X
 24.06.2020 Живот

Три часа пред полетување треба да сте на аеродром и постојано да носите маска. ТАВ Македонија објасни како ќе се лета од аеродромите во Скопје и Охрид

Пристигнување на аеродром најмалку 3 часа пред лет, постојано носење маска, одржување физичка дистанца, мерење на телесна температура... Ова се само дел од правилата што ќе важат за патување со авион при повторното отворање на аеродромите.

Меѓународниот аеродром - Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ - Охрид се отвораат на 1 јули 2020 година, по нивното затворање на 19 и на 16 март годинава. ТАВ Македонија соопшти дека двата аеродрома ќе се отворат за патнички летови почнувајќи од следната среда, 1 јули, со тоа што воведува нови правила за патување, со цел спречување на влез и ширење на Ковид-19.

- Ги следевме искуствата на другите аеродроми во светот со цел да видиме што тие спроведуваат и да ги искористиме најдобрите практики за да понудиме аеродромски услуги кои ќе овозможат соодветна хигиенска и здравствена заштита, со цел патниците, персоналот и партнерите да се чувствуваат безбедно. Притоа ги следевме препораките на Министерството за здравство, Светската здравствена организација (WHO), Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската Унија (EASA), Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO), Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за авиосообраќај (IATA), со цел да преземеме соодветни мерки навреме. Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание - вели Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Тој соопшти дека единствен отворен влез за патниците во терминалната зграда ќе биде влезот “Departures C”, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон), да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на бесконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата. Потоа на сите патници ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери.
- Она што е важно за целата јавност е да знае дека во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата што патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат - објаснува Ерсој.


Нема да биде дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалниците на аеродромот, на Заминувања (Departures), Пристигнувања (Arrivals) и кај излезите (Gates), туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани.

Целото соопштение на ТАВ Македонија може да го прочитате ТУКА.

Насловна фотографија: ТАВ Македонија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот