Родителите имаат примарна улога во формирањето на детската личност, а особено врската помеѓу мајката и ќерката, која учи и се формира според нејзиниот модел. Популарниот руски психолог
Михаил Лабковски ги истакнува најчестите грешки што ги прават мајките во односот кон своите ќерки, а истите влијаат врз нивното ментално здравје и вкупниот интегритет на личноста.
За да можат девојчињата да израснат во стабилни, задоволни личности, полни со самодоверба, според Лабковски, мајките би требало да ги избегнуваат овие 10 грешки при воспитувањето:
1. Отсуство на личен пример
Најголемата грешка што се прави при воспитувањето на децата, а во конкретниот случај – на девојчињата, со цел да усвојат определени знаења или вештини, е нивното програмирање со зборот „мораш“.
„Мораш да се однесуваш добро!“ „Мораш да научиш!“ „Мораш... ова или она“.
Постои многу поефикасен начин за усвојување определено знаење или навика, што го исклучува психолошкиот притисок врз детето. Наместо наредба, треба да се каже: „Ајде заедно да го направиме тоа и тоа“. И, се разбира, да го направите тоа!
Кога девојчето ќе забележи дека мајката со задоволство го прави нештото, и тоа ќе сака да го научи истото. Исто така, девојчето нема да ги усвојува оние знаења или вештини на кои мајката инсистира, а кои самата не ги практикува. Едноставно, девојчето потсвесно ќе го отфрла процесот на усвојување такви знаења.
2. Осудувачки став кон сексот
Втора честа грешка на некои мајки е нивниот осудувачки став кон мажите и сексот.
Ако мајките уште од детството им сугерираат на ќерките негативен став кон мажите, истакнувајќи дека „нив само едно ги интересира“, девојчињата ќе растат со чувство дека сите мажи се насилници, а сексот – е нешто непристојно и треба да се избегнува.
Нивните тела во пубертетските години кога се случуваат значајни хормонски промени ќе почнат да праќаат извесни сигнали, што ќе предизвикува спротивставени чувства. Тие ќе бидат распнати меѓу забраните што потекнуваат од мајките и внатрешните желби за партнерски врски и секс, од друга страна, што е особено трауматично за младите девојки.
3. Противречности што доведуваат до внатрешен конфликт
На девојчињата и денес често им се сервира надминатата формула за среќа според која најважно е „да се омажат и да добијат деца“. Дополнително, ако родителите гледаат на сексот како на „валкана работа“, резултатот од ваквата противречност ќе биде – внатрешен конфликт и страв од секаков однос или релација. Ваквите ставови сериозно го зголемуваат ризикот од губење на сопствената личност. Девојче кое е изложено на вакви притисоци при растењето може да ги изгуби од вид своите желби и можноста за реализација на она што навистина го посакува во својот живот.
4. Претерана заштита
Ова е посебен проблем. Мајката е посесивна, цврсто поврзана со својата ќерка, опкружувајќи ја со многубројни табуа, ги избира и ги критикува нејзините пријатели, ги повикува и постојано ги проверува. На ваквите девојчиња им е одземена слободата и можноста сами да носат одлуки, бидејќи некои од нив би можеле да бидат погрешни!
Процесот на раздвојување е сосема нормален кога зборуваме за тинејџери од 14 до 16 години. На оваа возраст кај нив се создава потреба сами да одлучуваат за своите потреби и треба да им се даде шанса за осамостојување.
Спротивно на ова, ако во текот на растењето мајката премногу се грижи за ќерката и ѝ ја одзема автономијата, може да се случи таа да израсне во несамостојна личност која секогаш ќе очекува од другите да ѝ ги решаваат проблемите.
5. Негативна слика за таткото
Без оглед дали таткото е дел од семејството или мајката сама ја одгледува својата ќерка, не постои причина за него да се зборува во негативен контекст или да се демонизира неговата појава.
Фигурата на таткото не смее да се омаловажува затоа што кај девојчето може да предизвика чувство на срам, одговорност и вина.
Детето не смее да биде оптоварено со односот меѓу родителите, ниту со она што тие го прават.
6. Ќотек
Се разбира, да се тепа дете без оглед на причината е недозволиво, но, сепак, физичката казна повеќе ги погодува девојчињата во однос на момчињата.
Девојчето што било тепано ќе израсне во инфериорна личност, со предиспозиции да прифати однесување на жртва.
Доколку таткото бил тој што ја казнувал ќерката со ќотек, голема е веројатноста подоцна таа да избира поагресивни партнери.
7. Отсуство на пофалби
Темелот на самодовербата и самопочитувањето се гради во детството. Ќерките треба да се пофалуваат и да им се нуди поддршка за да развијат чувство на љубов кон себе и да се развијат во здрави личности, полни со самодоверба. Тоа е клучно за нивната среќна иднина.
8. Кавги пред децата
Родителите не треба да се караат пред децата и тоа едноставно е неприфатливо. Особено доколку предметот на кавгата се личните особини на мајката или на таткото, како и меѓусебни обвинувања. Детето не би требало да го слуша тоа.
Доколку кавгата се случи во присуство на детето, и двата родители би требало да му се извинат на детето, да се смират и да објаснат дека не можеле да се носат со своите емоции.
Не треба да се заборави дека детето честопати ја презема одговорноста за сè што се случува во семејството.
9. Комуникација со (не)доверба
Станува збор за погрешна акомодација на девојките во чувствителната пубертетска фаза од развојот. Родителите честопати се определуваат за една од двете крајности: дозволуваат сè за да не ја изгубат комуникацијата со ќерката, или забрануваат сè со намера да ја заштитат. Ова не е решение.
Единствен начин да се надмине оваа чувствителна фаза се цврстиот став и љубезноста. Цврст став при одредувањето на границите и љубезност како добра волја во комуникацијата заради градење доверба.
На девојките во пубертет им е важно да имаат со кого да разговараат, кого да прашаат, да добијат одговори и на бесмислени прашања, да имаат со кого да ги споделат своите чувства.
Немојте да реагирате импулсивно на она што ви го говорат и не злоупотребувајте го она што ви го кажале во доверба. Во спротивно, возрасната ќерка би можела да констатира дека никогаш немала доверба во својата мајка.
10. Вплеткување во животните ставови
Девојките не се должни да негуваат систем на вредности што ги афирмираат бракот, родителството, одредена професија и сè друго што средината го очекува од нив.
Ќерката треба да се поддржи да го реализира својот живот онака како што самата го замислила, да биде тоа што таа сака да биде, да се прифати себеси и да се занимава со она што самата го избрала, независно од туѓите процени и очекувања.
Само во такви услови девојчето ќе израсне во среќна и самоуверена жена.