X
 15.11.2020 Наша тема

Гранде Пандев и фудбалската историја, образование во пандемија, македонските млади надежи - големи успеси... Што пишувавме неделава?

Недела на големи успеси, но и на големи проблеми, предизвици околу нас...

За што истражувавме?

Додека повеќето шестгодишни деца си играат со пластични автомобилчиња, Ристо Вуков на истата возраст ги направи првите чекори во автомобилизмот возејќи картинг, а 19 години подоцна се наоѓа зад воланот на моќното „порше карера“. Популарниот Рико изминатиот викенд ја комплетира дебитантската сезона во престижниот Порше карера-куп во Италија. Рико на последната трка од сезоната, која се возеше на легендарната патека Монца, заврши на шестата позиција, што му беше петти пласман меѓу најдобрите десетмина во 12 трки годинава во Карера-купот.



Студентските домови, кои беа отворени пред еден месец за станарите, по нови правила и протоколи, деновиве комплетно се дезинфицираат. Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски центар, за Факултети.мк вели дека иако има исклучоци, станарите главно ги почитуваат мерките.

Со закитувањето на епитетот најдобар млад џез-уметник Иван Петровски го крена стандардот за идните добитници на наградата „Златен орикс“ што секоја година ја доделува Скопскиот џез-фестивал. Станува збор за талентиран инструменталист и композитор, кој иако има само 27 години, има долг музички опус како изведувач и автор.



Во колумната за Светскиот ден на науката, Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, се осврнува на предизвиците со кои се соочуваме глобално, но и во Македонија, за кои науката нуди единствен пат за нивна анализа и можно разрешување.



Колку чини лекувањето на пациентите позитивни на Ковид-19 што имаат полесна клиничка слика и се третираат во домашни услови? Многумина велат дека се соочиле со значителен трошок кога требало во аптека да го набават сето она што матичните лекари им го препорачале, како заштита или помош во лекувањето. Најчесто тоа се витамини или имуностимулатори, кои не се на државен трошок и може да имаат високи цени.



Гласот за спас на Преспанското Езеро, кое со месеци бележи катастрофален пад на нивото на водата, на светско ниво го крена 19-годишниот битолчанец Дамјан Козаров, еден од четворицата победници на НАТО-самитот на млади 2030 што преку видеоврска се одржа на 9 ноември годинава. Тој на светската јавност ѝ порача: „Како млади генерации мора да бидеме во тек со последиците од климатските промени, мора да направиме сè за да ја заштитиме нашата заедница“.

Додека јавноста и некои медиуми на почетокот од октомври пренесуваа: „Ви падна платформата! Што правевте цело лето? Ние следиме настава на Тимс, не ви работи платформата!“, 6-7 луѓе деноноќно работеа, често до разденување, се обидуваа да создадат комплексен систем преку кој учениците во Македонија ќе можат да се образоваат од дома, во време на пандемија на Ковид-19, но и генерално понатаму. Чекајќи кориснички имиња и лозинки, малкумина се запрашаа кој работи во заднина, понекогаш вложувајќи натчовечки напори да се постигнат неверојатни резултати.



Наставниот процес со далечинско учење тече непречено од првиот ден на учебната година, благодарение на модуларноста на системот кој го поставивме, вели д-р Боро Јакимовски, вонреден професор и продекан за наука и соработка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Одредени функционалности може да се активираат и користат („Мајкрософт тимс“ и структурата за паралелки, тимови, корисници и најава која континуирано ја ажурираме), додека на другите модули сè уште се доработува, објаснува тој. Интегрираниот систем е толку добар, колку што е добра неговата најслаба алка – велат инженерите што го создаваат. Зошто „паѓаше“ националната платформа за онлајн-настава?
Со организиран баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот и со безрезервната поддршка што ја има од нејзиното семејство, Ема успешно ги совладува сите препреки во кариерата. Многу често нејзината ќеркичка Вивиен седи покрај неа и мирно ја слуша додека вежба на пијаното. Попивода својот квалитет повторно го потврди со наградата што неодамна ја доби во Токио за соработката со пијанистката Асами Сате во конкуренција од 17.000 учесници. Тие беа наградени за композицијата за две пијана „Дали паметиш Милице“ од циклусот Ноктурно оп. 52 б на македонскиот композитор Димитрије Бужаровски.



Триесет и седумгодишниот фудбалер беше во солзи по последниот свиреж на судијата бидејќи нему и на неговите соиграчи им се исполнија соништата, напиша британскиот „Гардијан“ по синоќешниот историски пласман на Македонија на Европското фудбалско првенство. Од Би-би-си ударно: „Фудбалска историја!“ ФФМ го нарече Бог. Селекторот Игор Ангеловски го нарече Горан Велики. За „Спортдигитал“ е Свети Горан Пандев, а навивачите вчерашниот ден го прогласија за Пандевден. А тој, Горан Пандев, рече дека само им помогнал на соиграчите и успехот им го препиша на сите.


Фото: ФФМ

Заштитата на Охридското Eзеро според препораките од УНЕСКО се одвива бавно. Досега само новите донесени урбанистички планови се во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство за Охридскиот Регион, кој беше усвоен во јануари годинава. Минатиот месец заврши и забраната за издавање градежни дозволи според постојните урбанистички планови, кои не се ревидирани согласно препораките од Планот за управување со кои треба да се заштити од уништување крајбрежјето на езерото.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема