Ти, ти сè разбираш. Затоа и сакав да ми дојдеш. Јас одамна сакав многу да ти кажам, овде помеѓу овие изгребани ѕидови, но молчев за најважното: сè некако како да не дојде време. А сега го дочекав последниот ден, за целата душа да ја откријам пред тебе. Брате, изминативе два месеца јас во себе почувствував нов човек, во мене воскресна нов човек!
Беше затворен во мене, но никогаш немаше да се јави да не беше овој земјотрес. Страшно! И што ми е гајле што во рудниците 20 години ќе копам руда - не се плашам од тоа - за мене сега друго е страшно: да не ми избега тој воскреснат човек! Јас и таму, во рудниците, под земја, покрај мене, можам да најдам ист таков робијаш и убиец, со човечко срце, и да се спријателам со него бидејќи и таму може да се живее и сака и страда! Може да се прероди и воскресне во тој робијаш, човек со срце, може да лебди над него со години и на крај, да избега од дупката на виделина, возвишена душа, прероден ангел, воскреснат херој! Зошто мене ми дојде на сон „детенце“ во таков момент? Тоа ми беше пророштво во тој момент. Поради тоа „детенце“ јас и ќе ја поминам робијата. За секое „детенце“, бидејќи има мали деца и големи деца. Сите се - „детенце“. За сите јас ќе одам, бидејќи мора некој за сите да оди. Јас не го убив татко ми, но морам да одам. Мене сето тоа овде ми падна на памет... помеѓу овие изгребани ѕидови. А нив ги има многу. Да, ние ќе бидеме во синџири и нема да имаме слобода, но во големата тага ние повторно ќе воскреснеме во радост, без која човек не може да живее, а Бог мора да постои, бидејќи Бог дава радост, тоа е неговата привилегија, голема... Господе, нека се стопи човек во молитвата. Како би отишол јас под земја без Бога? Лаже Ракитин: ако го протераат Бог од земјата, ние под земја ќе го најдеме. Робијашите без Бога не можат да постојат, ним им е потешко без Бога отколку на не-робијашите! И тогаш ние, подземните луѓе, ќе ја запееме трагичната химна за Бога. Која радост! Да живее Бог и неговата радост. Го сакам.
Митја, говорејќи ја својата необична беседа, речиси се задуши. Побледе, а неговите усни започнаа да се тресат, а од очите му потекоа солзи.
-Не, животот е полн, животот е и под земја! - започнува тој повторно.
- Нема да поверуваш Алексеј, колку јас сега сакам да живеам, каква желба во мене постои. Ракитин тоа не го разбира, тој се грижи само куќата да ја соѕида и кираџии да добие, но јас те чекав тебе. А што е страдањето? Јас од него не се плашам, макар било и големо. Сега не се плашам, а претходно се плашев. Знаеш, можеби нема ни да одговарам на судењето... И ми се чини, во мене сега има толку сила што сите ќе ги совладам, сите страдања, за повторно себеси да си речам: да, јас сум! Во илјада маки - јас сум, цел се грчам во маки - но сум! Во стапица сум, но постојам, го гледам сонцето, а ако не го гледам сонцето, знам дека постои. А ако знаеш дека сонцето постои - тоа е веќе цел живот. Аљоша, хероју мој, мене ме убиваат разни филозофии, ѓавол да ги носи! Брат Иван...
- Што брат Иван? - го прекинува Аљош, но Митја не слуша.
- Гледаш, јас претходно, пред сето ова, немав никакви сомнежи, но сето тоа се криеше во мене. Можеби баш затоа што во мене навираа непознати идеи, јас се пијанев и се тепав и беснеев. Се тепав за да ги смирам, да ги задушам. Брат Иван е сфинга, молчи, само молчи. А мене Бог ме мачи. Само тоа ме мачи. Што ќе правиме ако го нема него? Што ако Ракитин беше во право кога рече дека тоа е идеја вештачки создадена во човештвото? Тогаш, ако него го нема, тогаш човекот е господар на земјата и универзумот. Прекрасно! Но како човек ќе биде добар без Бог? Прашање! Кој тогаш тој ќе сака, истиот тој човек? Кому ќе биде благодарен, кому ќе пее химна? Ракитин се смее. Ракитин вели дека може да се сака човештвото и без Бога. Лесно му е на Ракитин да живее: „Ти“ - ми вели денес - „подобро да се залагаш за проширување на граѓанските права на човештвото или макар за тоа да не се подигне цената на говедското месо; со тоа ќе покажеш попросто и поблиску љубов кон човештвото отколку со филозофии“. А јас му реков: „А ти“ - му реков - „без Бога, уште и ќе ја зголемиш цената на говедското, само ако добиеш шанса и ќе заработиш уште некоја рубља“. Се налути. Што е доблест?
Одговори ми мене, Алексеј. Јас имам една доблест, а Кинезите друга - значи, тоа е релативна работа. Нели? Или можеби не е релативна? Подмолно прашање. Нема веројатно да се смееш ако ти кажам дека не спијам две ноќи поради тоа. И сега само се чудам како живеат луѓето, а да не мислат за тоа. Иван нема Бог. Тој има идеја. Надвор од моите размери.
„Браќа Карамазови“