X
 18.02.2021 Наша тема

Најмладиот добитник на „Браќа Миладиновци“: Поетесата и пијанистка Ива Дамјановски во пандемија имаше најголем креативен бум

Љубовта кон поезијата мислам дека ја имам наследено од мајка ми, а имав и огромна поддршка од професорката по македонски јазик во средно училиште, Роза Никодиновска. Од неа навистина многу научив за пишувањето, вели Ива

Иако пандемијата ја стави на колена уметничката дејност, нашата поетеса Ива Дамјановски токму лани го имаше својот најголем креативен бум. Нејзината втора поетска збирка „Двоумење“ лани ја доби наградата „Браќа Миладиновци“, доделена од страна на Струшките вечери на поезијата. Тогаш 24-годишната Дамјановски стана најмладиот добитник на ова признание.

Дамјановски, која инаку е дипломиран пијанист на музичката академија во Скопје, заедно со Виктор Танасковски паралелно работи на албум под наслов „Алембик“, кој се очекува да излезе најдоцна до март. Покрај сето ова, таа ги подготвува и магистерските студии по музикологија во Болцано, Италија. Дамјановски, чија поезија веќе е преведувана на повеќе јазици, е еден од носителите на младата поетска движечка сила кај нас, која зема сè поголем замав во изминативе неколку години.

И во услови на пандемија Вие имавте прилично плодна година, пред сè, во поглед на пишувањето поезија. Од каде црпевте инспирација?

- Искрено, мислам дека секој период на криза, без разлика на тоа дали се работи за лична или светска, мора да биде многу инспиративен за кој било уметник. Тоа е и работата на уметникот, да го претвора грдото секојдневие во нешто убаво и невообичаено, да му даде длабочина и значење и да ѝ возврати на суровоста на светот со нежност.


Ива Дамјановски/Фото: Ања Дамјановски

Колку време пишувате поезија и од каде Ви се роди желбата за такво нешто?

- Всушност, пишувам поезија уште од дете. Секако, зборувам за наивни, детски обиди, но ми беше интересно уште оттогаш. Се сеќавам дека си задавав теми и пишував некаков вид циклуси, на пример, за различни животни или музички инструменти. Сега, на пример, пишувањето во циклуси воопшто не ми оди. Во секој случај, мојата прва песна, која сметам дека има некаква уметничка вредност, ја напишав на 15 години.

Кога би морале, како би ја карактеризирале Вашата поезија.

- Ова е тешко. Честа забелешка за мојата поезија е дека е „звучна“. Многу ми е важен ритамот во поезијата и искрено се надевам дека успешно ја користам техниката. Кога би морала да симулирам објективност, би рекла дека има неколку мотиви што се провлекуваат во двете збирки, како култот кон детското, дуализмите, парадоксите и конфликтот на природата и на технологијата. Најчесто сакам да пишувам за прашања на кои немам одговор. Сакам да пишувам за тешките нешта, за оние нешта што се страшни, таму каде што не би сакале да чепкаме.

Вие сте школуван музичар, а дали за пишувањето поезија имате учено од некого или тоа доаѓа само по себе?

- Немам учено од никого. Едноставно многу сакав да читам и лично мислам дека тоа е најдоброто училиште за еден автор, без оглед на тоа дали пишува поезија или проза. Љубовта кон поезијата мислам дека ја имам наследено од мајка ми, а имав и огромна поддршка од професорката по македонски во средно, Роза Никодиновска. Од неа навистина многу научив за пишувањето воопшто и всушност на нејзина иницијатива првпат беа објавени мои стихови во корчагинското списание „Визија“.

Наградата „Браќа Миладиновци“ ја добивте за „Двоумење“. Колку долго работевте на тоа дело и дали сметавте дека отскокнува од сè друго што сте направиле?


- Искрено, не, не мислев дека отскокнува. Не мислев дека е драстично поинаква од „Тие“, нејзиниот претходник, освен што е стилски малку позрела. Да бидам искрена, никогаш не седнав да ја пишувам „Двоумење“ со намера да биде тоа што е, јас само пишував.
Прашањето во врска со времето ми е секогаш тешко. Голем дел од песните во „Двоумење“ беа напишани за време на процесот на издавање на „Тие“, така што додека „Тие“ ја доби својата промоција и почна да се продава, јас речиси имав подготвено втора збирка. Но и во „Двоумење“ има неколку песни што се навистина постари, само што не се вклопија во селекцијата на „Тие“.


Ива Дамјановски/Фото: Горан Димов

Што мислите дека е поважно за пишување добра поезија - разнобојно животно искуство или прочитани многу туѓи дела?

- Искрено мислам дека е комбинација од двете и никако поинаку не би можело да се одговори тоа прашање. Тоа што, всушност, веројатно е најважно е шаренилото на умот. Инаку, сметам дека сечие животно искуство е на некој начин разнобојно и фасцинантно. Мислам дека да се биде живо суштество, само по себе е најинтересното нешто што може да му се случи некому. Од друга страна, читањето туѓи дела помага пред сè со техничкиот дел.

Како ја оценувате поетската сцена во Македонија. Има ли многу млади автори како Вас и дали има каде да ги пласираат своите дела?

- Мислам дека поезијата во Македонија моментално е многу популарна и мислам дека поради тоа има одличен простор за пласирање нови дела, пред сè, од младите автори. За култот кон поезијата тука и сега мислам дека многу придонесоа „Астални проекции“, кои им дадоа глас на многу млади автори како мене.

Кој, според Вас, е најдобар поет меѓу светските музичари. Можете ли да издвоите една песна за која сте кажале „текстов сам по себе е поезија“?

- Лори Андерсон. А второто прашање е многу потешко: „Watch her disappear” од Том Вејтс, „Atmosphere” од Џој дивижн, „I talk to the wind” од Кинг Кримсон, „Shine on You Crazy Diamond” од Пинк Флојд, Со маки сум се родила, „Small Hands “од Китон Хенсон, „Ich Warte” од Ајнштирзенд Нојбатен, „Crvena” од Репетитор,  „Suzanne” од Леонард Коен.


Ива Дамјановски/Фото: Христијан Поп Симонов

Сте имале ли период на инспирациска суша и што правите во такви моменти со цел да си ја покренете креативноста?

- Да, и ужасно е, токму и поради чувството на беспомошност, дека не можам ништо да направам во врска со тоа. Најчесто тоа кај мене се случува во моите најинтензивни емотивни состојби. Тогаш најчесто сум целосно неспособна да творам. Искрено, им завидувам на оние што пишуваат во извесен поетски занес во тешките емоционални состојби. Јас во принцип морам кризата да ја пребродам сама и откако ќе ја разрешам, се случува убавиот плоден период и тогаш нештата сами се пишуваат.

Дали Вашите песни се преведени на друг јазик? На кој странски јазик најубаво звучи Вашата поезија и дали е доловена суштината што сте сакале да ја постигнете?

- Да, преведувани се на српски, хрватски, словенечки, грчки, англиски и наскоро ќе излезе и препев на шпански на две мои песни. Инаку, мојата поезија е многу тесно поврзана со самиот јазик, односно многу зависи од него. Иако препевите ми се многу драги и ми е многу мило што моите песни си ги добиваат своите ликови и на други јазици, сепак, морам да го цитирам „Патерсон“ овде и да кажам: „Преведената поезија е како да се туширате со кабаница“ („Poetry in translation is like taking a shower with a raincoat on“).

Во иднина повеќе ќе се концентрирате на музиката или на поезијата?

- Не можам да опишам колку ме радува прашањево бидејќи отсекогаш сум сакала да одговорам со: „Во иднина се гледам како спијам“. Моментално веќе имам голем музички проект кој ја чека својата финализација, а тоа е албумот „Алембик“, на кој работевме со Виктор Танасковски изминативе месеци и кој би требало да излезе најдоцна до март годинава. Истовремено, работам и на трета книга поезија, како и на две прозни дела. Работите кај мене наизменично се менуваат.
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема