X
 02.08.2024 Технологија

Дали испраќате чувствителни податоци преку интернет? Внимавајте на овие работи

Деновите на испраќање на документацијата или рачно доставување за да се обезбеди сигурна испорака на чувствителни датотеки се зад нас. Иако не постои гаранција или безбеден метод за споделување датотеки преку интернет, подолу се дадени некои од најдобрите совети за побезбедно споделување чувствителни информации.

Ограничете го пристапот до датотеките

Кога испраќате чувствителни датотеки преку интернет, замислете ги како доверливи документи кои бараат строги безбедносни протоколи. Повеќето услуги за споделување датотеки нудат силни поставки за контрола на пристап, кои се клучни за заштита на вашите податоци. Стандардно, споделените врски може да му овозможат на секого пристап до датотеката, што претставува значителен ризик ако таа врска ненамерно се сподели со неовластени луѓе. Затоа, приспособете ги поставките, за да го ограничите пристапот до одредени луѓе. Доделете ги правата за пристап исклучиво на одредени адреси на е-пошта или регистрирани корисници на платформата. Ова значи дека само потврдените луѓе можат да ги гледаат, уредуваат или да даваат повратни информации за вашите датотеки.

Користете и напредни дозволи. Добро приспособете ги корисничките дозволи со одредување кој може да презема, уредува или само да прегледува датотеки. Ова спречува неовластена модификација и дистрибуција.

Овозможете истекување на врската. Со овој метод го ограничувате периодот во кој врската е достапна, намалувајќи ја можноста за неовластен пристап.

Следете ја активноста на датотеките со користење на функцијата за следење пристап до датотеки, што, се разбира, создава ревизорска трага за безбедносни цели.

Со овие мерки создавате дигитален еквивалент на безбеден, заклучен кабинет за поднесување документи, осигурувајќи се дека вашите чувствителни датотеки остануваат доверливи и само во рацете на оние што треба да ги видат.

Редовно ажурирајте го вашиот софтвер

Ако вашиот систем не е безбеден и заштитен – и вашите датотеки не можат да останат безбедни и заштитени. Со редовно ажурирање на софтверот на вашиот оперативен систем и апликациите што ги користите помала е веројатноста да бидете изложени на одредени пропусти. Оваа практика не е само препорака - таа е клучна компонента на силна стратегија за сајбер-безбедност.

Користете лозинка

Ако можете, заштитете ги споделените податоци со лозинка. Тоа е дополнителен слој на заштита за пристап до вашата датотека. Заштитата со лозинка бара секој што има пристап до уредот на примачот да ја знае и лозинката за пристап до вашата датотека. Размислете за користење управувач со лозинки за генерирање и складирање сложени лозинки.

Изберете сигурни услуги за споделување датотеки

Кога станува збор за пренос на чувствителни податоци онлајн, интегритетот на услугата за споделување датотеки што ја користите е најважен. Изборот на доверливи платформи може значително да го намали ризикот од неовластен пристап или прекршување на податоците. „Мајкрософот уан драјв“ е интегриран со „Виндоус“ и „Офис 365“ и обезбедува безбеден и ефикасен начин за складирање и споделување датотеки, со напредни функции како што е „Персонал волт“ - за дополнителен слој на заштита.

„Дропбокс“ е пионер во складирањето во облак и нуди безбедносни карактеристики на високо ниво, вклучувајќи автентикација со два фактори и шифрирање на датотеки, што го прави добар избор за чувствителни информации.

Познат по својот едноставен кориснички интерфејс, „Гугл драјв“ нуди робусни опции за споделување и моќни алатки за соработка, а истовремено гарантира дека вашите податоци се заштитени со водечки безбедносни мерки во индустријата.

Шифрирајте ги податоците

Ако сајбер-криминалците пресретнат датотека што ја испраќате преку е-пошта која е шифрирана, тогаш датотеката ќе биде нечитлива и бескорисна за нив. Со шифрирање на датотеките создавате огромна бариера што ја зачувува доверливоста на вашите податоци.

Овозможете проверка во два чекора

Во денешниот дигитален свет заштитата на чувствителните датотеки за време на преносот на мрежата е многу важна, а една од најефикасните безбедносни мерки на располагање е автентикацијата со два фактори (2ФА). Овој напреден безбедносен протокол бара два докази за идентитет, што значително ја подобрува заштитата на вашите дигитални средства. Кога ќе овозможите 2ФA, прво ќе ги внесете вашето корисничко име и лозинката, проследено со друга форма на идентификација, како што е код испратен до вашиот мобилен уред, отпечаток од прст или препознавање лице.

За побезбедно искуство, размислете за користење апликации за автентикација кои генерираат кодови што постојано се менуваат. Исто така, добро е да имате резервни кодови или секундарен уред за автентикација во случај вашиот примарен метод 2ФA да не е достапен. Вградувањето 2ФA во вашата безбедносна рутина гарантира дека вашите чувствителни датотеки остануваат добро заштитени додека се испраќаат преку мрежата.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија