X
 07.09.2017 Наука

Откриена е огромна црна дупка среде Млечниот Пат?!


Црна дупка
(Фото: NASA)


Јапонските астрономи дошле до податоци кои укажуваат на постоење на огромна црна дупка, со маса која е сто илјади пати поголема од Сонцето, во токсичниот облак од гасови во близината на средиштето на Млечниот Пат, пренесува „Гардијан“.

Ако се потврди постоењето на такво небесно тело, тоа би била втора по големина црна дупка забележана во Млечниот Пат, по супермасивната црна дупка – Стрелец  А, која се наоѓа во самото средиште на нашата галаксија.

Податоците за ова тело јапонските астрономи ги добиле откако го насочиле моќниот телескоп што е лоциран во пустината Атакама во Чиле кон облакот од гасови со намера да го анализираат необичното движење на гасовите во него. За разлика од другите меѓуѕвездени облаци, гасовите во овој облак, кој меѓу другото содржи и цијановодородна киселина и јаглероден моноксид, се движат со сосема различни брзини.

Набљудувањето преку телескопот „Алма“ покажало дека врз молекулите од облакот, оддалечен околу 200 светлосни години од центарот на Млечниот Пат  и со широчина од 150 илјади милијарди километри, дејствуваат огромни гравитациски сили. Најверојатна причина за тоа, според  компјутерските модели, е огромна црна дупка.

„Претпоставката дека црната дупка се наоѓа во гасот е засилена со натамошните набљудувања кои забележале радиобранови кои укажуваат на постоење на црна дупка во средината на облакот“, изјави Томохару Ока од Универзитетот „Кеио“ во Токио. Тој додаде дека станува збор за црна дупка со средна маса.

Таканаречените црни дупки со средна маса ја надополнуваат празнината забележана кај најмасивните објекти во универзумот, наведува „Гардијан“. Најмалите црни дупки настануваат кога ѕвезда од одреден вид ќе експлодира. Според пресметките на научниците, во Млечниот Пат се наоѓаат околу 100 милиони такви помали црни дупки, иако досега се забележани околу 60.

Астрономите исто така пронашле многу поголеми, супермасивни црни дупки кои се наоѓаат во средиштата на големите галаксии, каква што е Стрелец А, која има маса еквивалентна на 400 милиони Сонца. Засега е непознато како настануваат овие супермасивни црни дупки.

Според едно објаснување, помалите црни дупки се спојуваат во поголеми и така формираат супермасивни, но засега нема цврсти податоци за постоење на црни дупки со средна маса. Откривањето на црна дупка со маса од 100.000 Сонца би било потврда за постоење на преодната  фаза што ја бараат астрономите.

Ока истакна дека новопронајдената црна дупка би можела да е средиште на стара џуџеста галаксија која била проголтана во текот на создавањето на Млечниот Пат пред повеќе милијарди години.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука