогаш во секој актер, дури и во оној за кој мислиш дека одамна се откажал, можеш да видиш како почнува да блеска со генијална енергија. Така е во нашата работа. А со младите е сосема друга приказната. Тие сите сакаат „главечки да скокнат в бунар“, ако тоа го бара улогата од нив. Нема нешто што нема да го направат, доаѓаат со чисто срце, весели, разиграни. Ленка и јас отворивме добро и интересно студио за глума во Риека. Но, моравме да се откажеме. Седум години ни ветуваа нормални услови. Ветуваа барем некоја сала погодна за вежбање и претстави. Ветуваа наставен кадар, кој ни беше потребен, и ништо не беше направено. Не можевме да ги лажеме студентите и да ги држиме во несоодветни услови. А создадовме одлични млади уметници кои го заслужуваат своето место во градот во кој живеат и во кој се школувале, заслужуваат да станат актери. Сосема е лудо и апсурдно Риека, која станува главен град на европската култура, да не сака да изгради ниеден нов театарски простор. Ние и понатаму ќе работиме со нашите студенти во театарот „Улисеј“ или на кое било друго место. Бидејќи работата со млади уметници ја подмладува мојата стара крв - вели Шербеџија.

Во светот, каде што работел многу, вели дека сè е многу подобро.

- Незамисливо е театарот да ти обезбедува плата или пензија, а ти десет години да не си се појавил на сцена. Нема такво нешто. Врвните театри немаат ниту еден вработен актер или режисер. Има само проекти. Не постои привидна сигурност што актерот го турка во просечност и незаинтересираност за работата. Да се разбереме, јас ништо не им замерувам на нашите актери кои поминуваат години во театрите. Не е тој актер виновен, туку општеството така го организирало тоа. Жив театар тешко се добива во тие наши професионални театри - заклучува тој.

- Единствен исклучок е Дубравка Вргоќ, која со некоја чудна сила и вештина успева во тоа - вели Шербеџија.

Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот