Британската писателка Вирџинија Вулф си го одзела животот на 28 март 1941 година - ги наполнила џебовите од палтото со камења и влегла во реката недалеку од семејниот дом. Зад себе оставила проштално писмо за нејзиниот сопруг Леонард Вулф.
Леонард и Вирџинија биле доста влијателни во светот на книжевноста и основачи на издавачката куќа „Хогарт прес“. Се венчале во 1912 година и имале еден вид отворен брак. Кружеле шпекулации за врските на Вирџинија со жени, но таа секогаш за Леонард зборувала како за совршен партнер, за што сведочат и писмата и нејзините дневници. Со последното писмо таа дала дефиниција за љубовта што ја чувствувала кон него, борејќи се со страшните стравови и потребата да го поштеди.
„Најдраги,
Убедена сум дека полудувам. Не можеме да поминуваме низ уште еден страшен период. Овој пат нема да закрепнам.
Почнувам да слушам гласови и не успевам да се сконцентрирам. Така што, ќе го направам она што ми изгледа како најдобро решение.
Ми ја даде најголемата можна среќа. По секое прашање беше најдобар маж. Не верувам дека двајца луѓе би можеле да бидат посреќни, додека не се појави оваа ужасна болест. Не можам повеќе да се борам со тоа, знам дека ти го уништувам животот и дека без мене би можел да работиш. И ќе можеш, го знам тоа.
Гледаш дека не успевам ни ова да го напишам како што треба. Не можам да читам.
Она што сакам да го кажам е дека ти ја должам сета своја животна среќа. Беше бескрајно трпелив со мене и неверојатно добар.
Ако некој можеше да ме спаси, тоа би бил ти.
Ме напушти сѐ освен увереноста во твојата
добрина. Не можам да продолжам да ти го уништувам животот. Мислам дека двајца луѓе не може да бидат среќни колку што бевме ние“.
В.