X
 16.09.2020 Образование

Коалиција „Сите за правично судење“: Успешно завршенa проектната активност за анонимизација на судски пресуди

Анонимизацијата е процес на техничка обработка на судските пресуди со кој се изоставуваат или заменуваат со неутрални термини (на пр., три точки, иницијали и сл.) оние делови во пресудата во кои се содржани лични податоци за странката, односно го откриваат неговиот идентитет, со цел заштита на приватноста и личните податоци, што претставува уставно загарантирано право (член 18 од Уставот на РМ)

Коалицијата „Сите за правично судење“ во јануари годинавa почна со имплементација на проектот „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза“. Една од главните проектни активности е процесот на анонимизација на судски пресуди. За да се имплементира соодветно оваа активност, Коалицијата потпиша меморандум за соработка со Основниот кривичен суд во Скопје.

- Aнгажиравме петмина обучени анонимизирачи кои вршеа анонимизација на судски пресуди секој работен ден во период од пет месеци. За време на нивниот ангажман, анонимизирачите успешно анонимизираа вкупно 1.622 пресуди, кои се јавно објавени на веб-страницата на Основен кривичен суд - Скопје. Проектот „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза“ е финансиран со грант од Кралството Шведска преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida), доделен преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ – oбјаснува Лејла Тутиќ од Коалицијата „Сите за правично судење“, координаторка на проектот.

Димитар Димоски, магистер по граѓанско процесно и материјално право при Правниот факултет „Јустинијан Први“, е еден од анонимизирачите што работеа во рамки на проектот.

- Ова е едно големо искуство кое ќе ми послужи во понатамошната кариера со оглед на тоа што ми овозможи да го имплементирам моето знаење во текот на анонимизирањето на судските пресуди, а преку самото читање на пресудите да се сретнам со секакви животни ситуации кои ми помогнаа да го надградам своето знаење. Читав на каков начин се пресудуваат одредени кривични предмети, на каков начин се земаат отежителните и олеснителните околности за сторителите на тие кривични дела, на каков начин се ценат доказите, како судиите со своето долгогодишно искуство ја ценат фактичката состојба и врз таа фактичка состојба пресудуваат во одреден предмет. Сето тоа го сметам за голем плус за мојата кариера - вели Димоски.

Неговата колешка Емилија Јаневска, која исто така беше ангажирана на проектот, кажа дека кога се работи тоа што се сака, секој работен ден е ново позитивно искуство.


Емилија Јаневска

- Секој ден е можност да се научи нешто повеќе, особено кога се работи во тим со млади и амбициозни луѓе. Ние бевме ангажирани во Основниот кривичен суд Скопје 1 Скопје. Тоа е нашиот тим на анонимизирачи. Тоа е процес со кој во суштина имињата, презимињата и местата на раѓање се заменуваат со соодветните иницијали, додека секој од броевите и од датумите се заменува со три точки. Во пресудата за јавноста останува видливо (достапно) само неговото име и презиме, додека податоците како што се живеалиштето, матичниот број, имињата на сведоците, жртвите и сл. се прикриваат. Апсолутно се потребни што повеќе вакви проекти. Сметам дека е од голема помош за младите правници кои штотуку ќе излезат од студентските клупи да се осознаат со праксата на материјата што ја изучувале. Ваквите проекти ни нудат шанса нам, на младите, за практично согледување на правниот систем и директна вклученост во него, односно ни дава шанса да имаме свој придонес кон подобрувањето на правниот систем во нашата земја, во овој случај преку зголемување на судската пракса, односно правењето достапни што е можно поголем број пресуди за јавноста - вели Емилија.

Мартин Тасевски е кривичар, магистер по казнено право кој исто така работеше во судот во рамките на овој проект.

Мартин Тасевски

- Видов оглас за ова, ми се виде интересен проектот. Можам да кажам дека е одлично искуство. Јас сум кривичар и ова ми дојде како освежување на меморијата, за она што сакам да го работам. Сум работел пет години во обвинителство, на кривично-правни предмети и затоа ова ми беше добро искуство. Јас имам 35 години и имам искуство во кривично-правната дејност. Но, помладите колеги кои излегуваат од факултетите немаат пракса. А ако сакаме да бидеме добри кривичари, важна е праксата. Многу ми е мило што има вакви проекти. Преку нив младите може да влегуваат во судовите и да бидат набљудувачи на судски пресуди, што е многу важно за нивниот развој и кариера. Целиот процес е важно да се види и да се знае. Сето ова е одлично искуство - потенцира Мартин.
Подготвил: А.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование