Силната загриженост не е само погодна подлога за развој на анксиозност, панични напади, туку и соматски болести. Нереалните стравови и постојаното исчекување на „најлошото“ можат во најтешките случаи да бидат вовед во многу лош квалитет на животот и развивање на депресија. Силната загриженост и чувството на несигурност често се причини да не се обидеме да се соочиме со некогаш мали проблеми. Што е најлошо, големата загриженост може да предизвика несоница, лошо функционирање на работното место и во секојдневните ситуации. Луѓето кои постојано и без некоја силна основа се загрижени се склони кон претерано консумирање храна, употреба на алкохол и пушење цигари.
Чувството на анксиозност е нормална реакција на стрес, но ако таа анксиозност е постојана, изразено силна и проследена со постојано исчекување дека ќе се случи нешто што не е добро, таа може да посочи на посериозни состојби како што се генерализирано анксиозно растројство, панично растројство или социјална анксиозност.
Генерализираното анксиозно растројство е проследено со претерана и неконтролирана загриженост која е толку силна што влијае врз квалитетот на животот и пречи во работните способности, управувањето со парите, семејните и односите со други лица, а на крајот и врз здравјето. Овие лица во главата секогаш го имаат најлошото сценарио. Психолозите велат дека овие лица главно се загрижени за блиски лица, а не толку за себеси.
Силната загриженост која не можеме да ја контролираме и рационализираме може да влијае врз нашите когнитивни способности, јасното размислување и на крајот да се манифестира во физички симптоми. Претераната загриженост е предизвикувач на стрес кој нè става во ситуација „бори се или бегај“. Телото лачи адреналин и се подготвува за соочување со потенцијалниот проблем. Оваа реакција за древните луѓе значела начин за преживување, а денешните стресови се сепак поинакви.
Кортизолот е хормон на стресот и тој го зголемува нивото на шеќер во крвта, кој во некоја напорна ситуација ни ја дава неопходната енергија. Стресот може да се манифестира и со потешкотии во голтањето, вртоглавици, замор, забрзана работа на срцето, главоболка, слаба концентрација, раздразливост, болки и напнатост во мускулите, мачнина, сува уста, зголемено потење, краток здив, треперење на телото.
Силната загриженост често доведува до проблеми со варењето, некогаш и до проблеми со кардиоваскуларниот систем, а ако не се контролира и лечи навремено во нејтешките случаи е причина за развој на депресија и самоубиствени мисли.
Извор:
eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik