Професорката Зорица Каракутовска неодамна беше избрана за потпретседателка на Светската унија на хармоникашите. Таа е претседателка на Здружението „Љубители на класична музика“, кое има највисок статус во Унијата, и е првиот дипломиран хармоникаш од пионерската генерација во Македонија
На 148. Генерално собрание на делегати, кое се одржа во октомври 2022 во Зофинген, Швајцарија, професорката Зорица Каракутовска беше избрана за потпретседателка на Светската унија на хармоникашите.
Каракутовска е професор по хармоника и камерна музика на Факултетот за музичка уметност во Скопје и претседател на здружението „Љубители на класична музика“.
- Здружението „Љубители на класична музика“, Скопје, чиј претседател сум од неговото основање, е членка на Светската унија на хармоникашите (Confédération Internationale des Accordéonistes (CIA), member of the International Music Council (IMC – UNESCO)) од 2001 година. Од основањето до денеска здружението успешно работи на презентација на македонските изведувачи на класична музика на хармоника, го поддржува и презентира македонското творештво за овој инструмент, ги афирмира македонските изведувачи на домашната и светската сцена и остварува културна соработка со меѓународни организации и асоцијации. Благодарение на континуираните успеси во светот на хармониката, нашето здружение има највисок статус во Унијата – Premiere Voting Member. Во период од 2006 до 2010 година бев член на Музичкиот комитет на Светската унија на хармоникашите, па кандидирањето за потпретседател на Унијата беше природен тек на работите. Мандатот на членовите на телата на Унијата трае четири години. Минатата година од страна на сите земји членки се гласаше за избор на ново раководство. На тајното гласање бев избрана за еден од трите потпретседатели на Светската унија на хармоникашите со најмногу гласови од сите кандидати - ни споделува Каракутовска.
Наше здружение има највисок статус во Унијата
Светската унија на хармоникашите (http://accordions.com/cia) е основана во 1935 година во Париз, првично од страна на три земји: Франција, Германија и Швајцарија.
- Под сегашното име, Унијата е реконституирана во мај 1948 во Лозана, Швајцарија. Претседател на Унијата е Мирко Патарини од Италија, а покрај мене, потпретседатели се и Јорген Сундеквист од Шведска и Ли Цонг од Кина, додека Кимо Матила од Финска е генерален секретар на Унијата. Во Унијата членуваат асоцијации на хармоникаши од целиот свет (Германија, Франција, Италија, Кина, САД, Финска, Русија, Швајцарија, Австрија, Бразил, Нов Зеланд, Австралија, Шпанија, Португалија, Јужна Кореја и многу други). Процедурата за стекнување со статус членка на Унијата започнува со поднесување апликација за членство и презентација на активностите на асоцијацијата во областа на музиката и културата во својата земја. По потврда дека асоцијацијата ги исполнува критериумите за членство, процедурата продолжува со одобрување соодветен статус од страна на Генералното собрание на делегати. Како што претходно истакнав, нашето здружение има највисок статус во Унијата - Premiere Voting Member - информира Каракутовска.
Унијата е организатор на најголемиот и најпрестижен светски натпревар за хармоника, „Coupe Mondiale” (https://coupemondiale.org), кој секоја година се одржува во различна земја од светот. Овој натпревар претставува своевидна Олимпијада за хармоника, а досега двапати наши претставници се вбројуваат во првите три места. Минатата година во Зофинген, Швајцарија, се одржа 75. јубилеен натпревар „Coupe Mondiale”.
- Со својот демократски систем на управување, Унијата продолжува да го проширува опсегот и да го развива своето членство од година на година. Целосната контрола на сите активности му е доделена на Генералното собрание на делегати, кое се состанува двапати годишно, на „летниот конгрес“ што се одржува во периодот на натпреварот „Coupe Mondiale” и на „зимскиот конгрес“ што се одржува во зимскиот период. Покрај редовните состаноци, Унијата ги користи предностите на електронската комуникација за да ги координира своите активности - посочува нашата соговорничка.
Зорица е првиот дипломиран хармоникаш
Улогата на раководството на Унијата за понатамошно промовирање на инструментот хармоника во светски рамки е од големо значење. Иако хармониката е еден од најмладите инструменти за изведба на класична музика, со гордост можеме да кажеме дека таа веќе долги години академски се изучува на водечките музички факултети во светот и рамноправно се носи со другите инструменти. На Факултетот за музичка уметност - Скопје инструментот хармоника се изучува од 1994 година, а јас сум првиот дипломиран хармоникаш од пионерската генерација - истакнува потпретседателката на Светската унија на хармоникашите.
- За да се обезбеди поголема афирмација во културата низ светот, во 2009 година (на 180. роденден на хармониката) кога бев член на Музичкиот комитет и дел од тогашното раководство на Унијата, го инаугуриравме 6 мај како Светски ден на хармоника (World accordion day). 6 мај е датум на кој во 1829 година е патентирана првата хармоника. Голем број земји членки по повод Светскиот ден на хармониката организираат различни активности за промоција на инструментот. Нашето здружение од самиот почеток се приклучи кон меѓународниот проект „World accordion day” и годинава по 15. пат ќе организираме Свечен концерт по тој повод. Унијата ја препознава важноста од развивање репертоар на дела оригинално компонирани за хармоника и го поддржува тој процес. Горди сме што и ние дејствуваме во таа насока. Во Македонија имаме чест и привилегија да имаме композитор кој одлично ја познава хармониката и твори прекрасна современа музика за нашиот инструмент. Голем број од делата на македонската композиторка Бете Илин се изведувани на најпрестижните светски сцени - вели Каракутовска.
Исто така, Унијата сè повеќе ја препознава потребата и важноста од зголемување на интересот на помладата генерација за музика воопшто, а особено за хармоника. Знаејќи колку е важен подмладокот и образованието на младите за растот и развојот на академското изучување на некој инструмент пред единаесет години, нашето здружение започна да организира Фестивал на млади хармоникаши. На фестивалот земаат учество и успешно се претставуваат ученици од основните и средни училишта низ Македонија.
Каракутовска дел од елитата на светски професори
- Како добитник на најпрестижната награда во светот на хармониката - „CIA Merit Award” во 2017 година, Светската унија на хармоникашите ми оддаде признание за мојата досегашна работа со што се вброив во елитата на светски професори и изведувачи на хармоника заедно со Вјачеслав Семјонов, Фридрих Липс, Владимир Зубицки, Јури Шишкин, Мика Ваиринен и др. Во јануари 2008 година нашето здружение беше домаќин и организатор на зимскиот конгрес на Унијата и имаше можност да ги пречека најистакнатите имиња од светот на хармониката во Скопје. Тука тие имаа можност подобро да се запознаат со културата и знаменитостите на нашата држава, а во нивна чест организиравме Свечен концерт на младите хармоникашки надежи кој се одржа во Националната галерија Даут-пашин амам (http://accordions.com/cia/winter_08.htm). За целокупниот конгрес сѐ уште се зборува во хармоникашките кругови. Можеби ќе звучи нескромно, но изборот за потпретседател на Светската унија на хармоникашите е заслужен. Коментарите на сите присутни колеги на конгресот беа дека мојот избор за потпретседател е заслуга благодарение на сите мои заложби и постигнувања во светот на хармониката од почетокот на зачленувањето во Унијата - додава Каракутовска.
Зорица Каракутовска се најде меѓу најдобрите светски современи хармоникаши во енциклопедијата “Accordion and world’s best contemporary accordionists” во издание на Times Square Press New York, која ја изготвиле група американски музиколози.
- Живееме во време кога со користење на интернетот имаме достапност до сите информации, а добриот глас надалеку се слуша. Успесите во мојата музичка кариера како изведувач и педагог биле мотив американските музиколози да ме сместат во елитата меѓу најдобрите светски современи хармоникаши. Со моето претставување во енциклопедијата се оддава почит кон македонската школа за класична хармоника, чиј основоположик сум - вели Каракутовска.
Фото: приватна архива