X
 22.11.2018 Живот

Денот кога тета отиде во Германија...

Оваа година се одбележуваат 50 години од организираното иселување на „гастарбајтерите“ од Југославија во Германија. Во Берлин на една трибина се зборуваше за брановите иселувањa. И се разбиваа некои тврдокорни митови.

Договорот помеѓу Сојузна Република Германија и Југославија за организиран трансфер на работната сила за потребите на германскиот пазар на труд е последниот договор од ваков вид потпишан помеѓу Германија и некои од „гастарбајтерските земји“. Првиот договор за растечките потреби на германската економија бил потпишан во 1955 година со Италија.

Објаснувањето за задоцнетото ставање официјален печат на масовната миграција од Југославија треба да да се бара во фактот што Југославија и Германија во периодот кога бил потпишан договорот за доаѓањето на работниците немале дипломатски односи. Тие биле прекинати во 1957 година кога СР Германија, според тогашната политика, не ги признавала земјите што ја признаваа Источна Германија, па така ги прекинала односите со Југославија, која кратко време пред тоа воспоставила односи со Источна Германија.

Во тој период, и без договор, во Германија живееле и работеле 300.000 работници од Југославија. Постоеле и „специјални возови“ во кои еден германски лекар водел комисија која во центрите на подрачјето на поранешна Југославија ги селектирала работниците и спроведувала систематски прегледи.

- Мора да знаете дека сето тоа се случувало 20 години по Втората светска војна и сцените во кои германските доктори во Југославија вршат прегледи буделе непријатни сеќавања - вели Ханер Грандитс од берлинскиот Универзитет „Хумболдт“.

Но, повеќето работници што тогаш заминувале на работа во Германија биле премногу млади за да се сеќаваат на Втората светска војна. Просечната старост на работниците од Југославија била околу 25 години.

И по уште една работа новодојдените од Југославија биле поразлични од другите „гастарбајтери“. Додека од Турција, Грција и Италија доаѓале исклучиво мажи, од Југославија имало повеќе од една третина жени. Во првите 10 години од доаѓањето на гастарбајтерите во Германија главно доаѓале необразовани, полуписмени работници. Од 1968 година, кога започнало организирано доаѓање на Југословените, потребата за неквалификувани работници паднала, така што почнале да се преселуваат квалификувани работници.

германија
Фото: H.Scholesser


Јосип Јуратовиќ, автомеханичар, не се согласува со стариот мит дека Југословените биле работници со добра репутација.

- Не би рекол дека работниците од Југославија беа особено професионални. Општото образование поради добриот образовен систем во Југославија беше повеќе, но стручната обука не беше на германско ниво - вели тој.

Но, околу еден мит можат да се согласат сите: Југословените биле и останале невидливи. Не паѓале в очи, биле добро интегрирани, а некои би рекле и асимилирани.

- Југословените често се концентрираа на успех на работа и на тоа децата да им бидат добри на училиште. Вложуваа енергија децата да им посетуваат дополнителна настава на мајчин јазик - вели демохристијанската политичарка Барбара Џон, која од 1981 до 2003 година била на функцијата комесар за Берлин за странци. Тие не се плеткале во политика, ниту во синдикални работи.

Можеби тоа е одраз на пораката што ја добиле пред заминувањето во странство.

- Сите бевме повикани на предавање каде што луѓето од синдикатот ни порачаа дека ние во Германија сме амбасадори на својата земја и мораме одлично да се однесуваме. Ако сакате да се занимавате со политика, тоа можете да го направите во Југославија - гласела пораката според Босилка Шедлих, која во 1968 година отишла во Берлин за во фабриката „Телефункен“ да склопува грамафони.

Социјалдемократот Јуратовиќ не се согласува со тезата за аполитичноста и вели дека многу иселеници и понатаму се држат кон национализмот кон татковината, наместо демократските темели на општеството во кое живеат.

- За мене е незамисливо некој што 30, 40 или повеќе години живее во либерално општество, ги ужива сите граѓански права, истовремено да ги оспорува луѓето во земјите од кои потекнуваат и да се насочува кон недемократските партии. Ова не е само специфично за Југословените, туку и за Турците кои овде, во Германија, се на страната на еден Ердоган - вели Јуратовиќ.

Извор: Дојче веле
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот